Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
 
 
 


Интервју со првиот Македонец избран за градоначалник на Преспа, Албанија

9 март, 2007

Read this page in English

Извор
(Преведено од персоналот на Обединета Македонска Дијаспора)

Отпечати ја страницата

На локалните избори во Албанија, одржани на 18 февруари годинава, првпат Македонците во Мала Преспа добија градоначалник од својата партија - Македонска алијанса за европска интеграција. 35-годишниот Едмонд Темелко, кој ветеринарството го замени со политиката, го доби мандатот од гласачите да биде градоначалник на Општина Преспа. Со тоа стана првиот Македонец што ќе ја извршува таа одговорна функција.

Интервју со Едмонд Темелко за македонскиот дневен весник “Дневник“ (Вера Тодоровска)

Разговорот е објавен на 9 март 2007

1. Во предизборната кампања често знаевте да кажете дека е ова историска шанса, која Македонците ја искористија. Тие навистина покажаа дека Ви веруваат. Што значи тоа за Вас и за Македонците во Албанија во целина?

Ова се најбитни моменти во развојот на Македонците во Албанија, историски моменти што навистина ќе се паметат и македонскиот народ ја искористи својата шанса да гласа за својата партија и за нејзиниот кандидат. Македонците во Албанија не можат целосно да ги остварат своите загарантирани права - школување на мајчин јазик, употреба на симболите, вклучување во институциите на системот. Ние се изборивме и регистриравме партија - Македонска алијанса за европска интеграција. Тоа е најважен историски момент за сите Македонци во Албанија и тука е клучот за натамошен развој на правата на Македонците. Тие покажаа зрелост, гласаа за себе, за својата партија и за својот кандидат и со тоа му докажаа на албанското општество дека и ние сме луѓе на кои треба да им се обрати внимание, односно да бидеме дел од решавањето на тие проблеми.

2. Преспа е еден од најсиромашните региони во и онака сиромашната Албанија. Што ќе направите за да се подобри состојбата?

Во Преспа нема асфалтирани патишта, селата се без вода за пиење, без струја, без телефонска мрежа, со многу социјални случаи и голема невработеност. Познати ми се сите проблеми и ние ќе настојуваме тие да се решат. Затоа излеговме со конкретна програма, конкретен план за развој. Со проекти ќе им се понудиме на сите меѓународни фондации, странски амбасади и албанските власти и на матичната земја - Република Македонија, за да му се помогне на тој народ, кој заслужува нормален и добар живот. Ние сме лојални граѓани на Албанија, ги почитуваме законите, ги плаќаме таксите и давачките, а за возврат ни се потребни подобри услови за живот.

3. Подрачјето опфаќа девет села населени исклучително со Македонци. Се зборува македонски, се негуваат македонските обичаи и традиции. Тоа е подрачје со природни убавини и богатства. Сепак, ако само кратко се престојува таму, се чини дека се' е оставено на заборавот. Како Вие ја гледате Преспа во иднина?

Бог ни дарувал природни убавини и културно богатство, со доста пештерски цркви, кои му даваат привлечност на тоа подрачје. Ние Преспа ја гледаме како туристичка атракција за секој човек, да направиме услови за развој на семејниот туризам, за населението да се раздвижи, за секој да може парчето леб да си го заработува во своето место. Народот во Преспа е гостопримлив, љубезен, кој на туристите ќе им даде топлина и убав престој. Тоа е главната точка во нашата програма. Освен тоа, Македонците во Преспа навистина ќе се чувствуваат слободни по оваа победа, слободно ќе се употребуваат симболите на Општината, македонскиот симбол, односно знамето со 16 краци, ќе се употребува македонскиот јазик, кој, според програмата, треба да биде втор службен јазик во нашата општина. Ќе ги вратиме вистинските имиња на населените места, кои беа сменети за време на владеењето на диктаторот Енвер Хоџа.

Повик до македонските бизнисмени

Македонците во Мала Преспа имаат многу надежи, а имам и јас лично, иако Македонија не е многу богата земја. Ние се надеваме на поддршка за остварување на нашата програма. Навистина се надеваме на добра поддршка, бидејќи за нас како малцинство во Албанија е гордост што имаме матична земја, на која можеме да и' се обратиме и за добро и за лошо. Благодарен сум им на државниот врв и на сите во Република Македонија што ни дадоа морална поддршка и се надевам дека и натаму ќе помагаат за остварување на нашата програма, за развој на Општина Преспа во Албанија. Оваа пригода ја користам да им упатам повик на сите Македонци-бизнисмени од целиот свет да обратат малку внимание на Општина Преспа. Ние сме подготвени да дадеме најповолни услови за инвестирање - истакнува Едмонд Темелко.

     
Join Us Videos Follow Us

ACT NOW and SHARE

MHRMI needs your support

Can you spare a dollar a day for Macedonian human rights?
The Macedonian human rights movement in all parts of Macedonia is stronger and showing more potential than ever, but we need your help to continue our progress. Get involved. Volunteer. Donate. Join the MHRMI Dollar a Day fund and make a difference.

You can make a difference for Macedonians struggling to achieve their human rights. Please do it today. Thank you for your support.


Click here for more info
June 2016




Sign On & Show Your Support

Search the Web
Search the MHRMI Archives
 
© 1997-2015 Macedonian Human Rights Movement International - All Rights Reserved.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting