Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
 


Интервју со Атанасиос Парисис: Европа мора да ја притисне Грција

24 февруари, 2009

Отпечати ја страницата

Anastasios Parisis „Европа мора да креира некоја институција, посебно тело преку кое ќе може да ја санкционира Грција и нејзиното упорно одбивање да ги прифати препораките што доаѓаат од Брисел на атинска адреса“, вели Атанасиос Парисис, претседател на грчкиот комитет на ЕБЛУЛ (Европско биро за помалку употребувани јазици). Додека не се случи тоа, смета Парисис, препораките од Стразбур и од други центри што водат сметка за човековите права за културните и за јазичните разлики ќе останат на ниво на - препорака.

Виножито во соработка со грчкиот комитет на ЕБЛУЛ го издаде „Абецедарот“ кој во 20-тите години на минатиот век требаше да биде четиво за македонските деца да го учат сопствениот јазик. Дали Грција прави нешто во тој правец?
Ќе ви одговорам едноставно. Цивилното општество во Грција се' уште не е развиено до тој степен граѓанските иницијативи и движења да бидат третирани сериозно. Тоа не го прават ни медиумите во мојата земја кои работат во „кооперација“ со централната власт, која ги контролира сите написи. Оттаму вие не можете да очекувате дека некој во Грција сериозно ќе се загрижи околу прашањето за учењето македонски јазик од страна на припадници на малцинство кое Грција не го признава, а уште помалку дека тоа ќе било на некаков идиом за кој и самата грчка држава не значи тоа.

Интересна е грчката кованица за македонскиот јазик за малцинските Македонци во таа земја, дека тоа е некаков идиом.
Напротив, многу е едноставно. Властите во Атина се обидуваат да изнајдат понижувачка терминологија за нешто што тие не го признаваат. Велат идиом, истото тоа им го продаваат на странските експерти кои доаѓаат во земјата и кои се интересираат за културната и за јазичната различност. Но, убеден сум, ниту во Атина ниту никаде во светот некој знае да го објасни терминот идиом. Што значи тој. Дека е јазик кој е сличен на некој близок?

Како во Грција беше проследен Денот на мајчиниот јазик како празник на ОН, кој се случи минатиот викенд?
Знаете, во Грција тешко поминуваат теми како мајчин јазик, ден на човековите права, ден за ова или за она. Државата која ги контролира медиумите води сметка само за националните прашања.

А тие се...
Кипар, односите со Турција, скопското. Тие треба секој ден да бидат третирани на соодветен начин во медиумите, ништо надвор од тоа не може да се протне во општеството кое се' уште има проблеми околу слободните граѓански движења.

Дали имаше реакции на извештајот од Стразбур во кој комесарот за човекови права на Советот на Европа бара од Грција да ги признава малцинствата на сопствената територија?
Имаше еден коментар во „Вима“ неделава, кој беше релативно коректен и ја критикуваше грчката практика во однос на малцинските прашања, поради која Грција има сериозни проблеми во надворешната политика. Написот може да се чита и вака и онака.

Што значи за Вас препораката од Стразбур дека Грција треба да почне да ги применува европските норми и на малцинските групи на сопствена територија?
Практично ништо. Радосни сме што има интелектуалци кои сакаат да ги согледаат работите, но немаат доволно сила своите ставови јавно да ги изнесат. А и да сакаат, нема кој да им ги објави. Во Грција се' уште постои невиден терор кон луѓе кои размислуваат различно од официјалната политика во земјата.

Како во Грција беше третиран говорот на Бакојани, која обелодени дека стратегијата на Грција кон Скопје била направена пред летото 2007 година?
Забележав изненадување во Македонија. Во Грција немаше такво нешто. Секој просечен човек во Грција однапред знаеше кои се позициите на Грција пред Самитот во Букурешт.

Вие сте претседател на грчкиот комитет на ЕБЛУЛ, а Ваш заменик е Сотиров Плецаф, припадник на влашкото малцинство во Грција. Како ја оценувате вашата досегашна работа на планот на промовирање на малцинските јазици во Грција?
Се трудиме, но резултати нема. ЕБЛУЛ е формирано во 1981 година со намера 40 милиони луѓе кои зборуваат различен јазик од оној во матичната држава да се ослободат од комплексот на „неупотреблив, непотребен, мал, контрапродуктивен“ јазик и тоа мора да признаам уште е во сите држави на европскиот континент. Преку националните комитети како што е нашиот во Грција и со помош на европските институции, тела, конвенции успеаја да ги убедат владите да ја сфатат големината на културната и етничката различност како богатство, а не како хендикеп. Тоа не се случи во Грција и како што гледам и новата европска членка Бугарија нема намери да ја промени својата ретроградна политика во однос на малцинствата.

Грција се брани дека прашањето на малцинствата се толкува различно.
Бидејќи немаат други инструменти на одбрана, тие се повикуваат на договорот од Лозана од 20-тите години на минатиот век, кога беа дефинирани границите на Грција и кога беше констатирано дека во таа земја постои малцинство кое зборува турски јазик.

Велите турско. Грција е земја која не признава такво нешто на своја територија.
Процесот е ретрограден. Ако до пред 20-ина години турското малцинство во Грција смееше да користи турски без разлика дали станува збор за образование, јазик, етничко потекло, од почетокот на 90-тите и тоа е забрането. Интересен е, иако би рекол драстичен, случајот кога на Друштвото на турски научници од западна Тракија му беше забрането да се пререгистрира со препорака наместо турски да го употреби терминот муслимански. Тој случај се најде во Стразбур, а Судот одлучи дека друштвото било во право. Но, имам впечаток дека и тој случај ќе заврши како и одлуката на Стразбур да се признае Домот на македонската култура во Лерин, кој грчката држава упорно одбива да го признае.

Значи, Грција не го признава Стразбур?
Напротив, грчките медиуми ликуваа кога извесна Луизиду, жителка на грчкиот дел од Кипар, во Стразбур го доби спорот според кој за имотот во Северен Кипар треба да добие финансиска сатисфакција доколку не и' биде вратен. Тој случај отвори лавина која Стразбур веројатно нема да може да ја издржи. Само како пример: деновиве главна сторија во грчките медиуми е приказната за група обесправени Грци кои во Стразбур го добија спорот, а за својот имот во Северен Кипар ќе треба да добијат месечна отштета во висина од 20 милиони евра. Се разбира, ако не им биде вратен сега и веднаш.

Грција не е многу возбудена околу прашањето за имотите на протераните во војната во 1948 година.
Тоа е лицемерие. Ако Кипар е различна држава од Грција, несфатливо е зошто Грција има негативен однос за идентичен случај кога се во прашање нејзините граѓани. Граѓани на една земја не се определуваат со ДНК, туку според местото на раѓање, на живеење, плаќање даноци, служење воен рок. Очигледно е дека за егејското прашање Грција не сака да се изјасни. Затоа велам дека мора Европа да измисли коректив што ќе ги санкционира таквите неевропски однесувања на сопствените членки.

Димитар Чулев


Извор: „Утрински весник“

 
Join Us Videos Follow Us

ACT NOW and SHARE

MHRMI needs your support

Can you spare a dollar a day for Macedonian human rights?
The Macedonian human rights movement in all parts of Macedonia is stronger and showing more potential than ever, but we need your help to continue our progress. Get involved. Volunteer. Donate. Join the MHRMI Dollar a Day fund and make a difference.

You can make a difference for Macedonians struggling to achieve their human rights. Please do it today. Thank you for your support.


Click here for more info
June 2016




Sign On & Show Your Support

Search the Web
Search the MHRMI Archives
 
© 1997-2015 Macedonian Human Rights Movement International - All Rights Reserved.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting