Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
 


Интервју со Димитри Иоану, член на Претседателството на Виножито

9 февруари, 2009

Отпечати ја страницата

Dimitris Ioannou Во ноември 2008 година го одржавте вториот Конгрес на Виножито и тој помина мирно и без поголеми притисоци од властите во Грција. Дали е тоа некаков знак дека се променило нешто во односот кон Вашата организација и дали полека попушта притисокот?

- Не. Притисокот од Грција не се менува, само се погоди датумот на Конгресот што се случи во едно време кое не беше добро за Владата да реагира како што реагираше во минатото. Не сакаа да се види надвор од границите на земјата дека има притисок врз нас. Имаше во селото Соровичево мала група грчки ултранационалисти, но грчката полиција не им дозволи да направат некои инциденти. Се' на се', Конгресот помина мирно, имавме многу луѓе кои присуствуваа, иако во Грција се мислеше дека тие се исплашени и нема да дојдат, дојдоа луѓе од сите делови на северна Грција.

Кои се причините зошто грчките власти не реагираа поостро на одржувањето на Конгресот?

- Па, во тој период беа многу повеќе заострени релациите на Грција со Република Македонија, погледот на европските институции беше свртен кон таа проблематика поради тоа што претходно се беше случил и инцидентот во селото Забрдане во Лерин, а Грција се обидуваше да не го поврзе тој инцидент со македонското малцинство, така што доколку се случеа некои инциденти на Конгресот на „Виножито“, тоа во Европа ќе го поврзеа со претходните настани.

Со оглед на тоа што во тој период и Владата во Скопје поостро реагираше на случувањата во северна Грција, а премиерот пишуваше и писма до светските државници за состојбата на македонското малцинство, дали можеби тоа Ви помогна да имате мирен Конгрес?

- Не. Не верувам дека тоа ни помогна. Таквите потези не можат да ни помогнат. Виножито е грчка партија, а нашите симпатизери и членови се грчки државјани. Ние ги бараме нашите права од Република Грција за Република Грција. Република Македонија е друга држава. Можеби затоа што сме ист народ, емоционално и духовно сме поврзани, но тоа е тоа. Не може и не треба друга држава да интервенира за одредена група луѓе во трета држава. Припаѓаме на таа држава во која живееме. Оттука, не можам да кажам дека тие писма помогнаа. Не можам да кажам ниту дека одмогнаа, но сигурно не помогнаа.

И во македонската јавност се води дебата околу тоа колку ангажманот на Владата во Скопје, и пишувањето на писмата, им помогна на Македонците во северна Грција да ги подобрат своите права. Како Вие ја оценувате таа помош, имајќи предвид дека веќе долго време се борите за тие права преку европските институции?

- Преку европските институции остваривме одредени успеси, кои, сепак, не се којзнае колку големи, бидејќи грчката политика е многу цврста за овие теми и не остава голем простор за да ги оствариме правата што ги бараме. Сепак, остваривме одредени успеси, станавме членки на Европската партија ЕФА - четврта по големина во Европскиот парламент. Поради тоа наше членство, неофицијално, грчката власт попушта за одредени наши права, на пример, повеќе не интервенираат кога во нашите села на панаѓурите се пее на македонски јазик, а до пред неколку години такви настани и со ќотек ги растураа. Е, сега, тоа што не' оставаат по малку да пееме, сепак, тоа е успех на Европа, бидејќи знаат дека имаме каде да се пожалиме и дека има кој да и' удри „шлаканица“ на Грција. Поради европските институции, денес можеме да имаме и партија, која не сакаа да ни ја регистрираат во 1994 година, но по притисокот од ЕУ, мораа да го сторат тоа. И конечно, и нашето физичко опстојување и лична безбедност во Грција зависи многу од заштитата на европските институции.

Така што потезите на некои други држави во овој правец не можат да ни помогнат, туку можат да ни одмогнат. Ќе ви дадам еден пример. Нас во Грција не нарекуваат скопски агенти, платеници од Скопје, предавници на грчката држава итн. За жал, немаме медиуми во Грција да го негираме тоа, но кога друга држава ќе почне да се занимава со таква проблематика, тоа и' дава на Грција можност да го потврди сето тоа што се обидуваме да го негираме.

Поврзано со оваа тема е прашањето за политичките бегалци. За нив Република Македонија може да „вика“, да протестира, бидејќи се нејзини државјани. И така легално може да ги преземе сите средства за да им помогне. Инаку, членовите на Виножито и целото македонско малцинство во Грција е малцинство во Грција и и' припаѓа на оваа, а не на друга држава, како и сите други малцинства.

Во таков случај, како можат Македонците од Македонија да Ви помогнат, а да не Ви одмогнат?

- Еден од начините е Македонија да влезе во ЕУ. Тогаш ќе нема граници, населението духовно ќе се соедини, ќе соработуваме, почесто ќе се гледаме итн. Најмногу ќе ни помогне Република Македонија ако стане економски силна држава, ако е просперитетна, бидејќи, да не се лажеме, една група луѓе сакаат да припаѓаат кон одредена нација или држава или поширока заедница само доколку таа е силна. Моментно, Република Македонија е слаба економски, слабо е организирана и има многу Македонци во Грција кои не сакаат да и' припаѓаат на таа држава. Но, ако Република Македонија зајакне, ако влезе во ЕУ, ако тука постои економски и културен развој, тогаш и повеќе од Македонците во Грција ќе сакаат да се идентификуваат со тоа и ќе сакаат и тие да се декларираат како Македонци. Тогаш, Република Македонија најмногу ќе му помогне на македонското малцинство во Грција.

Какво е чувството за Вас како Македонец да се живее во Грција, во земја во која царуваат митови, се величи античката историја, во која не се признаваат малцинства, а на оние што не се Грци се гледа како на граѓани од втор ред?

- Во Грција постои голема демократија за оние што се декларираат како Грци. Доколку кажете дека се разликувате од мнозинството, почнуваат големи проблеми и тоа не важи само за нас Македонците, туку за сите други вери и нации. Постои голема дискриминација во образованието, при вработувањето, третманот од државата итн.

Вашиот сопартиец Павле Воскопулос пред неколку недели во едно интервју предупреди дека македонската нација не треба да се темели врз такви митови, историски, антички, и да го копира лошото грчко искуство. Како гледате на ова што се случува во последниот период во Македонија, со вртењето кон антиката, изградбата на споменици, преименувањето објекти...?

- Во Грција одамна е создаден мит дека таму сите се Грци, дека сите се православни и дека сите се потомци на Перикле и на Темистокле. Уште од прво одделение во основно училиште ги задојуваат децата да се чувствуваат горди што се потомци на античките Грци, што населението во Грција мисли дека е на врвот на културата во целиот свет и сите други луѓе, нации или држави ги гледаат од високо, како да се подолу од нив.

Тоа што во Македонија се прави нешто за да се зајакне националното чувство ми се допаѓа, но треба да се создава позитивен патриотизам, да се сака државата, да се подготвува народот за развој. Но, не со негативен национализам. Создавајќи таков вид митови за Александар и за Филип, за жал, се создава таков негативен национализам. Македонската држава и македонската нација постојат и само треба да се негуваат за да се развива и да оди нагоре. Нема потреба да се бараат корења пред илјадници години за да се задржи сето тоа. Државата ќе се изгради со љубов на граѓаните кон неа, со личен влог од сите за зајакнување на институциите и на економијата, образованието за да се постигне целта, а тоа е Европската унија. Кога ќе нема граници, ќе биде полесно да се обедините и со Македонците од соседните држави и тоа е патот напред.

Како реагираат Македонците во Грција кога слушаат или гледаат дека во Република Македонија се градат споменици на Александар Македонски, дека можеби и некои градови ќе ги преименуваме во Александрија итн.?

- Некои не се задоволни, бидејќи гледаат дека се следи начинот на кој се градеше и грчката држава, врз основа на митови и негативен национализам, а има и луѓе кои се радуваат на таквите работи и сметаат дека тоа е најдобриот начин да се зацврсти државата. Луѓето следат се' што се случува тука во Македонија, се коментира на најразлични начини, тоа е тоа.

Кај нас во земјава трае кавгата меѓу политичките претставници околу ветото во Букурешт од страна на Грција. Едната теза е дека непотребно сме ги испровоцирале Грците со преименувањето на аеродромот и поставувањето антички скулптури, а другата е дека ветото, сеедно, ќе се случело. Што мислите Вие?

- Мислам дека ќе се случеше ветото, без разлика на именувањето на аеродромот. Проблемот на Грција е поради постоењето на македонскиот идентитет и македонското малцинство во Грција, како и поради лошите работи што се случија во минатото. Целта на Грција во спорот со Македонија е да не постои македонски идентитет и јазик, името и не и е толку битно за Грција. Како што и неодамна изјави еден познат грчки политичар: нека се вика и Катерина, само да не постои јазик и идентитет. Со години немаше најави за вето, бидејќи грчките партии кои беа на власт не го чепкаа тоа прашање заради нивниот мир, но дојде моментот кога требаше да се реши проблемот. Грција не можеше поинаку да реагира, поради внатрешната политичка состојба, освен да користи радикални мерки.

Поранешниот грчки министер за надворешни работи Теодорос Пангалос неодамна изјави дека спорот меѓу двете земји е идеолошки проблем на десниците во двете земји. Се согласувате ли со овој став?

- Проблемот со македонското малцинство во Грција и проблемот со името е проблем што постои поради реални причини, а не поради некаква идеологија. Пангалос припаѓа на партијата ПАСОК, која се декларира дека му припаѓа на центарот, но да не забораваме дека и тие со години во последните две децении беа во власта, при што не само што не го решија, туку и го влошија проблемот. Не гледам зошто сега се обидуваат проблемот да го префрлат само на десниците во двете држави. Проблемот со името го наметна Грција и таа треба да размисли за тоа што го бара, а проблемот со македонското малцинство е реален проблем што треба да се реши, а не е прашање на идеологија. И ПАСОК да беше на власт, ќе имаше вето во Букурешт.

Вашиот колега Парисис минатата година од Битола порача дека Македонците во Грција не се согласуваат Република Македонија да додаде географска определница, како што се „горна“ или „северна“ кон уставното име. Според ова што претходно го кажавте, зошто на Македонците во Грција би им пречела таква додавка?

- Тоа што го кажа г. Парисис не е дека нам ни пречи таква додавка, туку дека не се согласуваме со начинот на кој Грција сака да крсти друга држава. Во денешна Европа, кога некој ќе се определи да се вика така, може да се вика така. Немаме конкретни идеи како да се вика РМ или да не се вика, туку не се согласуваме со тој фашистички начин на наметнување имиња заради интересите на Грција. Мислиме дека Република Македонија треба да се вика Република Македонија затоа што народот на референдум така одлучил. Ако народот си избере друго име, нека се вика поинаку.

Притисоци секогаш постоеле и ќе постојат, а работа на македонската дипломатија е да успее да се избори за најпозитивното решение. За жал, грчкиот притисок е голем, имаат многу сојузници и пријатели низ светот кои им помагаат, тоа не го оправдуваме, но тоа е реалноста. Мое мислење е дека македонската држава ќе мора да ги стави на кантар работите и да утврди што и' одговара повеќе. Но, не е лесно да се смени името и со тоа да се загрози идентитетот.

 
Join Us Videos Follow Us



ACT NOW and SHARE

Macedonian newspaper
in Albania

Proudly supported by MHRMI

MHRMI needs your support

Can you spare a dollar a day for Macedonian human rights?
The Macedonian human rights movement in all parts of Macedonia is stronger and showing more potential than ever, but we need your help to continue our progress. Get involved. Volunteer. Donate. Join the MHRMI Dollar a Day fund and make a difference.

You can make a difference for Macedonians struggling to achieve their human rights. Please do it today. Thank you for your support.


Click here for more info
June 2016


Search the Web
Search the MHRMI Archives
 
© 1997-2017 Macedonian Human Rights Movement International - All Rights Reserved.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting