Macedonian Human Rights Movement International
bdquoNe mrazat poradi nashata slobodaldquo
Op-ed

„Не мразат поради нашата слобода!“


Не. Ја мразиме американската надворешна политика затоа што ни ги уништува земјите. Кои сме тоа „ние“? Македонија, и секоја друга земја во која Соединетите Американски Држави интервенирале.

Американските политичари се обидуваат секое прашање да го претворат во сценарио „ние (САД) против нив“ и секогаш ги обвинуваат „другите“. Но да го погледнеме ова сценарио: Дознаваш дека некој те мрази или е лут на тебе за нешто што си направил. Што е првото нешто што ќе го направиш? Нема да одиш до него да му врескаш: „Ти ме мразиш поради мојата слобода!“ Ќе размислиш дали тоа што го правиш е навистина исправно и, ако можам да им дадам еден необичен предлог на американските политичари: ќе престанеш да го правиш тоа.

Но не, според американската надворешна политика, важни се само американските интереси, а огромната меѓународна колатерална штета е незначајна. Секој што се спротиставува на нивните ужасни политики е непријател, а американските политичари, од левицата и од десницата, не прават разлика меѓу американската надворешна политика и Америка во целина. Оттаму, било каква критика на нивната надворешна политика значи дека критичарот ги „мрази“ Американците. А ние мислевме дека овие самопрогласени „заштитници на слободата и на човековите права“ ќе поттикнуваат слобода на говорот за да се осуди кршењето на човековите права.

Иронично, претседателот Џорџ В. Буш, кој му порача на светот дека „или сте со нас, или сте против нас“ (ненамерно) со ова ја артикулираше американската надворешна политика од изминатите скоро осум декади. Ова е политика на обединување на сите Американци (доброволно или не) околу американската надворешна политика. Всушност, никој навистина не е на страната на Соединетите Држави, бидејќи штом ќе престанете да им бидете корисни, Америка нема да ве остави на цедило, Америка ќе ве остави да ве убијат. Но, да се вратам на темата.

Не е анти-американски да ја критикувате американската надворешна политика. Оваа реченица би требало да е толку очигледна за сите, што не би требало ниту да го кажеме ова. Но, самото тоа што мораме да ја кажеме говори доволно за состојбата во која се наоѓаме. Американските политичари од двете партии се експерти во извртување на фактите, и не само што ги убедија своите поддржувачи да веруваат дека се што ќе кажат е свето писмо, туку додаваат и перверзни манипулации во нивната игра на Ризико која ја играат со целиот свет. Како прво, тие имаат смелост да обвинат други држави дека вршат кршење на човекови права - истите права кои Соединетите Држави ги кршат. Второ, тие тврдат дека САД им помага на државите... кои во исто време ги бомбардира. Додека го читате ова, бомбите паѓаат...

Мојата етничка група, Македонците, е во трагична состојба да ги има искусено сите оружја од американскиот арсенал, и буквално и фигуративно. И покрај тоа што бевме на сојузничката страна во двете светски војни, Македонците беа цел на теророт на САД и Британија по Втората Светска Војна, затоа што овие „светилки на демократијата“ одбраа да и помогнат на Грција и нејзините владејачки нацисти и фашисти, во нивната политика на целосно бришење на Македонците и создавање на држава која ќе биде „културолошки чиста“ и од која ќе бидат тргнати сите „инфериорни“ народи. Ако некоја држава ги следи надворешно-политичките цели на САД и Британија, иако во исто време ги имитира нацистичките тактики и врши геноцид, тогаш САД и Британија ќе ја поддржат таа држава. И ја поддржаа. САД и Британија фрлаа бомби низ Егејскиот дел на Македонија (кој Грција го анектираше порано во 20 век) - и намерно бомбардираа цивили - убивајќи неброени Македонци, меѓу кои и многу членови на моето семејство. Оттогаш, САД го прошири својот терористички репертоар со модерни средства на културолошки геноцид додека во исто време се уште ги користи и „класичните“ методи на инвазии, окупации и убиства (или пак ќе најдат некој да ја заврши таа работа за нив) во многу држави (забелешка: гледате дека Британија почна да го слуша својот американски мал брат долго пред инвазијата на Ирак и дебаклот со барањето оружје за масовно уништување).

Поновите американски анти-македонски тактики се состојат од следното: Почнување на граѓанска војна во Република Македонија и поддршка за неонацисти (повторно соработуваат со нив), им дадоа амнестија иако беа обвинети за тероризам и убиства, ги наградија со високи функции во македонската Влада, почнаа револуција да ја урнат македонската Влада (која веќе им беше послушник) и инсталираа брутален диктатор кој е уште поголем послушник на САД, со сила спроведеа промена на името, идентитетот и историјата на Македонија за да ги задоволат барањата на Грција и Бугарија (кои јавно ги промовираат своите политики на културолошки геноцид врз Македонците) за тие да го кренат своето вето и да и дозволат на Македонија да влезе во НАТО - потег што САД ни го наметнаа, брутално задушија било каков израз на несогласување користејќи полициски специјалци против недолжни цивили, апсеа демонстранти и ги изложуваа на невозможни затворски услови, им се закануваа и ги напаѓаа нивните семејства, отпуштија илјадници Македонци од јавни и приватни работни места, затвроија медиуми, блокираа пристап до социјалните медиуми, криминализираа изразување на македонскиот етнички идентитет, дозволија секојдневно да се шири анти-македонски говор на омраза и да се газат правата на Македонците од страна на грчки и бугарски владини функционери, овозможија физички напади на грчката и бугарската тајна полиција и неонацисти (повторно) против големите македонски малцинства во овие земји...

Можев да продолжам, но верувам дека сега разбирате зошто ја мразиме надворешната политика на САД. Ни ја одзеде слободата...

Бил Николов, претседател
Македонско Меѓународно Движење за Човекови Права
twitter.com/billnicholov