Macedonian Human Rights Movement International
Македонските иселеници од Грција на црна листа

Greek Border Грција има црна листа со имињата на македонски иселеници во САД, Канада и Австралија што се родени во Северна Грција, а имаат забранет влез во државата зашто грчките власти ги прогласиле за непожелни личности.

Секој обид на Македонците што потекнуваат од Леринско и Воденско да си ги посетат родните села завршува неславно уште на самата грчка граница каде цариниците имаат т.н. "црн список" со имињата на оние иселеници што во Канада, САД или Австралија го изразуваат македонскиот национален идентитет, одат во македонски цркви и отворено кажуваат дека се Македонци, а имаат канадски, австралиски или американски пасош. На "црната листа" има над 100 имиња на Македонци од Канада на кои грчките власти често дури им ги одземаат и грчките државјанства и ги прогласуваат за "непожелни личности" без никакво образложение.

Чарето на оние Македонци што сакаат да си ги посетат роднините и родните села во Леринско и Воденско е да влезат во Грција преку некоја од земјите-членки на ЕУ. Тогаш контролата ја прават цариниците на друга држава што, за среќа, немаат списоци со имиња на непожелни граѓани.

- Грција ме третира како да сум Бин Ладен. Постои "црн список" на кој се наоѓаат имиња на 114 канадски граѓани - објаснува Ѓорѓи Плуковски, Македонец што живее во Канада. Тој објаснува дека пред четири години успеал да влезе во Грција преку Италија, но кога се обидел заедно со своите роднини да го помине граничниот премин Меџитлија, наишол на рампа. Тој добил документ во кој пишува дека е "опасност за државата и општеството што се заканува кон една или повеќе европски држави".

- Цел на Грција се македонските иселеници што отворено го изразуваат македонскиот идентитет, кои одат во македонска црква, децата-бегалци и членовите на Обединетата македонска дијаспора. Моето име е меѓу оние на црниот список на непожелни личности - објаснува Ѓорѓи Кизовски, кој живее во Канада. Тој тврди дека Грција има свои платеници што следат кои лица одат во македонските цркви во Канада и потоа информациите ги доставуваат до атинските власти. Двата обиди на Кизовски да ја помине грчката граница пропаднале без да добие никакво објаснување зошто не смее да го посети своето родно село Габреж во Костурско. За ваквите репресии на грчките власти алармира и "Виножито". Партијата го објави случајот со Антонис Опасинис, кој живее во САД, кој лани при обид да го продолжи својот грчки пасош во полициската станица во Лерин дознал дека не само нему, туку и на сите членови на неговото семејство им било одземено грчкото државјанство.

Истата година Доне Раковски, кој живее во Чешка, при обидот да влезе во Грција преку граничниот премин Меџитлија од грчките цариници дознал дека е "непожелна личност" затоа што му било одземено грчкото државјанство.

Аларм до ЕУ и до организациите за заштита на човековите права

До Европската комисија, Европскиот парламент и организациите за заштита на човековите права реагирало "Виножито" за црните списоци на грчките власти. Од партијата објаснуваат дека Грција им забранува влез на оние Македонци што во местата каде што живеат го изразуваат својот национален идентитет. Комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг во својот последен извештај пред еден месец побара од Грција да им ги врати одземените државјанства на припадниците на националните малцинства. Одговорот на Грција е дека не постои ниту една правосилна одлука на меѓународно ниво дека грчките власти неправедно им го одзела државјанството.

Македонското движење за човекови права од Канада против црните листи

Продолжува да се интензивира грчкото прогонство на Македонци што се истовремено канадски, американски и австралиски државјани. Владите на овие и на други држави мора да ги штитат правата на своите државјани и да бараат од Грција веднаш да прекине со дискриминационата политика, вели Бил Николов, претседател на Македонското движење за човекови права од Канада. Организацијата неколку пати апелираше до Грција да престане да ги става на црни листи македонските активисти за човекови права и политичките бегалци. Против црните листи на Грција се борат со помош на канадските власти. И Мето Коловски од Обединетата македонска дијаспора објаснува дека постојат повеќе Македонци што живеат во САД, а се родени во Северна Грција, кои имаат забранет влез во оваа земја.

Автор: Ивана Костовска
Извор: "Нова Македонија"