Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
 
 


Kонгресмени ja поддржаа Македонија за името

6 октомври, 2007

Извор

Отпечати ја страницата

Двајца американски конгресмени и изразија поддршка на Македонија во нејзините обиди да го задржи своето уставно име, и покрај противењето на Грција, нагласувајќи оти ниту една земја нема право да бара од друга држава да се нарекува со одредено име или да го менува своето сегашно име.

„Време е нашите пријатели Грци, да им овозможат на македонските граѓани да го уживаат своето суверено право самите да си го одредат името на својата земја. Време е Грција да се откаже од забелешките што ги изнесува на политичката арена и да ги остави настрана историските дебати за Александар Македонски и древните Македонци. Ние живееме овде и сега и мораме да гледаме кон иднината“, нагласи Марк Е. Саудер, конгресмен од американската сојузна држава Индијана, во обраќањето во средата пред Претставничкиот дом.

Тој напомена дека Грција постојано го потенцира својот историски придонес за развој на современата демократија, за што светот навистина и се заблагодарува.

„Да и дозволиме и сега на Грција и натаму да придонесува кон својата долгогодишна традиција на поддржување на демократските вредности, со што ќе им дозволи на граѓаните на Република Македонија да се нарекуваат себе си онака како што од секогаш се нарекувале и да ги остави настрана своите забелешки кон оваа земја, која отсекогаш сакала само пријателство и се докажала како голем пријател и сојузник“, истакна Саудер.

Тој потенцира дека Македонија дава голем придонес за стабилноста во регионот на Југоисточна Европа и во повеќе наврати се докажала како голем пријател и сојузник на САД, но и како добар пријател на нејзините соседи.

„За жал, нашиот пријател Грција не ја поддржува Република Македонија. Грција во 1993 година и повторно во 1995 воведе економски санкции кон Македонија, бидејќи тврди дека има ексклузивно право на името „Македонија“ и не го омекна својот став и покрај фактот што Македонија веќе го промени своето знаме и својот устав за да ги отстрани грчките стравови“, нагласува Саудер.

Кон ставот на Саудер се приклучува и конгресменот Бил Паскрел од Њу Џерси, кој напомена дека Македонија под уставното име веќе ја признале 118 земји во светот, а меѓу нив и САД, Русија и Кина, а од неодамна и Канада.

Паскрел истакна дека документот Х. Рез. 356 на Конгресот се базира на погрешни тврдења и невистини за Република Македонија.

Тој нагласи дека формулацијата „поранешна југословенска република Македонија“, што се користи и во документот е контроверзна и додаде оти ова е став кој го делат сите 188 држави, кои ја признале земјата под уставното име.

Двајцата конгресмени нагласуваат дека и покрај однесувањето на Грција, Македонија од своја страна не тврди дека има ексклузивитет на името „Македонија“ и не и забележува на Атина доколку таа го користи.

„Важно е да се потенцира дека Македонија отсекогаш нагласувала дека нема ексклузивно право на името „Македонија“, во географска, културна, историска или комерцијална смисла. Иако Грција е незадоволна од уставното име на Македонија, македонската Влада со право верува дека една земја нема право да и диктира на друга како да се нарекува себе си“, изјави Паскрел.

Тој ги оцени како невистинити тврдењата на Грција дека Македонија шири пропаганда за тоа дека има право на дел од грчката територија и додаде оти Атина е непотребно загрижена дека нејзиниот северен сосед има иредентистички амбиции кон Грција.

„Македонија во 1995 година го потврди принципот на неменливост на границите, со оглед на тоа што во нејзиниот Устав стои дека таа нема територијални претензии кон ниту една соседна држави. Очигледно е дека една мала мала демократска земја, со два милиони жители не може да преземе територија од поголема земја со повеќе од десет милиони жители. Македонија сака само мир со својот сосед и постојано го повторува тој факт“, истакна Паскрел.

Тој уште нагласи дека во споменатиот документ се наведува дека неодамна Македонија аеродромот во Скопје го именувала по Александар Македонски, што според Грција имплицира дека земјата се обидува да ја врзе личноста на големиот војсководец исклучиво за својата историја.

„Александар Македонски е мошне значајна личност во историјата на целото човештво и тој е дел од универзалната свест. Ниту една земја нема право на сопственост над Александар Македонски. Аеродромот во Охрид е именуван по апостолот Павле, исто така универзална историски позната личност, но никој на Македонија не и забележа за тоа“, вели Паскрел.

И двајцата конгресмени нагласуваат дека Македонија и Грција и покрај спорот со името одржуваат тесна соработка во многу сфери.

Тие истакнуваат дека грчките бизнисмени инвестираат во големи бизниси во Македонија и при тоа немаат проблем со името.

Паскрел потенцира дека американскиот Конгрес треба да го поддржи процесот на решавањето на спорот меѓу двете земји на билатерално ниво.

     
Join Us Videos Follow Us



ACT NOW and SHARE

Macedonian newspaper
in Albania

Proudly supported by MHRMI

MHRMI needs your support

Can you spare a dollar a day for Macedonian human rights?
The Macedonian human rights movement in all parts of Macedonia is stronger and showing more potential than ever, but we need your help to continue our progress. Get involved. Volunteer. Donate. Join the MHRMI Dollar a Day fund and make a difference.

You can make a difference for Macedonians struggling to achieve their human rights. Please do it today. Thank you for your support.


Click here for more info
June 2016


Search the Web
Search the MHRMI Archives
 
© 1997-2017 Macedonian Human Rights Movement International - All Rights Reserved.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting