1933 Позиција на ОМО "Илинден" - ПИРИН во врска со референдумот за името на Р. Македонија 11 Септември, 2018 1933 На своја седница одржана на 9 септември 2018 г. во Благоевград Централниот совет на ОМО "Илинден"-ПИРИН го разгледа прашањето за претстојниот референдум во Р Македонија во врска со името на Р Македонија и ја донесе следната позиција: - Поаѓајќи од очигледната несправедливост на наметнатиот од грчкиот национализам проблем и сознавајќи дека надвор од секакво сомнение мотивите на грчката страна се насочени против македонската нација, идентитет и македонското малцинство во Грција; - Поаѓајќи од фактот дека договорот со Грција, како и оној со Бугарија, не се рамноправни и не ги затвараат проблемите, а создаваат механизми за постојано уценување на Р Македонија во процесот на нејзината евроинтеграција од страна на Грција и Бугарија и тоа во насока истата да се откаже од секакво тврдење дека постои македонска нација и малцинства; - Сознавајќи дека како последица од тоа, овие договори несправедливото барање за менувањето на името на Р Македонија како услов за почеток на преговори за евроинтеграција, реално можат да го заменат со друг услов - демолирање на македонската нација како услов за влез во Европа, или како што веројатно ќе биде наречено: "целосно имплементирање на договорите со Грција и Бугарија"; намера, која е недвосмислено најавена од Грција и Бугарија со зборовите: "Македонија во Европа - да, македонизмот - не!"; - Забележувајќи дека Грција и Бугарија не кријат дека според нив овие договори го "решаваат" прашањето за македонските малцинства на нивна територија во смисла на нивно целосно бришење; - Свесни дека целиот процес се одвива под силен надворешен притисок, кој ни најмалку не е мотивиран од благородни и алтруистички мотиви, идеали и принципи, туку од желба за гео-стратегиско позиционирање и зацврстување на своето влијание во регионот; - Изразувајќи поради тоа разбирање кон тешката и деликатна позиција во која се наоѓаат македонската држава и нејзината влада; - Свесни дека правото, демократијата и референдумот не играат никаква друга улога во целиот процес освен во улога на смоквен лист кој треба да го прикрие насилството врз цел еден народ под превезот на "доброволност" и "заемна согласност". - И оценувајќи како очигледен факт дека решава силата а не правото; ОМО "Илинден"-ПИРИН е на мислење дека единствениот можен и достоинствен став во едно време на неправда и отсуство на прифатлива алтернатива е народот да одбие да соучествува во сопственото понижување и обезличување и да не дава алиби на насилниците, преку бојкотирање на овој наметнат од надворешни сили "референдум". Централен совет на ОМО "Илинден" - ПИРИН