Macedonian Human Rights Movement International
Кој ги прислушува телефоните на "Виножито"?

US Embassy in GreeceИли Американците им даваат информации на грчкото МНР и МВР или најверојатно грчката тајната служба (ЕИП) им ги прислушува телефоните на претставниците на Македонците во Грција.
Како инаку во еден строго доверлив документ објавен во грчкиот печат може да се најдат и најситните детали што претставниците на американската амбасада ги разговарале со претставници на македонското и на другите малцинства во Грција.
Имено, грчкиот весник "Прото тема" ексклузивно објавува дека американскиот конзулат во Солун презел активности за создавање еден вид Косово во Грција, со тоа што би ги користел турското и македонското малцинство што живеат во Западна Тракија и во грчка Македонија.
Ова тврдење весникот го темели врз "строго доверлив" документ на грчката тајна служба, чиј факсимил се објавува и во кој, како што пишува, се открива планот на САД за дестабилизација на Тракија и на грчка Македонија и за создавање криза во цела Грција.
Според весникот, потезите на Американците упатуваат на постоење на "таен план" за создавање еден вид Косово на северната грчка граница. Наводно, на САД не им одговарало да има една голема и силна држава во регионот, туку повеќе мали и нестабилни (како Косово и Македонија...), кои лесно можат да ги контролираат и дестабилизираат. Оттаму, сметаат изворите на "Прото тема", Американците последниве месеци се раздвижени по грчкиот север (Егејска Македонија и Епир) и исток (Тракија), области што се населени со претставници на македонското, албанското и на турското малцинство.
Документот што носи ознака "строго доверливо", наводно, грчката агенција за разузнавање на 19 мај 2008 година го испратила во Министерството за надворешни работи, од каде што, пак, со ознаката "само за лично информирање" е доставен до сите грчки амбасади во Југоисточна Европа, што, според "Прото тема", ја покажува големата вознемиреност на грчката влада. Во него се алармира за потезите на вработените во американскиот конзулат во Солун, кои на 14 мај 2008 година контактирале со лидерите на муслиманите во Западна Тракија, со лидерите на "Виножито", политичката партија на македонското малцинство во Грција и со други грчки граѓани.
Поточно, во дописот на грчката тајна служба се вели: "Претставници на американскиот конзулат во Солун на 14 мај контактирале со лидерот на 'Виножито' Павле Воскопулос барајќи од него информации за бројот на европратениците што учествувале на состанокот на тема 'Непризнаените малцинства во Грција: Турците во Западна Тракија и Македонците', кој се одржал на 17 април во салата на Европарламентот.
Истиот тој ден истото прашање Американците му го поставиле и на Атанасиос Парисис претседателот на грчкиот комитет на ЕБЛУЛ, исто така член на 'Виножито'".
Американците разговарале и со повеќе претставници на македонското малцинство во Грција, грчки граѓани. Исто така, точно на истиот ден, американските службеници контактирале и со познатиот новинар во "Комотини", Деде Абдулхалим, кој издава весник на турски јазик. Тие не се интересирале само за настаните од денешнината туку и за блиското и подалечното минато, поточно за изборите за европратеници во 1994 година. Така, на пример, го прашале Парисис како тоа, според грчкото министерство, за внатрешни работи на изборите тие освоиле само 1.139 гласа, а според "Виножито" - 6.136 гласа, на што тој им рекол дека разликата во бројките е од таму што Министерството ја сметало само бројката на гласови освоени во леринскиот регион.
"Нова Македонија" контактира со Парисис и Воскопулос и тие велат дека во објавениот документ на грчката тајна служба нивните разговори со американските службеници се многу прецизно цитирани, а биле дадени во телефонски разговор.
- Се прашувам како може телефонски разговор со американски дипломат да биде објавен? Дали ги следат нашите телефони и со кое право? Дали таа информација ја добиле од американскиот конзулат и како смее тоа? Како смее весникот да објавува едно такво "топ сикрет"-писмо до МНР и каква е таа игра? Ние не сме тајна терористичка организација, ниту криминалци. Ние не сакаме да сме орудие во рацете на некоја политика што е против мирот и стабилноста на Балканот, ние се бориме за спротивното - за мир и за интеграција на Балканот - изјави Парисис.

Извор: Нова Македонија, дневен весник