

Болест која упорно се шири - американскиот комплекс на супериорност
Американците имаат израз „американска исклучителност“, но немојте да се залажувате - се работи за американски комплекс на супериорност.
Еден пример - Барак Обама ја спореди „американската исклучителност“ со другите земји во 2011 година, но доби многу критики за тоа затоа што се осмели да ги спореди другите земји со „најголемата и најдобрата“ нација што светот некогаш ја имал видено.
Ова звучеше многу трамповски. Но, буквално секој американски политичар, републиканец или демократ, го вели истото, само звучи помалку како карикатура во споредба со Доналд Трамп.
Ако зборувањето како Трамп не ги исплаши демократите, уште помалку можеше да ги исплаши деценискиот процес во кој холивудските ѕвезди, иако се самопрогласени левичари, одеа на турнеи низ САД за да ги „забавуваат и поддржат војниците“. Што всушност поддржуваа? Странски интервенционизам. Тие се лажни левичари. Но, се однесуваат како вистински републиканци.
Основен левичарски принцип е анти-интервенционизмот. Но, американските лажни левичари (Демократската партија) и служат на истата сила што ја движи Републиканската партија - Американската Култура. (Двете партии делумно, но не комплетно, ја создадоа американската култура). Оваа култура не само што им забранува на Американците, не дај Боже, да кажат нешто против интервенционизмот и милитаризмот, туку практично им наложува на секој чекор „да ги величаат војниците“...
Што се случи со анти-военото движење во Америка?
Тие што ќе го кренат гласот веднаш се замолкнуваат и се демонизираат од загарите кои работат за двете партии. Ова е уште еден пример како двете американски партии ги напаѓаат Американците кои се обидуваат да ги запрат американските двопартиски напади врз остатокот на светот.
Демократите (кои се всушност републиканци во куси панталони) исто така одбиваат да прозборат, а не пак да преземат конкретни чекори, против златното момче на американскиот Устав – Вториот амандман и таканареченото „право да се носи оружје“. Зошто? Затоа што Американската Култура, организацијата за оружје НРА и американскиот воено-индустриски комплекс не им дозволуваат.
А сепак Вториот амандман не ви дава право да носите оружје – и Демократската партија го знае тоа. Но, сепак го следат примерот на Републиканската партија и одбиваат да преземат нешто бидејќи знаат дека ќе изгубат гласови и ќе се намалат профитите од продажбата на оружје дома и низ светот, што им е поважно од спасување животи. Но, кога ќе се изнесе аргументот дека вториот амандман им дава на поединците право да носат оружје (а всушност амандмантот го регулира формирањето на народни милиции, во духот на времето кога бил напишан), запрашајте се дали навистина сакате да зборуваме за „што мислеле основачите на САД“, повторно, земајќи предвид кога Уставот е напишан. И дали сакате тоа да ви го уредува животот денес?
Американската Култура, која ја наметнуваат американските политичари, бара секојдневно да декларирате дека Соединетите Американски Држави се „најдобрата земја во светот“. Во ред е да си ја сакате својата земја и да мислите дека е најдобра во светот (ова важи за која било земја). Но, не ми кажувајте дека мислите дека сте подобри од мене! Ова беше референца за најдобрата ТВ серија во светот, една американска (што?!) серија. За оние кои не знаат (како се осмелувате!), тоа е Сајнфелд. Би можел да напишам 18 страници (двострано) на оваа тема, но да се држам од поентата (ова е бонус спомнвање на серијата „Пријатели“).
Следното треба да му биде јасно на секого: критикувањето на опасните политики на една земја и на однесувањето што ги овозможува овие политики не е напад врз таа земја или нејзиниот народ. Но, двете американски политички партии сакаат да мислите дека е така, со цел да ги оправдаат нивните смртоносни интервенции. Тие сакаат да верувате дека секој што ќе се осмели да ја навреди американската надворешна политика е „антиамериканец“, а со тоа и противник на слободата и демократијата. Гледате што направија? Ги изедначија Соединетите Држави со зборовите „слобода“ и „демократија“. Требаше да ги поистоветат САД со зборот „иронија“.
Да ја земеме Македонија за пример. Под превезот на „ширење на американските вредности за слобода и демократија“, САД фрлаа бомби, убиваа цивили, носеа на власт диктатори, помилуваа терористи, го тероризираа населението, затвораа невини луѓе, им се закануваа на нивните семејства, го прекршија меѓународното право, ги лишија Македонците од нашите најосновни за човекови права, и така натаму...
Многу од овие дела се случија во изминатите неколку години, и се уште се случуваат, бидејќи САД инсталираа диктатор во Република Македонија за илегално да ни наметнат промени во името, идентитетот и историјата во „Северна Македонија“ и „северномакедонски“ – искоренувајќи се што е македонско – за да се задоволат барањата на нашите најголеми угнетувачи, Грција и Бугарија.
Но зошто?
Затоа што Грција и Бугарија се закануваа дека ќе стават вето на кандидатурите на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ, кои исто така ни беа наметнати од Западот, доколку не се избришат нашето име, идентитет и историја. И САД го презедоа водството во процесот да се исполнат ова, водени од сопствената погрешна, расистичка надворешна политика, со желба да ја задоволат својата ненаситна жед за империјализам.
Но Американската Култура не дозволува да се критикува американската надворешна политика. Ова е општо правило, концепт „направен во САД“, кој го поддржуваат двете американски партии. Трагедијата е што овој концепт веќе наликува на култ. Дури и основачите на САД – кои двете партии ги сметаат за „безгрешни“ - би разбрале дека критикување на американската надворешна политика (а не само на внатрешната политика) е незаобиколен дел од секоја вистинска демократија. И би знаеле дека никој не треба да ги смета за безгрешни. Да беа безгрешни, немаше да биде потребно досега да се донесат 23 амандмани на Уставот на САД. И немаше никогаш да го прифатат и промовираат ропството.
Американци, застанете за човековите права - вклучувајќи ги и вашите. Ослободете се од култот што е Америка.
Бил Николов, претседател
Македонско Меѓународно Движење за Човекови Права
twitter.com/billnicholov