Macedonian Human Rights Movement International
ОМО "Илинден" - ПИРИН: Понудениот договор за добрососедство е штетен

ОМО Република Бугарија на прво место треба ја признае македонската нација и јазик, затоа што овие реалности се главниот фактор за градење на добрососедските односи.

Ова се наведува во реакцијата на ОМО "Илинден" - ПИРИН доставена до македонските медиуми во врска со предлозите за потпишување на нов договор за пријателство помеѓу Бугарија и Македонија.

"Изразувајќи потполна поддршка за добрососедството меѓу Бугарија и Македонија и надминување на говорот на омраза во медиумскиот простор, не можеме да не изразиме чудење па дури и револт од некои аспекти на предложениот нов договор од страна на нашата влада", се наведува во реакцијата на ОМО "Илинден" - ПИРИН.

Централниот совет на ОМО "Илинден" - ПИРИН предупредува дека понудениот договор претставува подготовка за блокирање на членството на Македонија во евроатланските структури по примерот на Грција, па дури и на побеспринципиелен начин.

"Македонските организации во Бугарија се дело на македонското малцинство кое што живее тука, а не на македонската држава. Тие се создадени од државјани на Бугарија и не може Македонија да забранува на бугарски граѓани со македонско самочувство да постојат и да се организираат, ниту пак Бугарија може да го стори тоа", се вели во писмото.

"Да се бара одговорност од Македонија за однесување на граѓани во Бугарија и со тоа да се заканува за вето за членството во ЕУ не е само барање за исполнување на невозможни услови, туку е изнудување на дел од бугарските граѓани да се откажат од борбата за своите права", се вели во реакцијата.

Извор:
Новинска агенција Макфакс