
Грција треба да го прифати постоењето на Република Македонија

Грција треба да го прифати постоењето на Република Македонија и да престане со политиката која не води никаде, изјави претседателот на Хелсиншкиот комитет на Грција Панајотис Димитрас за емисијата "Гласот на народот" на МРТ.
- Грција мора еднаш да разбере и да сфати дека постои Република Македонија, дека постои македонски народ и македонски јазик и дека поради тоа едноставно мора да ги прифати сите овие нешта и да престане да води политика која не води буквално никаде, истакна Димитрас.
Според него, проблемот е грчкото јавно мислење, на кое никогаш не му беше објаснето дека тоа се основни човекови права или права согласно меѓународното право. Наспроти тоа, додава, Грците веруваат дека Грција има единствено право на тоа име и оти сега за влезот во НАТО повторно се актуелизира истата тема, наместо, како што вели, да размислуваме за заедничка соработка, за заедничка иднина и безбедност.
Тој посочи и на изјавата што поранешниот грчки премиер Мицотакис ја повтори неодамна, дека конфликтот со Република Македонија не е во врска со името, туку оти проблемот е македонското малцинство во Грција.
- Луѓето во Грција се плашат дека доколку се признае држава под име Македонија, Грција ќе мора да го признае македонското малцинство на својата сопствена територија. Доколку, пак, државата се признае поинаку, тогаш Грција нема да има потреба да го признае ова малцинство. Проблемот е што Грците како народ не знаат и никој не им кажал дека македонското малцинство во Грција е признаено од Европскиот суд за човекови права пред 10 години кога тој донесе одлука против Грција, за тоа што таа воопшто не го признава македонското малцинство, посочува претседателот на грчкиот Хелсиншки комитет.
Тој истакна дека според Европскиот суд, Грција ги нема признаено ниту македонското малцинство, ниту турските асоцијации во земјата и посочи на вчерашната одлука на тој Суд вторпат да ја отповика одлуката на Грција во врска со две турски здруженија кои не се признати во Грција, бидејќи го содржат зборот турски во името.
- Сите малцинства треба да имаат слобода. Се додека малцинствата не повикуваат на насилsтво, тие целосно треба да се искажуваат себе си демократски и да делуваат демократски. За жал, Грција тоа не го прави и нема да го прави во блиска иднина. И за жал, на Грција и се дозволува да се однесува како што се однесува и ја толерираат нејзините пријатели, европските парнери во Европскаta унија и во Советот на Европа, кои никогаш реално ја немаат казнето за ваквиот став, подвлече претседателот на Хелсиншкиот комитет на Грција Панајотис Димитрас.