2662 Грчка пропаганда во Австралија: министер во Австралија под истрага затоа што Македонците ги нарекувал "Скопјани" 15 Мај, 2003 2662 Министерот задолжен за мултикултурни прашања во австралиската сојузна држава Викторија Џон Пандазопулос е под истрага откако за Македонците го употребил погрдниот израз "Скопјани". Комисијата за еднакви можности на таа австралиска сојузна држава, во која спаѓа и вториот по големина австралиски град Мелбурн, покрена истрага против министерот со грчко потекло. Пандазопулос минатиот ноември во програма на австралиското државно радио "Ес-би-ес" Македонците, вклучително и Македонците што живеат во Австралија, ги нарекувал "Скопјани". Македонскиот комитет за човекови права од Австралија поднел тужба против министерот. Директорот на Македонскиот комитет, Георги Влахов, го обвинува Пандазопулос дека со употребата на изразот "Скопјани" ги навредил Македонците и се обидел да им го одземе националниот идентитет. - Точно е дека против министерот Пандазопулос се води истрага - изјави премиерот на Викторија, Стив Бракс. Пандазопулос во Владата на премиерот Бракс е задолжен за туризам, но и за да му помага на премиерот во односите со различните австралиски етнички групи. Од формирањето на Македонија во Австралија се води борба меѓу жителите што по потекло се Македонци и австралиските Грци за ставот на австралиските власти кон националноста и етничкото наследство на Македонците.