Macedonian Human Rights Movement International
Воскопулос: Пресудата е мал прозорец кон вистинска демократија

Pavlos Filipov Voskopoulos Пресудата на солунскиот суд за двајцата новинари е мал прозорец кон вистинска демократија во Грција, вели за Макфакс членот на претседателството на Виножито, Павле Воскопулос.

Двајца грчки новинари се осудени од судот во Солун на пет месеци затвор - три години условно заради клевета. Директорот Димитрис Капселис и новинарот Кокос Телемахос од грчкото национално радио се осудени поради емисија на грчкото државно радио во 2005 година, во која Воскопулос е наречен "агент на Скопје", "анти-грчки платеник" и "сепаратист".

"Однесувањето на една држава кон човековите и малцинските права се отсликува не само на политичко ниво и преку имплементацијата на политичките одлуки, бидејќи важен сегмент во организацијата на една држава е начинот на судењето. Начинот на судењето го покажува нивото на демократија во една држава. Поради тоа што "независното судство" во Грција индиректно и директно ја следи политичката идеологија во поглед на малцинските права, случајот во Солун може да се нарече мал прозорец кон вистинската демократија", вели Воскопулос.

Причина за спорниот настап на новинарот Капселис било емитувањето на документарецот "Патувајќи во Грција", во кој новинарката Маја Цакли вели дека "луѓето што живеат во околина на Лерин претпочитаат да говорат македонски јазик, иако исто така говорат грчки".

Судскиот процес против Капселис и Телемахос, Воскопулос го покрена во 2007 година.

Извор:
Новинска агенција Макфакс