
Померој: Македонија има сериозен пристап во преговорите за името

Македонија има сериозен пристап во преговорите за името и без преседан е во историјата на НАТО - една земја да спречи друга да стане дел од Алијансата поради билатерално прашање.
Ова, за Гласот на Америка на македонски јазик, го изјави конгресменот - демократ од Северна Дакота Ерл Померој.
"Има две страни во разговорите под посредство на американски дипломат, во обид да се најде решение. Една од нив - Македонија е многу сериозна во обидот да се постигне спогодба. Сметам дека другата страна во разговорите не е толку сериозна во постигнување решение. Понекогаш луѓето претпочитаат разговорите да ги држат "живи", отколку да ги разрешат", рече конгресменот Померој.
Според него, мошне е важно меѓународната заедница да помогне во изнаоѓање решение со цел Македонија да влезе во НАТО, и во правец на интегрирање во ЕУ:
"Од моја перспектива, Македонија сака да се постигне решение. Тие очајно сакаат да станат дел од НАТО, како и да станат дел од Европа. Мислам дека Грција има заземено премногу цврст став и според мене, тоа не носи добро никому", додава американскиот конгресмен.
Померој смета дека во случајот со Македонија е направен многу лош преседан.
"Никогаш порано во историјата на НАТО не се случило една земја да го искористи приемот на друга земја во Алијансата со цел да издејствува некои невообичаени отстапки. Сметам дека ова е билатерално прашање, што не треба да го попречи учеството на Македонија во заедницата на нации", вели Померој.
Прашан дали може да уследи промена на американската политика во однос на признавањето на уставното име на Република Македонија, без оглед на тоа дали иден претседател на САД ќе биде републиканецот Џон Меккејн или демократот Барак Обама, Померој рече дека САД ја признале Република Македонија и дека "тоа е - и ќе биде позицијата на САД".