Macedonian Human Rights Movement International
Инциденти во леринско - приведени Македонци

Припадници на грчката армија Извор: МакФакс

Еден Македонец е повреден, а четворица се приведени, во инцидент што денеска се случи во леринско, откако локалното население се обидело да спречи вежба на грчката армија.

Веста вечерва ја јави скопската телевизија А1, повикувајќи се на изјави на локалното население од селата во околината на Лерин, во егејскиот дел на Македонија.

Откако пред десетина дена, грчката армија на барање на локалното население го напушти времениот камп во близина на селото Забрдени, денеска грчки воени сили повторно пристигнале во реонот.

Локалното население се обидело да ги попречи војниците да вршат вежбовни активности во близина на селото, по што интервенирале специјални сили на грчката полиција.

"Зимаа луѓе за да ги носат во затвор. Четворица имаме до сега, а до ноќта сигурно ќе земат и други”, изјави македонец од леринско за А1.

Според истиот извор, локалното македонско население се уште се наоѓа на приодот кон кампот на грчката армија.

За активностите на грчката војска и полиција не биле информирани населението, ниту локалните пратеници, кои што минатата недела во грчкиот парламент побарале војската да не го вознемирува жителите од овој дел од Грција.