Селективната осуда овозможува убиства
Не смееме да дозволиме земјите да бидат напаѓани, не смееме да дозволиме убивање на невини цивили, да се вршат државни удари врз демократски избрани влади, да се напаѓаат основните човекови права на луѓето - сето тоа во име на садистички странски водач кој се грижи само затоа неговата земја да доминира (или да ја врати доминацијата) со светот.
Не смееме да му дозволиме да го извртува наративот и безочно да лаже за нешто што на сите (буквално) ни е крајно очигледно. Ако трагедија која што можела да биде избегната ја нарекуваме со друго име, тоа не ја менува неговата одговорност во предизвикувањето на се повеќе човечко страдање.
Не смееме да му дозволиме и понатаму безмилосно да ги гази тие што не се согласуваат, и да ја извртува критиката на неговите политики како да е поддршка за непријателот.
Сите ние се залагаме за демократија, правото на само-определување и за човековите права.
Сите се согласуваме - Соединетите Американски Држави мора да бидат запрени.
Ако сега одеднаш престанавте да се согласувате со мене, значи дека или намерно се правите слепи за хаосот што САД го предизвикуваат низ светот, или пак мислите дека убиствениот интервенционизам на САД е на некој начин „оправдан“.
Сум се сретнал со претставници на американскиот Стејт Департмент и со советници за надворешна политика кои со сето срце веруваат дека се во право. Нивното однесување можам да го опишам само како надреална социопатија. А сепак, тие се „експертите“ кои западните медиуми ги избираат кога сакаат да објават анализа за (вметнете го актуелниот денешен конфликт отпочнат од САД).
Секое кршење на човековите права и сите воени злосторства треба да бидат осудени, не само оние случаи за кои Соединетите Држави ќе ви кажат да ги осудите - додека ги прикриваат сопствените злосторства.
Земете било кој меѓународен конфликт и знајте дека Соединетите Држави се вмешани, дали преку отворена војна, војна преку посредници, напади со дронови, бомбардирање, државни удари, санкции, изгладнување на цивилите, кршење на основните човекови права и масовно убивање во размери во кои ниту една држава не може ни да им се приближи.
Не ме интересира кога сериски убиец критикува друг убиец.
Да ви ја раскажам мојата приказна.
И покрај тоа што мојата земја беше на сојузничката страна во двете светски војни, Соединетите Држави и Обединетото Кралство по Втората Светска Војна решија да бомбардираат недолжни цивили (меѓу кои и моето семејство) во поддршка на држава која веќе уби и протера стотици илјади мои сонародници во обид да го избрише нашето постоење.
Да, ете кого поддржуваат САД. Не е ни за чудење. Сетете се како САД ги помагаа Садам Хусеин и Осама бин Ладен.
По ова, САД со децении ги поддржуваа нашите угнетувачи - при што вооружуваа и терористи кои почнаа војна против нас - а во изминатите години САД максимално ги засилија нападите врз нашиот етнички идентитет и независноста. Ни ја урнаа владата, инсталираа диктатор, брутално го гушат секое спротиставување, наредуваат и вршат и физички напади, заплашување, уцени и ги апсат моите сонародници низ целиот регион.
Зошто? За да им угодат на нашите угнетувачи - кои се уште сакаат да не избришат од мапата - со цел да ја принудат нашата земја да влезе во НАТО (за што предуслов е нашата земја со сила да биде преименувана, нашиот идентитет да биде сменет, а историјата - избришана), а сето тоа, секако, за да го зајакнат американскиот империјализам.
Дали ги осудувате овие постапки? Секако дека да.
Мојата земја е Македонија. Дали се уште ги осудувате овие постапки или ќе чекате САД да ви дозволат да ги осудите?
Сите зли постапки мора да бидат осудени, независно кој е извршителот. Селективната осуда овозможува убиства.
Бил Николов, претседател
Македонско Меѓународно Движење за Човекови Права
twitter.com/billnicholov