Macedonian Human Rights Movement International
Четири месеци затвор по снимање свадба во Леринско

Cameraman Четири месеци затворска казна, условно на 3 години, од судот во Лерин заработи битолскиот снимател Драган Мицков Дадо, кој подолго време беше вработен во А1 Телевизија.

Грчките судии минатата седмица Мицков за виновен го прогласија само заради тоа што кај свои најблиски роднини од леринското село Овчарани на братучедот му ја снимал свадбата. Покрај затворската казна, запленета му е опрема од 8.000 евра и треба да плати парична казна од 4.500 евра. Настанот се случил во јуни минатата година, кога била свадбата, во ресторанот покрај патот Лерин-Овчарани. На излегување, Мицков со сопругата Марина и тетка му од Овчарани биле уапсени од леринската полиција.
"Не однесоа во полициската станица, не испитуваа и малтретираа до сабајле, без преведувач, без ништо, никако не можевме да се разбереме. Тие прашуваат едно, ние одговараме друго", вели Мицков.

Еден од инспекторите му рекол дека го познава од порано и му покажал фотографија на која бил заедно со новинарот на А1, Горан Момироски, кога правеле репортажа на народниот собир во Овчарани од пред две години. Минатата недела Мицков и сопругата беа на судење во Лерин, со сите докази и сведочењето на роднините, за да се докаже дека биле на свадба кај свои, меѓутоа леринската судијка не сакала да прифати дека битолскиот снимател може да има таму роднини.
"Кога и ги дадов на судијката документите од мојата баба, дека моето потекло е од леринскиот дел, таа ги зеде документите и буквално ги исфрли. Мене ме повреди како човек и како личност ми го повреди и она националното", изјави снимателот Мицков.

Со нарушени полициски процедури, во држава членка на ЕУ, со повредени национални чувства и достоинство од судот и одземена скапа опрема, Мицков ќе се жали и до второстепениот суд. Тој смета дека грчките власти на пик го зеле уште кога снимал за А1 Телевизија и затоа му го скроиле ова сценарио.

Извор: А1 Телевизија


Видео