
Соопштение за медиумите
Соопштение за медиумите
Гала банкет на ММДЧП и ЗДБЕМ, на 1 јуни 2013 година во Торонто

Покажете ја вашата поддршка резервирајќи билет за Гала банкетот. Ве молиме јавете се на 416-850-7125, или испратете емаил порака на info@mhrmi.org.
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија (ЗДБЕМ) најавуваат одржување на Гала банкет на 1 јуни, 2013 година. На гала банкетот ќе се одбележат 65-годишнината од страдањата на Децата бегалци и 100-годишнината од судбоносната поделба на Македонија.
Специјални гости на банкетот ќе бидат Уредникот на Нова Зора и член на Виножито Димитри Јованов, членот на Виножито од Кукуш Танас Трајанов, и Славко Манговски, новинар во ТВ Сонце и Меѓународен координатор на ММДЧП.
Македонските Деца бегалци како деца беа евакуирани од Грција за време на грчката граѓанска војна од 1946-1949. За да се спасат од бомбардирањето на македонските села од страна на грчката армија, деца на возраст од 2-14 беа евакуирани од страна на Црвениот крст и раселени низ цела Европа. Најмногу евакуирани имаше пред 65 години, односно во 1948 година. На Децата бегалци им е забранет влезот во Грција, само затоа што не го кријат својот македонски етнички идентитет.
По Балканските војни во 1912-1913, Договорот од Букурешт значеше поделба на Македонија меѓу Србија, Грција и Бугарија, додека мал дел во 1919 година беше отстапен на Албанија. По анексијата на територијата на Македонија, секоја земја започна со тероризам проследен со убивање, протерување или насилно асимилирање на автохтоната македонска популација.
Република Македонија се отцепи од Југославија и ја прогласи својата независност во 1991 година, додека Македонците од Егејска Македонија (доделен на Грција), од Пиринска Македонија (делот кој што и' припадна на Бугарија) и Мала Преспа и Голо Брдо (делови отстапени на Албанија) се уште се прогонувани, само затоа што се Македонци.
Македонското меѓународно движење за човекови права и нашиот партнер, Австралиско-Македонскиот комитет за човекови права, се единствените организации во македонската дијаспора кои што финансираат и организираат активности поврзани со заштита на човековите права на Македонците на Балканот.
Ова се само еден дел од многуте наши активности и акции:
• Набавка и финансирање на единствената македонска радио станица во Лерин и ТВ студио во Корча, Албанија;
• Организирање на настава по македонски јазик низ Егејска Македонија и Албанија, вклучувајќи го и отворањето на градинка во Корча;
• Финансирање на Нова зора, Народна Волја и многу други македонски весници и изданија во Егејска Македонија, Пиринска Македонија и Мала Преспа / Голо Брдо;
• Силната кампања "Нашето име е Македонија", со која што се бара неодложен прекин на "преговорите за името";
• Отворање на канцеларии за човековите права на Македонците во Бугарија, Грција и Албанија;
• Барање поддршка за Македонија и македонските човекови права во Вашингтон, Отава, Брисел и низ целиот свет.
Гала банкетот на ММДЧП и ЗДБЕМ ќе се одржи на 1 јуни, 2013 година, во банкет салата во православниот храм "Св. Климент Охридски", на адреса 76 Overlea Blvd во Торонто. Вечерата ќе се служи во 19 часот, а цената на билетот е 50 долари за возрасни и 20 долари за ученици, додека за деца на возраст под 12 години, влезот е слободен.
Музиката е од 'Децата од Буф'
За билети и за повеќе информации ве молиме јавете се на 416-850-7125, испратете емаил порака на адреса info@mhrmi.org, или посетете ги веб страните www.mhrmi.org, www.facebook.com/mhrmi, twitter.com/mhrmi.
Направете го вистинскиот чекор за човековите права на Македонците и искажете ја вашата поддршка со присуство на Гала банкетот на ММДЧП и ЗДБЕМ, или донирајте посетувајќи ја веб страната www.mhrmi.org/donation.asp.
Однапред ви благодариме за вашиот интерес и поддршка.
###
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година. За повеќе информации: www.mhrmi.org, twitter.com/mhrmi, facebook.com/mhrmi, info@mhrmi.org, 1-416-850-7125.