Со санкции до покорност - обидот на Западот да ги скрши неистомислениците
Објавено во AntiWar.com: Колумна на Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права, во која се разоткриваат обидите на САД, ЕУ, НАТО и УСАИД да го замолчат неистомислениците
Ирските власти му ги замрзнаа сметките на новинарот Чеј Боус, како и личните и деловните сметки на неговата сопруга. Тие сега немаат легален начин како да ги платат сметките или да ги прехранат своите деца, а сопругата не може да им исплати плати на своите вработени. Зошто? Затоа што Боус се спротивставува на западниот наратив за Украина.
Дури и ако сè што вели Боус е неточно (а однапред ви велеам дека не е), самопрогласените борци за „слобода на говорот, демократија и човекови права“ би требало да му дозволат да го каже тоа. Но, Западот не функционира така.
Ако слободата на говорот го разоткрива Западот – ја замолкнуваат. Ако слободата на собирање бара повеќе права – ја задушуваат. Ако постојат пречки за нивните надворешнополитички цели – ги елиминираат, и тоа буквално. Вистинската цел на надворешната политика честопати е токму тоа - убивањето. Тоа е Западот. Како и земјите што Западот ги поддржува, на пример Израел.
Кога некој ќе се осмели да го разоткрие лицемерието на Западот, Западот прибегнува кон истите тактики за кои ги обвинува своите непријатели. Боус ја осудува војната во Украина, која е поттикната од НАТО, и разоткрива масовна корупција и кршење на човековите права во Украина. Како одговор, Европската унија ги активираше Одлуката на Советот (ЗНБП) 2024/2643 и Регулативата на Советот (ЕУ) 2024/2642, со кои се воведуваат санкции и се замрзнуваат банкарски сметки – без никаква правна рамка или право на жалба.
Што беше тоа за што, наводно, се залагаше Западот – слобода на говорот и човекови права?
Исто така, незаконски е некој да му помогне на Боус. Па, како тогаш неговото семејство ќе ја плати ратата за хипотеката и трошоците, и од што ќе живее? За Европската Унија, одговорот е едноставен: Боус мора да ги повлече своите изјави за да бидат укинати санкциите.
Како гласеше онаа позната американска изрека? – „Нè мразат поради нашата слобода“.
А Чеј Боус не е ни единствената цел. Низ целиот свет има луѓе кои се цел на напади поради најразлични прашања – вклучително и јас.
Како што објаснив во овој напис за „The Hill“, на мене ми е забранет влез во Соединетите Држави врз основа на извршна наредба на Џо Бајден. Понатаму, бев цел на клевети од страна на министерот за надворешни работи на режимот кој беше поставен од САД во Македонија – клевети изнесени на прес-конференција и во телевизиско интервју. Исто така бев наклеветен и од медиумот „360 степени“ во Македонија, кој е финансиран и контролиран од САД, а кој емитуваше и објави напаѓачки прилози насочени против мене.
Сето ова ви е „сервирано“ од УСАИД – агенција финансирана од американските даночни обврзници – под превезот на „странска помош“.
Но, зошто? Затоа што се спротивставувам на културолошкиот геноцид што САД и Запад во целина го спроведуваат врз Македонците. Конкретно, станува збор за принудната промена на името на мојата земја во „Северна Македонија“ – на барање на Грција, а спроведена од Соединетите Држави – со што се бришат нашето име, идентитет, култура и историја. Ова беше сторено во замена за (небараното) членство на Македонија во НАТО, од кое корист има само самиот НАТО. Овој процес доведе до брутално задушување на неистомислениците и до масовни прекршувања на човековите права врз Македонците низ цела поделена Македонија (насилно разделена во 1913 година меѓу Србија [дел кој денес е независната Република Македонија], Бугарија, Грција, а во 1919 година и Албанија).
Сигурен сум дека ќе следат уште одмазднички чекори поради мојот континуиран активизам за Македонија, а сега и за Палестина.
Како што беше обелоденето минатата година, вистинската цел на УСАИД е токму спроведувањето на вакви дејствија: поттикнување војни, интервенционизам во други земји и брутални кршења на човековите права, сè со цел да се воспостави или дополнително да се зацврсти американската хегемонија.
А сега, со објавувањето на „Досиејата на УСАИД“ – кои разоткриваат како администрацијата на Бајден спроведува драконска, орвеловска контрола врз медиумите и социјалните мрежи за да го протурка својот наратив – Американците се кренаа на нозе (ако може така да се каже), бидејќи сфатија дека и самите станале цел. Но, каде беа нивниот гнев и нивната реакција кога стануваше збор за спречување на кршењата на човековите права и масовните убиства ширум светот, извршени од страна на Демократите и Републиканците?
Американците се повеќе заинтересирани за партиско-политичко перчење.
И токму на тој начин унипартијата ги држи под контрола.
Бил Николов, претседател
Македонско Меѓународно Движење за Човекови Права
x.com/billnicholov
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година. За повеќе информации: 1-416-850-7125, info@mhrmi.org, mhrmi.org, twitter.com/mhrmi, facebook.com/mhrmi, instagram.com/MacedonianHumanRights #НашетоИмеЕМакедонија
