Macedonian Human Rights Movement International
Опасен притисок врз Виножито: Грчки пратеник бара смртни казни за Македонците

Виножито Смртни казни за членовите на партијата наМакедонците во Грција "Виножито" и за грчкиот разгранок на "Хелсинки воч" побара пратеникот од редовите на ЛАОС, Атанасиос Плеврис. Пратеникот од ултрадесничарската партија на Караџаферис на 1 април годинава во писмена форма упати пратеничко прашање до министерката за надворешни работи Дора Бакојани и до министерот за правда Сотирос Хаџигакис. Во него тој вели дека на интернет-страницата на Виножито "на картата на Европа, Скопје е именувано како Македонија", а "Хелсинки воч", кој се финансира од грчката влада, зборува за постоење македонски јазик. Ова за него е тотално неприфатливо и објаснува дека јазикот е "словенски".

ПРЕДАВСТВО НА ЗЕМЈАТА

Оттука, пратеникот Плеврис го прашува министерот Хаџигакис дали има намера врз основа на член 30, параграф 1 од Кривичниот законик да побара почнување кривична постапка против двете организации. Двете организации всушност се товарат дека го кршат членот 138, според кој се предвидува најголема казна оти се однесува за повреда на територијалниот интегритет. "Оној што со употреба на сила или со закани со жива сила ќе отцепи територија од грчката држава што нејзе и' припаѓа или ја приклучи таа територија кон друга држава, се казнува со смрт", вели тој член. Последен пат во Грција е извршена смртна казна со стрелање на 25 август 1972 година врз Василис Лимберсис, зашто ги убил сопругата, баба му и двете деца. Грчката држава ја укина смртната казна, освен за предавство на земјата, односно за сериозни злодела од воена природа. Плеврис ја прашува министерката Бакојани по која логика МНР ги финансира "организациите што и' служат на проскопската пропаганда".Парламентарните служби писмото го препратиле до јавниот обвинител на Врховниот суд. Тоа се случило на 23 април, а еден месец подоцна, односно на 23 мај реагираше и "Виножито"."Не би се занимавале со случајот доколку одговорот на министерот за правда беше сличен на тој на министерката за надворешни работи Бакојани дека Грција како демократска земја им го гарантира правото на сите свои граѓани слободно да се изразуваат и тоа секако важи и за членовите на 'Виножито'", се вели во соопштението на организацијата под наслов "Сега ја очекуваме врховната казна".Според "Виножито", предлогот на Плеврис министерот за правда го смета за основан, односно дека против етничките Македонци може да се спроведе членот 138.

ОБВИНЕТИ ЗА ИРЕДЕНТИЗАМ

"Се вративме ли во Граѓанската војна? Се изморивме монотоно повторувајќи дека прашањата за националните малцинства ги сметаме за внатрешни. Во секоја пригода велиме дека само провокатори можат да постават прашање за промена на границата. Телевизиската демократија во оваа земја систематски ги искривува нашите ставови. Политичкиот систем со сила не' крсти иредентисти. Треба ли сега да очекуваме најтешка казна", прашува јавно ЕФА "Виножито".Претседателот на Грчкиот хелсиншки комитет, Димитрис Панајотис, вели дека активностите на двајцата министри, и за надворешни работи и за правда, се индикативни и ја покажуваат желбата да го напаѓаат "Виножито" и Грчкиот хелсиншки комитет. Тие потврдуваат дека во Грција се' уште е опасно да велиш "македонска држава", "македонски јазик" и "македонско малцинство", и покрај повеќекратните осуди и препораки од Советот на Европа и од ОН дека таквиот став е неприфатлив и крши повеќе меѓународни спогодби за човекови права - изјави Панајотис за "Дневник". Според него, фактот дека ниту една друга политичка партија, ниту пак медиум во Грција, како ни една организација на граѓанското општество не протестирала против овој акт на министрите за надворешни работи и за правда, потврдува дека за целиот грчки политички систем и општество, организациите што ги поддржуваат правата на Македонците и на Турците во Грција се отфрлени.Ова очигледно покажува дека демократијата не функционира кога се зборува за правата на малцинствата во Грција - вели Панајотис.