ММДЧП и се заблагодарува на Европската Слободна Алијанса за нејзината постојана поддршка на правата на македонското малцинство
Европската Слободна Алијанса ја продолжи својата силна поддршка на македонските човекови права со објавувањето на долунаведеното соопштение за печатот, со кое се разоткрива прогонот на малцинствата од страна на Грција.
Меѓународното Македонско Движење за Човекови Права (ММДЧП) и се заблагодарува на Европската Слободна Алијанса (ЕСА) за нејзината неуморна работа во одбрана на човековите права и ги повикува другите организации и политички партии да издадат слични изјави со кои се бара прекин на дискриминацијата против Македонците и другите малцинства.
Соопштение за печатот на ЕСА: Правата на малцинствата под притисок: Грчката држава го засилува заплашувањето на турското и македонското малцинство
Декларација на Работната група за јазични и малцински права на ЕСА за засилувањето на таргетирањето и заплашувањето од страна на грчката држава против етничкото македонско и турско малцинство
https://efaparty.eu/news/greece-targeting-against-macedonian-and-turkish-minorities
Работната група за јазични и малцински права на Европската Слободна Алијанса (ЕСА) е длабоко загрижена поради неодамнешната ескалација на таргетирањето на етничките малцинства од страна на Грција, имено на етничкото македонско и турското малцинство во Грција. Таа е информирана дека во текот на летата 2024 и 2025 година, и продолжувајќи во сегашниот период, притисоците врз овие заедници драматично се засилиле, преминувајќи од административни пречки во координирана кампања на заплашување од грчките власти, кривичен прогон и активно судско вознемирување, како и намерно процедурално одолжување на случаите како средство за избегнување на нивните обврски за спроведување на одлуките на Европскиот Суд за Човекови Права (ЕСЧП).
Работната група изразува сериозна загриженост по сознанијата дека грчки адвокат неодамна поднел широка тужба насочена против 15 членови на македонското малцинство, организацијата „Крсте Мисирков“ и Партијата за пријателство, еднаквост и мир (ДЕБ), која го претставува турското малцинство. Поединци се исто така прогонувани поради учество на македонски културни фестивали. Во Западна Македонија, особено во леринскиот регион, грчките власти активно ги нарушувале локалните фестивали на кои се изведуваат традиционални песни и танци на македонски јазик. Државните и локалните власти применувале агресивни тактики, вклучувајќи ненадејни контроли од Инспекторатот за труд врз волонтерите кои помагаат со служење храна, произволни жалби за бучава и однапред откажувале настани, како што се видело во Аетос и Аминтео, како и ненадејното прекинување на настап на македонски јазик во Склитро од страна на заменик-регионален гувернер. Понатаму, членови на етничката македонска заедница биле подложени на колективни, неосновани кривични пријави со цел да се заплаши локалното македонско население и да се принуди да прекине со нивните традиционални фестивали, каде што пеењето на македонски јазик е најзастапено. Овие агресивни мерки се насочени кон настани на етничките малцинства и не се применуваат на никакви други културни фестивали во регионот каде што се изведува само грчка музика.
Овие координирани мерки, кои често вклучуваат избрани претставници, градоначалници и регионални функционери, ги кршат европските рамки за човекови права и антидискриминација со кои Грција е обврзана да се усогласи. Ваквите акции се директно во спротивност со вредностите на кои се темели членството во ЕУ, како што е утврдено во членот 2 од Договорот за Европската Унија (ДЕУ), и ги кршат основните права заштитени со Повелбата на основните права на ЕУ, конкретно член 11 (Слобода на изразување), член 12 (Слобода на собирање и здружување), член 21 (Недискриминација) и член 22 (Културна, верска и јазична разновидност), како и Рамковната одлука на Советот на ЕУ 2008/913/JХA која е преточена во грчкото домашно антирасистичко законодавство, Закон 4285/2014.
Работната група забележува дека македонското малцинство направило значителни напори да се справи со овие прекршувања преку поднесување формални жалби до грчкиот Народен правобранител за истражување на овие дејствија и поднесување формална кривична пријава до Јавниот обвинител и Полицискиот оддел на Лерин.
Во последните години расте загриженоста во врска со зголемениот притисок врз членовите на турското малцинство во Западна Тракија. Во октомври 2024 година се случил инцидент во џамијата Чинар во Ксанти, каде што муфтиите назначени од грчките власти, чија легитимност не е признаена од турското малцинство, наводно се обиделе да предизвикаат конфронтација. Претставници и членови на малцинството интервенирале, со што спречиле ескалација на ситуацијата. Работната група забележува дека по овој инцидент биле покренати кривични постапки против четворица претставници на турското малцинство и додава дека по судењето одржано во јуни 2026 година, секој од четворицата претставници бил осуден на 17 месеци затвор.
Понатаму, загриженост предизвикуваат прашањата околу околностите под кои бил свикан советодавен комитет од 33 члена за номинациите за назначување на муфтии, што се случило во Дидимотихо во јануари 2026 година, по што следувале назначувања во Ксанти и Комотини во октомври 2026 година, особено бидејќи неговите членови не се признаени од турското малцинство. Работната група со загриженост забележува дека дополнителни информации откриени подоцна во медиумски извештаи сугерираат дека лицата што го сочинувале комитетот биле платени службеници во јавниот сектор.
Овие случувања предизвикуваат сериозна загриженост во врска со ефикасното претставување на турското малцинство и почитувањето на неговите изразени желби во прашањата поврзани со неговото верско раководство. Се нагласува дека назначувањето на верски лидери кои не се прифатени од турското малцинство ризикува да ја поткопа довербата, да ги влоши постојните тензии и негативно да влијае врз социјалната кохезија.
Покрај овие неодамнешни случувања во врска со културната и јазичната репресија, македонските и турските организации се соочуваат со значителни институционални предизвици при регистрирање на организации посветени на јазичните права и зачувување на културата. Грција се уште не ги спроведува одлуките на ЕСЧП во врска со македонските и турските случаи за човекови права стари повеќе од 10 години. Особено, случајот „Дом на македонската цивилизација и други против Грција“, кој се однесува на македонското малцинство, каде се уште не е испочитувана одлуката, а други македонски организации се соочуваат со слични бирократски проблеми, при што државата користи судски одолжувања за да ја избегне внимание под јавноста. Во иста мерка, Работната група го привлекува вниманието на континуираното неспроведување од страна на Грција на пресудите на Европскиот Суд за Човекови Права (ЕСЧП) во врска со групата случаи „Бекир Уста“, кои се однесуваат на здруженија основани од турското малцинство. Овие пресуди останале неспроведени 18 години.
Иако Експертскиот комитет формиран од Грција во 2024 година издал извештај со кој се испитуваат овие случаи, по предупредувањата од Комитетот на министри на Советот на Европа, се уште не се преземени конкретни мерки за да се обезбеди ефикасно спроведување на соодветните пресуди.
Понатаму, во пресуда донесена во јуни 2026 година, ЕСЧП пресудил во корист на апликацијата поднесена од Културното здружение на турските жени од Ксанти, повторно утврдувајќи дека Грција ги прекршила своите обврски според Европската конвенција за човекови права. Сепак, грчкиот Апелациски суд накнадно ја одбил апликацијата за спроведување на пресудата на ЕСЧП и регистрација на здружението. Овие прашања биле истакнати во извештајот за мониторинг на ПАСЕ за Грција, објавен во септември 2026 година од Комитетот за почитување на обврските и заложбите на земјите-членки на Советот на Европа.
Работната група цврсто изјавува дека Грција не ги исполнува своите законски обврски како земја-членка на Европската Унија со систематско потиснување на своето македонско и турско малцинство. Според тоа, Работната група ги повикува Високиот комесар на Обединетите Нации за човекови права, Комесарот на Советот на Европа за човекови права, Европската Комисија, а поконкретно Комесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите, Европскиот комесар за еднаквост и претседателот и потпретседателите на Интергрупата на Европскиот парламент за традиционални малцинства, национални заедници и јазици да:
- Побараат Грција да биде повикана на одговорност да ги исполни своите обврски за човекови и малцински права и да го подигнат ова сериозно прашање јавно во европските форуми;
- Да го следат однесувањето на Грција и зголемувањето на прекршувањата на човековите права и таргетирањето на етничките македонски и турски малцинства;
- Да ги повикаат грчките власти веднаш да ја прекинат својата смислена кампања на заплашување и вознемирување против македонското и турското малцинство;
- Да ја повикаат Грција да ги изврши сите пресуди на Европскиот Суд за Човекови Права во врска со слободата на здружување, дозволувајќи им на македонските и турските културни и јазични организации слободно да функционираат;
- Да побараат Грција да преземе итни мерки за заштита на македонското и турското малцинство од говор на омраза;
- Да побараат Грција да стави крај на својата долгогодишна политика на етничко негирање на македонското и турското малцинство во Грција.
Работната група ја потврдува својата поддршка за македонското и турското малцинство во Грција во ова тешко време, како и својата посветеност на правдата, еднаквоста и правата на малцинствата низ Европа.
