
Собранието едногласно донесе Резолуција за бегалците од Егејска Македонија

Македонското Собрание денеска едногласно со акламација ja усвои "Резолуцијата за бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна". Таа предвидува Владата да ја помогне правната битка на Егејците за враќање на одземените имоти за време на Граѓанската војна во Грција, и на секои шест месеци да го информира Собранието до каде е постапката. Предлагачи на "Резолуцијата за бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна" се група пратеници од сите парламентарни партии.
За дискусија по предлог резолуцијата се јавија само Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Славица Грковска Лошкова од СДСМ.
Димовски посочи дека во 21 век е недозволиво да се премолчува дискриминацијата по етничка основа и да не се проговори гласно и јасно за неа.
- Тоа е трагедија за целиот македонски народ, но најголема е за лицата кои ја доживеале. Собранието денеска ја покажа својата доблест и единствено и заедно ја пожака намерата да не се отстапи од заштитата на македонските граѓани и Македоците каде и да живеат во светот, рече Димовски истакнувајќи дека е горд што на Парламентот, во чиј состав е пратеник, му припаднала честа по шеесет години прв пат да расправа за ова прашање и да донесе резолуција.
Справувањето со последиците од оваа трагедија, според него, ќе покаже дека на Балканот се надминати стереотипите од минатиот век. Заштитата на основните права на Македонците, додаде Димовски, не значи дека добрососедските односи и натаму нема да бидат приоритет на Република Македонија.
Грковска Лошкова, истакна дека денешниот чин е можност во иднина да се оствари аманетот и да се исправи една голема историска неправда.
- Ние треба да се грижиме за сите наши кои живеат во соседните земји, но и во целиот свет. Се надевам дека нема да има резолуција само за ова прашање, туку и за сите останати, рече таа.
Здрженијата на граѓани на децата бегалци и другите граѓани протерани по завршувањето на Граѓанската војна во 1949 година во Грција, во 2004 година со преставка се обратија со Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија. Во изминативе години оваа парламентарна комисија детално ги разгледуваше наводите од претставката и нивното финално барање Собранието да заземе и декларира соодветни ставови пред домашната и меѓународната јавност.
Како резултат на усогласените ставови Постојаната анкетна комисија, како и 11 пратеници на Собранието на Република Македонија од сите политички партии на 14 декември 2007 година до претседателот на Собранието доставија "Предлог на резолуција за бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна".
Според истражувања на историчарите и податоци на меѓународни органзиации за заштита на човековите права, поголем број од стотиците илјади луѓе кои ја напуштија Грција за време на Граѓанската војна беа Македонци, а значителен дел од нив беа деца.
Со цел да укажат на проблемите што ги имаат Македонците во Грција и протераните по Граѓанската војна, писма до свои колеги, меѓународни претставници и организации, испратија претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски.
За дискриминацијата на Македонците бегалци од Граѓанската војна во Грција минатиот октомври расправаше и Советот на Европа. Тогаш група членови на ПС на Советот на Европа побараа Грција да направи измени на Законот за амнестија од 1982 и на Законот за враќање на имотите од 1985 година, бидејќи со нив се врши дискриминација односно се изземаат лицата кои не се Грци по род. Грчката влада ги смета за Грци само етничките Грци, додека другите, меѓу кои и Македонците, се лишени од правата што ги нудат овие два закона - враќање на државјанството и на имотите на бегалците од Граѓанската војна.
Претседателот на Здружението на децата - бегалци од Егејска Македонија Ѓорѓи Доневски, во петокот по средбата со претседателот на Собранието Трајко Вељановски, изјави дека резолуцијата ќе помогне побрзо да се решат нивните проблеми.
- Во резолуцијата очекувам да има точно што Собранието, Владата, министерствата и другите наши органи ќе преземат во борбата за остварување на нашите права. Станува збор за историски настан кој се однесува на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Шеесет години талкаат по повеќе европски земји, Австралија, Канада, Америка, обесправени, нивниот имот е оставен на подрачјето на Егејска Македонија без право на посета на родните места, без право да управуваат со својот имот... Верувам дека дојде крајот и оти со помош и на Европа, и пред се на Република Македонија ние ќе ги оствариме нашите права, изјави Ѓорѓи Доневски.