Европската Слободна Алијанса го повикува Советот на Европа да продолжи со набљудување на малцинските права, а особено правата на Македонците во Бугарија
Соопштение за јавноста од Европската Слободна Алијанса
Намалувањето на меѓународниот надзор врз Бугарија би го поткопало кредибилитетот на системот за заштита на човековите права на Советот, бидејќи земјата не ги исполнува одлуките на Европскиот Суд за Човекови Права
Време е Советот на Европа да ги засили своите напори за заштитата на малцинските права во Бугарија. На 2 декември, Комитетот на министри ќе се состане за да одлучи дали да продолжи со следење на кршењето на малцинските права од страна на Бугарија или да го намали меѓународниот надзор по ова прашање. ЕФА го повикува Комитетот на министри да одржува засилен мониторинг врз Бугарија се додека не се постигне опипливо и проверливо ниво на почитување на малцинските права.
Ние во ЕФА сме загрижени за состојбата со малцинските права во Бугарија. Таа земја упорно одбива да ја признае македонската заедница и да регистрира било која македонска организација, со тоа кршејќи го член 11 од Европската конвенција за човекови права. Меѓународните тела како што се Европскиот Суд за Човекови Права и самиот Комитет на министри на Советот на Европа повеќе пати препорачуваа да се преземат потребните мерки. Бугарија воедно избегнува да ги спроведе одлуките донесени од овие институции.
Поради тоа, „ние не би имале разбрање доколку Советот одлучи предвремено да престане со набљудувањето на ова прашање. Тоа би го поткопало авторитетот на Европскиот Суд за Човекови Права (ЕСЧП) и кредибилитетот на системот за заштита на човековите права на Советот на Европа“, рече потпретседателот на ЕФА Керем Аптурахим Оглу.
Како дојдовме до тука?
Ситуацијата е особено загрижувачка. Прашањето ќе дојде на масата на Комитетот на министри откако Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на 1 октомври одлучи да го затвори својот пост-мониторинг дијалог со Бугарија и наместо тоа да го разгледува бугарскиот напредок во рамките на периодични проверки. Тоа е резултат на напорите на Бугарија да ја ограничи својата одговорност во врска со правата на Македонците во земјата.
Советот го следеше почитувањето на правата на малцинствата од страна на Бугарија откако ЕСЧП утврди дека правата на македонското малцинство се прекршени: Македонците не се признати, а македонските организации не се регистрираат. И покрај дадените препораки, се уште ниту една македонска организација не е успешно регистрирана. Пример е партијата членка на ЕФА, ОМО Илинден-Пирин, на која сакаме да и ја изразиме нашата поддршка и нашата посветеност кон правдата, еднаквоста и правата на малцинствата низ цела Европа.
Претседателката на ЕФА, Лорена Лопез де Лакале, изјави: „Според бугарските власти, македонското малцинство не е присутно во Бугарија, и не постои. Но, тие граѓани бараат целосно признавање, вклучително и слобода на здружување и политичко претставување. Демократските права на политичко постоење на македонското малцинство во Бугарија треба целосно да се почитуваат. Го повикуваме Комитетот на министри на Советот на Европа да ги зголеми своите дипломатски и политички контакти со Бугарија, и да обезбеди земјата да дејствува во согласност со највисоките демократски стандарди утврдени од европските и меѓународните организации.“
За време на пленарната седница на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), известувачите заклучија дека Бугарија не ги исполнила своите обврски во врска со правата на малцинствата. Но, и покрај сите факти и докази, ПССЕ сепак одлучи да го запре пост-мониторинг дијалогот со Бугарија.
По одлуката на ПССЕ, Комитетот на министри ќе биде тој што ќе го разгледа затворањето на мониторингот на македонската група случаи на 2 декември. „Ако институцијата сака да го задржи својот кредибилитет, таа одлука може да се движи само во една насока: да продолжи да ја следи Бугарија се додека земјата не ги спроведе одлуките на Судот и не обезбеди непречена регистрација на македонските организации“, рече генералниот секретар на ЕФА, Ориол Кејс.
Партиите членки на ЕФА, загрижени од ова прашање и солидарни со македонската заедница, го издадоа следното соопштение.
