Macedonian Human Rights Movement International
Komichniot nastap na Djo Bajden pred Generalnoto Sobranie na Obedinetite Nacii
Op-ed

Комичниот настап на Џо Бајден пред Генералното Собрание на Обединетите Нации


Како и многу други американски претседатели пред него, Џо Бајден е талент да каже нешто што го мисли сериозно - а остатокот од светот да го сфати кажаното како траги-комично. Како и со неговите претходници, неговата главна шега - повторно - е дека Соединетите Држави „го предводат светот во заштитата на човековите права...“ додека во реалноста САД ги кршат правата низ голем дел од светот (како и на дел од своите луѓе).

Соединетите Држави окупираат земји, се мешаат во нивните внатрешни работи, угнетуваат, убиваат, па се повлекуваат. Тоа е империјалистичка верзија на упатството „испери, исплакни, повтори“. Но дури и ако САД не ве нападнат директно, убивањето, мешањето, угнетувањето продолжува, и никогаш не запира.

Во настап една недела пред Собранието на Обединетите Нации, Бајден вети дека ќе се „справи“ со Талибанците, додека американските војници, буквално, безглаво се повлекуваа. Тоа е како некој да ве предизвика на борба, и вие да почнете да се повлекувате, но во исто време да му викате „сега ќе видиш ти!“ Очигледно Бајден е нова верзија на познатиот „Багдад Боб“ - поранешниот ирачки министер за надворешни работи кој за време на втората Заливска Војна комично тврдеше дека силите на САД не се во Ирак, иако во исто време американски тенкови се тркалаа кон него.

Затоа ајде да смислиме прекар за Џо Бајден. Тоа е лесно. Што велите за Булшит Бајден?

Во главната точка во неговиот стенд-ап настап, Бајден рече „Демократскиот свет е насекаде. Тој живее низ анти-корупциските активисти, низ заштитниците на човековите права, низ новинарите, мировните демонстранти на фронтовите во Белорусија, Бурма, Сирија, Куба, Венецуела, и насекаде меѓу нив“.

Бајден го осудува разбивањето на мирни протести кои се одржуваат за слободни и фер избори, ги осуди нападите кои диктаторските држави низ светот ги вршат врз своите граѓани, нивното апсење и закани - но само ако САД не ги поддржуваат овие притисоци. Кога ќе го прашаат за американското мешање, Бајден негира дека прави такво нешто. Фали уште да направи своја верзија на песната „Не бев јас“ на Шеги (ве молам некој нека го научи да користи ТикТок).

Бајден оди во крајност со неговата реакција на секоја критика на американската анти-македонска политика. Откако се соочи со критики за бруталното преименување на Македонија кое го спроведоа САД и за бришењето на македонскиот идентитет, култура и историја, Бајден објави извршна наредба со која им се закани на неговите критичари дека нема да им дозволи влез во САД, или да поседуваат имот во Америка. Можам слободно да ги тргнам САД од листата на мои потенцијални туристички дестинации, бидејќи оваа извршна наредба официјално ме става на црна листа за влез во неговата земја - бидејќи бев доволно „дрзок“ да се заложам за почитување на човековите права – права за кои САД тврдат дека и самите се залагаат. Истата оваа анти-македонска политика ја спроведуваше американскиот стратегиски партнер Грција, која ме стави на црна листа уште пред две децении. Бајден покажа дека не е ни оригинален.

Јас сум претседател на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права. Ние се бориме против угнетувачките режими и бараме заштита на човековите права на Македонците и другите малцинства. Ако поради тоа се најдам на црна листа од овие држави и, на пример, бидам лишен од можноста да го гледам Џо Бајден како му проповеда/го лаже светот, тоа ќе биде благослов. Но, останува прашањето, дали други лица - кои тврдат дека ја бранат демократијата, човековите права и владеењето на правото - ќе продолжат да им дозволуваат на САД буквално да не одговарат за убиство. За разлика од Бајден, ова не е шега.

Бил Николов,
Претседател на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права
twitter.com/BillNicholov