Macedonian Human Rights Movement International
The UNs ironic StandUp4HumanRights hashtag
Op-ed

Денот на човековите права на ОН е празник на дволичноста


„Сите луѓе се родени слободни и имаат еднакви права и достоинство“. Освен ако се Македонци. На секој 10 декември Обединетите Нации го слават "Денот на човековите права", и притоа ја обновуваат својата посветеност на првиот член од Универзалната Декларација на Човековите Права. Но, во исто време, ОН со полна пареа работи на бришење на мојот народ.

Во изминатите три декади, ОН ги прекршуваше својата сопствена Повелба, меѓународното право и конвенциите за човекови права, во обид да и го смени името на Република Македонија, значењето на зборот „македонски“, и идентитетот и историјата на една цела етничка група. Овие дејствија претставуваат не само културолошки геноцид, туку и вистински геноцид – според дефиницијата на Обединетите Нации.

Ги прашуваме земјите членки на ОН кои го поддржуваат овој притисок – со кое право?

Почитување и заштита на човековите права на сите луѓе – освен ако се Македонци - ваков амандман треба да се додаде на Повелбата на ОН, организација која отворено крши два од своите основни принципи:

  • Член 2 (1) – „Организацијата е заснована на принципот на еднаква сувереност за сите нејзини Членки“ и
  • Член 2 (7) – „Ништо содржано во оваа Повелба нема да им дозволи на Обединетите Нации да интервенираат во прашања кои суштински се под домашната надлежност на било која држава и на државите Членки нема да се наметне решение на овие прашања според оваа Повелба“.

Држави членки со „еднаква сувереност“ имаат право на нивното име и идентитет. Ништо не им дозволува на Обединетите Нации да се мешаат во внатрешните прашања на некоја земја – членка. Правно и морално, Обединетите Нации немаат право да ја натераат Република Македонија и македонскиот народ да го сменат името.

Тука не зборуваме само за Македонците во Република Македонија. Регионот Македонија беше поделен во 1913 година (сите страни, вклучително и окупаторите, го признаваат овој факт) меѓу Србија (овој дел денес е независен како Република Македонија), Бугарија, Грција и, на крајот, Албанија. Оттогаш Македонците се борат против обидите за нивно бришење. Но, не ни помислувавме дека вакви обиди ќе бидат поттикнати од ОН.

Грција, иронично, го забрануваше зборот „Македонија“ и го негираше неговото постоење, се до драматичната промена што се случи кај нив во 1988 година кога отпочнаа пропагандна кампања со цел да го измамат светот и да го убедат дека Македонија отсекогаш била „грчка“. Да не заборавиме дека и другите окупатори полагаат право на Македонија. Затоа, наместо да се вплеткаме во оваа брутална партија балкански рулет, ајде да користиме здрав разум: Македонија е македонска.

Но здравиот разум не функционира во Обединетите Нации - таму успева само странскиот интервенционизам.

Но зошто ја принудуваат Македонија да си го смени името? За да ги задоволат барањата на Грција, која го блокираше членството на Македонија во ЕУ и НАТО се додека Македонија не се согласи да го смени своето име во "Северна Македонија", да се откаже од се што значи да се биде Македонец и не им го даде името "Македонија" на Грците.

Грчката цел во ова злоупотребување на македонското име - како што признаа многу грчки политичари, вклучително и поранешниот премиер Константин Мицотакис - е да ја "избришат Македонија од мапата" и да ја прикријат својата политика на прогон и културолошки геноцид врз големото македонско малцинство во Грција.

Ако искрено веруваме во тоа што го зборуваат од ОН (и во нивната смешна кампања #StandUp4HumanRights) би можеле да помислиме дека ОН ќе го осуди, а не помага, грчкиот налет за бришење на етничкиот идентитет на Македонците.

Но, на крај нивната желба се исполни - името на Македонија беше принудно и илегално сменето, со користење на брутални притисоци, и покрај противењето на огромно мнозинство од македонскиот народ.

Што се случува кога една агресивна држава се романтизира и се исполнуваат нејзините барања? Се јавуваат други. Бугарија, со нејзината озлогласена анти-македонска политика, се приклучи на грчкото вето и сега има свои барања, сака да ја избрише историјата на Македонија и на Македонците, да ни го измени идентитетот, да не прогласи за народ со "бугарски корен", кој зборува на "бугарски дијалект" и бара од нас целосно да се откажеме од македонското малцинство во Бугарија, кое е изложено на прогон.

Но тоа не е се! Бугарија дури бара да ја ревидираме еврејската историја, да негираме дека биле сојузници на нацистичка Германија во Втората Светска Војна, кога ја окупираа Македонија и депортираа над 7,000 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка во Полска.

Неверојатно.

Што би се случило ако Германија побара Франција да го смени својот идентитет, да каже дека има "германски корен", да ја смени својата историја и да каже дека окупацијата на Франција всушност било германско "ослободување", во замена за економска "награда"? Точно ова Бугарија и го прави на Македонија кога го условува нејзиниот прием во ЕУ. Приемот во ЕУ секако не е награда (ниту е членството во НАТО), но за тоа другпат.

Во овој случај Германија, и било која друга земја, би биле веднаш осудени и жигосани за брутално кршење на човековите права кои ОН (и ЕУ и НАТО) тврдат дека ги почитуваат. Зошто тогаш Грција и Бугарија не се осудени? Место тоа, овие две земји дури добиваат помош да продолжат со своите кампањи на културолошки геноцид врз Македонците, само за ЕУ и НАТО да го прошират своето членство.

Да, ние сме навредени од ова.

Што може (и треба) да сториме сите ние во врска со ова? Како прво, не верувајте дека нешто е точно само ако го кажуваат од иронично именуваните "Обединети Нации". Барајте од сите што ги користат овие инспиративни хаштаг слогани навистина веруваат во нив. Прозивајте ги за нивната дволичност и расизам. Немојте да ја игнорирате омразата насочена кон било кој народ - вклучително и Македонците. Однесувајте се кон нас како кон еднакви. Придружете ми се, и на сите Македонци, и заедно да бараме враќање на македонското име.

Еве неколку хаштаг пораки кои навистина треба да ги поддржиме:

- #НашетоИмеЕМакедонија

- #МакедонијаЕМакедонска


Бил Николов, претседател
Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права

---

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година.ММДЧП бара да се почитуваат македонското име, идентитетот и човековите права на угнетените Македонци низ Балканот. За повеќе информации: 1-416-850-7125, info@mhrmi.org, www.mhrmi.org, twitter.com/mhrmi, facebook.com/mhrmi, instagram.com/MacedonianHumanRights, #НашетоИмеЕМакедонија