Macedonian Human Rights Movement International
Остри критики до Грција во ЕП

Jelko KacinОстри критики до Грција поради нејзиниот однос кон Македонија, со повик за реакција од европските институции, упати словенечкиот претставник во Европскиот парламент (ЕП) Јелко Кацин.

Кацин ги повика институциите на ЕУ да ги заштитат основните начела на меѓудржавни односи поради грчката "планирана политика на заострување и свесни провокации", "долевање масло на оган" и "труење на политичката атмосфера во регионот".

"Неубедливите објаснувања од Атина, што стигнаа пред неколку дена по моите расправи и јавни предупредувања во ЕП, за недозволивата дискриминација на авионските патници и превозникот МАТ, се покажаа како очигледно претворање, заведување на пратениците и јавноста", соопштува Кацин.

Тој додаде дека не е точно оти грчките власти преземале мерки согласно прописите и востановената пракса, посочувајќи дека летот бил прекинат во Египет, планот на лет променет, а авионот морал да застане во Истанбул и да бара други воздушни патишта.

Кацин наведува и дека со ова, македонскиот авио-превозник бил финансиски оштетен, патниците дискриминирани, додека нивниот одмор скратен и попречен.

"Тоа истото се случи и со претседателот на Македонија - држава со "несреќно име", соопшти Јелко Кацин.

Негова оценка е дека одлуката на македонскиот претседател, сам, во име на својата држава, да се откаже од учество на важна меѓународна средба во Атина, е "логична и предизвикана последица на планираната политика на Грција".

"Очигледно не се работи за осамени примери, туку за планирана политика на заострување, за свесни провокации на Грција, што долеваат масло на оганот на веќе заострените односи меѓу владите", додава Кацин.

Европарламентарецот посочува и дека последиците на емотивни блокади, што ја прегреваат и трујат политичката атмосфера во регионот, ги надминуваат границите на подносливо и се закануваат со опасност од конфликти на други подрачја.

"Дојде време да застанеме во одбрана на основните начела во меѓудржавните односи. Сега е моментот за решителен настап и реакција на институциите на ЕУ", наведува Кацин.