Macedonian Human Rights Movement International
Totalitarizmot na Bugarija licemerieto na EU
Op-ed

Тоталитаризмот на Бугарија, лицемерието на ЕУ


Дали ќе дозволиме тоталитарното минато да навлезе во нашата заедничка европска иднина?

Објавено и претставено: https://www.e-f-a.org/2021/03/29/op-ed-will-we-allow-the-totalitarian-past-to-enter-our-common-european-future/

Доктор Стојко Стојков е ко-претседател на Обединетата Македонска Организација „Илинден“ ПИРИН, политичка партија која го претставува македонското малцинство во Бугарија и е членка на ЕФА

Европската Унија (ЕУ) гордо претендира да изгради општество засновано на инклузивноста, толеранцијата, правдата, солидарноста и недискриминацијата. Промовирањето на слободата, човечкото достоинство, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права се дел од таканаречените „Копенхагенски критериуми“ кои сите земји членки мораат во целост да ги исполнат пред да станат дел од ЕУ. Преку овој процес, старите „болести“ на континентот се „лекуваат“ и се оставаат во минатото, што гарантира подобра иднина за сите нас.

Така е барем во теорија. Во реалноста, човековите права, а особено малцинските права, се потиснати на дното на листата на приоритети на европската интеграција. Дозволете ми да го илустрирам ова со една тажна но вистинска приказна. Пред осум децении, исплашена дека ќе загуби дел од својата територија, комунистичка Бугарија реши дека единствениот пат за неа е да ги асимилира своите малцинства во една „обединета, социјалистичка, бугарска нација“. Ова беше направено преку таканаречениот „процес на обнова“, чија цел во разни период беа сите малцинства кои традиционално живеат во Бугарија - Турците, ромите, Помаците, Македонците и другите. Асимилирањето на етничките Македонци почна во 1963 година под Тодор Живков, кој прогласи дека „такво малцинство не постои и не може да постои во Бугарија“, по што испрати стотици луѓе во затвори и во интернациски кампови. Асимилирањето на Македонците во Бугарија продолжи и по падот на комунизмот. Поради геополитички причини (желбата да го извлече регионот подалеку од руското влијание) ЕУ ја прими Бугарија за членка без да бара од земјата да ги исполни критериумите за заштита на малцинствата. Европската Слободна Алијанса (ЕФА) со право протестираше и бараше од Бугарија да го признае македонското малцинство пред да биде примена во ЕУ. За жал, мнозинството евро-пратеници беа повеќе загрижени за геополитиката отколку за правдата и човековите права. и така предлогот на ЕФА не доби мнозинство во Европскиот Парламент.

Пред Советот на Европа се дури 14 пресуди донесени од Европскиот Суд за Човекови Права кој пресуди против Бугарија, а во полза на Македонците, но и тоа не ја смени состојбата. ЕУ продолжува да се амнестира себеси по прашањата на човекови права, особено на малцинствата кои се оставени на милоста на земјите членки. Се е оставено на „добрата волја“ на земјите членки. Во Бугарија, ова е со зла заднина. Малцинствата се третираат како непријатели на државата, како „закана за националната безбедност“, како проблем за „единственото нацијата“ и „опасност за територијалниот интегритет“. Ова е секојдневната реалност на припадниците на македонското малцинство во Бугарија.

Но проблемот не запира тука и не останува само во границите на Бугарија. Како болест која не се лекува на време, проблемот се шири и се заканува да ја инфицира и самата Европска Унија. Охрабрена со нејзиното прифаќање како членка на ЕУ заедно со нејзиното тоталитарна политика и кршењето на малцинските права, Бугарија сега се обидува да ја наметна својата волја врз други држави. Откако беше примена во ЕУ без да го признае македонското малцинство, Софија официјално сака негирањето на постоењето на македонското малцинство да стане услов за прием во ЕУ, и тоа го наметна како официјална причина за ставањето на вето на почетокот на преговори со Македонија!

За жал, ова се случува кога проблемите нема да се решат кога се во зародиш. Со години поборниците на човековите права се залагаа за правата на Македонците во Бугарија, но се судираа со оперативниот принцип на европските институции: ако нема конфликт - нема проблем; оваа пракса неминовно води кон ескалација на проблемите во конфликти. Што не води до две важни прашања за кои треба да размислиме: дали ќе дозволиме држави како Бугарија дискриминацијата да ја претворат во европска вредност? Дали ќе дозволиме тоталитарното минато да влијае на нашата заедничка иднина? Македонците од Бугарија ги очекуваат одговорите...

доктор Стојко Стојков