Macedonian Human Rights Movement International
Photo by Hanna Zhyhar on Unsplash
Op-ed

Западот од секогаш сакаше да ја спречи македонската независност


Има една глупава идеја која повеќе од три децении опстојува меѓу политичарите, професорите и новинарите од Западот и пошироко. Тоа е дека Македонија еден ден ќе стане членка на Европската Унија, ако претходно направи „тоа и тоа“ - што се бара од неа. По 30 и кусур години давање лажни ветувања од Западот, се уште ни велат дека Македонија сепак, еден ден, некако ќе стане дел од „големиот клуб“. Се што Западот замолува - поточно бара - е Македонија да продолжи да ја брише нејзината култура, историја, јазик и традиција. И така, по сите предавнички отстапки кои ги направи Македонија, а кои беа резултат на дволични и злобни западни уцени и закани, извршени од политичари во Македонија контролирани од САД и директно од САД, а особено незаконски наметнатата, противуставна промена на името која произлезе од „Преспанскиот договор“ потпишан со Грција, а темелно подготвен во американскиот Стејт Департмент, Македонија се уште не е дел од ЕУ. Дали сте изненаден? Ние не сме. А не е ни Западот.

Дури и ако Македонија имаше политичари кои се целосно потчинети на Западот, главната причина зошто Западот не би сакал да ја види Македонија во ЕУ е затоа што, откако ќе влезе, Македонија едноставно би можела да си го врати своето уставно име. Но, причината зошто Западот нема да ја прими Македонија за да може да продолжи да ја мами со морковот наречен членство во ЕУ, и притоа целосно да ја контролира Македонија и да ја тера да прави понатамошни отстапки. Не заборавајте дека Западот целосно ги поддржува македонските угнетувачи кои ги смета за свои „стратешки партнери“ во обидот да се уништи македонската нација. По членството, ниту една земја не би можела да ја спречи Македонија да си го врати името. Навистина е толку едноставно. Зошто Западот би откажал од сите придобивки кои ги доби во однос на Македонија, за кои толку долго вложуваа, стратешки планираа, пресметување и реализираа? Секако дека нема да се откажат. Она што секој треба да се разбере е дека од независноста на Македонија, секоја политичка одлука што се носеше беше со цел бришење на македонскиот идентитет и постоењето на Македонците како посебна нација. Голем дел од ова се реализираше според планот. Во изминатите 30 години гледавме нов вид на студена војна против земја голема колку Вермонт, која не претставува воена закана за Западот, а со цел да се избрише македонската нација.

Така, се согласивме дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ, барем не како македонска нација, и не во нејзините сегашни географски граници. Но, ајде да ги просветлиме сите закоравените скептици кои се уште веруваат дека постои сериозна западна поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и за посебноста на македонска нација.

Да се вратиме назад, дури до 1991 година, прогласувањето на независноста на Република Македонија и поднесувањето на барање за членство во Обединетите нации. Грција штотуку имаше провидение кое се случи околу 1988 година, под владата на премиерот Андреас Папандреу, додека го следеше распадот на Југославија, по што реши да започне да полага право на името Македонија, кое дотогаш очајно и брутално се обидуваше да го потисне. Грција го смени официјалното име на Министерсвото за Северна Грција во Министерство за Македонија и Тракија. Всушност, во 1945 година, грчката влада основа Генерална Администрација на Северна Грција, која беше укината во 1955 година од премиерот Александрос Папагос и реорганизирана во Министерство за Северна Грција. Ова Министерство беше укинато од страна на грчката воена хунта во раните 1970-ти пред да биде повторно воспоставено во 1974 година, под ова име до 1988. Се работи за регионот кој беше дел од поделбата на Македонија во 1913 година како резултат на Договорот од Букурешт, со кој Грција, Бугарија и Србија се здобија со нова територија. Албанија доби помал дел од Македонија во 1919 година.

Одеднаш, како резултат на нововоспоставеното грчко право на името на Македонија, Грците си дадоа право да тврдат дека тие имале официјален, политички/владин регион со истото име и се спротивставија на правото на Македонија коректно да се нарекува Република Македонија.

Но, белким една Грција нема доволно влијание да ги прекрши правилата на Повелбата на Обединетите Нации и да го спречи членството на суверена и независна нација? Само најсилната нација на светот, која седи на Советот за безбедност, може да поседува таква моќ, а тоа несомнено беа САД кои го попречија влезот на Македонија во ОН и наметнаа нов услов со кој не се соочила ниту една друга нација - Македонија мораше да користи референца за своето име. Ова беше првата голема грешка на Македонија, направена под сериозен притисок од Западот, ММФ и Светската Банка.

Од сите земји што произлегоа од распадот на СССР, Чехословачка и Југославија - вкупно 22 нови држави - само Македонија не беше официјално признаена од САД и Западните Европски сили (види - Улогата на Америка во мачниот пат на Македонија до меѓународно признавање 1991 – 20 13, второ издание од Ристо Никовски стр. 27). Кога Европската Заедница (ЕЗ), сега Европската Унија ја формираше Бадентеровата комисија предводена од Роберт Бадентер, Претседател на Уставниот суд на Франција, и побара од него да воспостави низа критериуми кои ќе служат како основа за тоа дали ЕК ќе ги признае новопрогласените европски нации, Македонија веднаш доби дадено зелено светло ((види - Улогата на Америка во мачниот пат на Македонија до меѓународно признавање 1991 – 20 13, второ издание од Ристо Никовски стр. 28). Уште повеќе, од сите балкански нации кои произлегоа од распадот на Југославија, Комисијата препорача на признавање само на Македонија и Словенија. Денес, членки на ЕУ се само Хрватска и Словенија. Ова не е случајност, а не е случаен ниту фактот дека на САД им требаа речиси пет години од независноста на Македонија да отворат своја амбасада во земјава, последна амбасада што ја отворија во земјите од поранешна Југославија, иако во Босна и Херцеговина беснееше војна во најголем дел од првата половина на 1990-тите.

А грчкото трговско ембарго? Да се потсетиме на времето кога претседателот Бил Клинтон не го осуди и не го запре на 19-месечното трговско ембарго што Грција и го наметна на Македонија (види - Грција ќе го укине ембаргото против Македонија ако Македонија си го смени знамето од Кристофер С. Рен) од 1994 до 1995 година за да ја принуди да го смени името и да се откаже од „одредени“ македонски културни симболи. Ниту една западна земја не застана во поддршка на Македонија и економски загрозените Македонци кои беа оставени на притисоците на Србија и Грција, кои заговараа кога и како да ја освојат и поделат Македонија со западна поддршка, исто како во 1912-1913 година (види - Македонија ја посакуваат три држави: Распадот на Југославија привлече нови играчи, од Душко Додер).

Знаеме и дека САД ја поддржуваа терористичката група на етничките Албанци позната како Ослободителна војска на Косово (ОВК) чија цел беше да се отцепат од Србија и да направат независна држава Косово и Метохија (Косовските Албанци набрзина го отфрлија името Метохија откако прогласија независност во 2008 година. Откако Советот за Безбедност на ОН не успеа да усвои резолуција (види - Легитимноста на акцијата на НАТО во поранешната Република Југославија (СРЈ) според меѓународното право од Кристин Чинкин) во 1999 година НАТО започна воздушна кампања против Југославија за време на граѓанската војна меѓу ОВК и Србија. Предводен од САД, Франција и Британија, НАТО продолжи со нивната кампања што резултираше со смрт на невини Срби и Албанци. Кој може да ја заборави озлогласената слика на покојната поранешна американска државна секретарка Медлин Олбрајт како срдечно го прегрнува командатот на ОВК Хашим Тачи (види подолу) за кого се знае дека ликвидирал безбројни Срби и Албанци и на кого моментално му се суди за воени злосторства во Хаг. Но Тачи, и неговите колеги - терористи на кои исто така им се суди во Хаг - Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими - веројатно ќе поминат без никакви последици бидејќи евентуална виновна пресуда само ќе го потврди соучесништвото на Америка и НАТО во нелегалното бомбардирање и нивната поддршка за ОВК.

За време на овој конфликт, Македонија им обезбеди засолниште за приближно 360.000 претежно етнички Албанци од Косово. ОВК виде можност да ги реализира своите долгорочни желби за создавање на „Голема Албанија“. Повторно, оваа цел се реализира со помош на САД. Како го знаеме ова? Едноставно. Ослободителната национална армија на етничките Албанци (ОНА), уште една терористичка организација и сестринска група на ОВК која се формираше во Македонија, ја започна својата терористичка кампања во 2001 година. Во една битка, во селото Арачиново, заедно со терористите на ОНА дејствуваа 17 членови на организацијата МПРИ (Military Professional Resources Inc.) и тие се повлекоа од селото заедно со ОНА. Замислете само. Македонија им обезбеди засолниште на етничките Албанци - бегалци од Косово, а за возврат ОНА и ОВК ја тероризираат државата. Во меѓувреме, фирмата МПРИ, која беше ангажирана од американската влада која всушност ја создаде ОНА и продолжи да ги обучува и финансира нивните терористички активности во Македонија, истовремено беше ангажирана за реформирање на македонската армија. Како резултат на тоа, тие имаа пристап до воените и стратешките планови на Македонија. Дали од наивност или од нешто друго, раководството на Македонија покажа сериозна неспособност која е на ниво на криминал. Сепак, ова не треба да изненадува, бидејќи МПРИ и британски воени инструктори беа ангажирани за обука на терористите на ОВК неколку години пред тоа во камповите воКосово и Албанија.

Во неговиот опис на битката во Арачиново, покојниот полковник Дејвид Хакворт го напиша следново за МПРИ, „Извори во Армијата на САД во Косово, информирани со спасувачката операција што ја изврши 3/502 Воздухопловниот батаљон потврдуваат дека цел на мисијата била да се спасат 17-те „инструктори“ кои биле со бунтовниците - се работи за поранешни американски офицери, кои им обезбедуваа постојана воена обука на бунтовниците“ (види - Се бара: Пиштолџии за наем од Дејвид Хекворт). Тој додава дека „други извори велат 17-те „инструктори“ беа членови на високо-профилната група за изнајмување платеници наречена МПРИ - Воени професионални ресурси инк. - која функционира под закрила на Пентагон и беше ангажирана од ЦИА и нашиот Стејт Департмент за операции во поранешна Југославија“ (види - Се бара: Пиштолџии за наем од Дејвид Хекворт). Единствената цел на стратешката геополитичка политика на САД беше да се создаде плуралистичко општество, а со тоа да се ослабне македонската нација. Во и околу ова време, почнуваме да гледаме дека терминот „граѓанско општество“ почнува да се користи да се опише Македонија. И така, со американски благослов, шовинистичкиот сон на Албанците за „Голема Албанија“ направи два големи чекори напред, со претворањето на Косово

Новинарите Ричард Тајлер и Крис Марсден перфектно и уште подетално ја доловуваат поддршката на Западот за ОНА за време на битката во Арачиново. „Единица од 81 американски војници со 16 вооружени воени возила „хамви“ придружуваа 20 автобуси со припадници на Ослободителната национална армија (ОНА), албанските сепаратистички сили во Македонија, надвор од Арачиново на периферијата на Скопје… Портпаролот на американскиот Пентагон, адмирал Крег Квигли, рече дека генерал Џозеф Ралстон, највисокиот командант на НАТО кој командува со сите американски сили во Европа, донел одлука да ги испрати американските војници да ги придружуваат припадниците на ОНА кои се повлекуваа. Портпаролот на Белата куќа Ари Флајшер потврди дека акцијата била одобрена на највисоко ниво на власта. Претседателот Буш, неговата советничка за национална безбедност Кондолиза Рајс и секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд биле консултирани за одлуката за распоредување американски војници. (види овде).

Кампањата во Арачиново беше предвесник на нештата што следуваа. Под силен притисок и закани за меѓународно гонење од САД, македонската армија предводена од претседателот Борис Трајковски и генералот Панде Петровски им дозволија на ОНА и МПРИ да се повлечат неповредени. Да не го заборавиме и убиството на осумте невини македонски полицајци од страна на терористите на ОНА и ОВК во селото Вејце, Македонија (види - Македонија тагува по своите војници).

Ова криминално недејствување од страна на македонските лидери заедно со значителниот правен и политички притисокот од страна на САД и другите западни влади доведоа до Охридскиот договор, кој беше со цел дополнително да се избрише македонската нација, а Албанците да се востоличат како етничка заедница во Македонија. Општините кои се состојат од најмалку 20 проценти етнички Албанци го добија и албанскиот како официјален јазик. Ова беше втора голема грешка на Македонија од независноста. Првиот чекор кон федерализација на македонското општество беше направен.

Да продолжиме малку напред. Поради ветото на Грција, на Македонија не и беше дозволено да влезе во НАТО во 2008 година, иако Џорџ В. Буш „ветуваше“ дека ќе влезе. Знаеме дека Грција немаше и се уште нема моќ да влијае врз политички одлуки од толкава големина. Имајќи предвид дека САД вложува најмногу во НАТО, над 16 проценти, и има војници распоредени низ целиот свет, може слободно да се каже дека ова беше американска одлука.

Сите знаеме дека референдумот за промена на името на Македонија во 2018 година не успеа и неговото спроведувањето е незаконско според Уставот на Република Македонија. И Западот го знае ова. Признавањето на нелегалната промена на името на Македонија би било слично на непризнавање резултатите од референдумот за БРЕКСИТ или да се признае Доналд Трамп за претседател изборите во 2020 година. Но, сепак, американските и западноевропските лидери бараа владата во Македонија предводена од СДС/ДУИ да ја игнорира волјата на народот и со сила да спроведе гласање во Собранието, каде членовите можеа да бидат уценувани и целосно поткупувани.

Да разгледаме дел од реториката од западните лидери во и околу ова време. На 2 октомври 2018 година, неколку дена по неуспешниот референдум, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, зборувајќи како бесно невоспитано детиште од предучилишна возраст, рече: „Единствениот начин да се придружите на НАТО е со прифаќање и спроведување на договорот за името [Договорот од Преспа] со Грција. Нема друг начин. Гледам дека некои укажуваат на можноста да го отфрлите договор за името, а сепак да влезете во НАТО. Тоа нема да се случи. Такваа алтернатива не постои. Значи, народот на државата и Собранието во Скопје треба да одлучат, но моја обврска е да ви стане апсолутно јасно дека нема начин да се приклучите на НАТО без целосно спроведување на договорот за името. Подготвени сме да ви посакаме добредојде, но вие секако треба да го спроведете договорот“. Столтенберг никогаш не призна дека „народот на земјата“ штотуку донесе одлука, со тоа што излезеноста на гласачите на референдумот беше само 36 проценти, далеку под потребните 50 проценти плус 1 гласач кои се потребни според Уставот. Тоа е затоа што огромното мнозинство Македонци го бојкотираа референдум - и со право. Интересно, Столтенберг ги спомна „луѓето на земјата“ и Собранието. Знаеме дека планот уште од првиот ден беше да се спроведе промена на името без оглед на резултатите од референдумот, со што се докажуваат намерите на Западот да го избрише македонскиот идентитет, како во северна Грција така и во Македонија. Исто така, важно е да се напомене дека ниту една друга членка на НАТО не добила дополнителен услов за да се приклучи, и од нив не се бараше да го променат своето уставно име, да ја избришат својата култура, историја, етничка припадност и јазик.

Откако Западот ја наметна оваа нелегална промена на името, Македонија набрзина беше ставена во група со Албанија за заедно да влезат во ЕУ. Значи нов предизвик. И по толку многу ветувања, никој на Западот не се изненади кога на 1 јули 2019 година францускиот претседател Емануел Макрон го соопшти следново: „Ќе одбијам секаков вид проширување пред длабока реформа на нашето институционално функционирање“. (види - Францускиот лидер најавува дека ќе го блокира проширувањето додека ЕУ не се реформира). Со тоа Макрон го потврди она што веќе беше општо познато - дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ. Потоа на 9 мај 2022 година, обраќајќи им се на претставниците на ЕУ на церемонијата на затворање на Конференцијата за иднината на Европа, што се одржа во Стразбур, Макрон рече: „Наша историска обврска е...да го создадеме она што јас би го опишал денес пред вас како европска политичка заедница... оваа нова европска организација ќе им овозможи на демократските европски нации...да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност, соработка во енергетиката, транспортот, инвестициите, инфраструктурата, движењето на луѓето“; (види - Макрон повикува на „европска политичка заедница“ во која би можела да се вклучат и Украина, Британија).

И така, францускиот претседател предложи двостепен систем во кој земјите кандидатки, како Македонија, ќе чмаат додека се смислуваат нови стратегии за тоа како целосно да бидат уништени. Секако, Франција не е единствената членка на ЕУ која верува во овој „нов“ пристап. Оваа идеја не се изроди сама од себе. Сигурно имало дискусија меѓу членките на ЕУ. Човек може само да заклучи дека Европа ќе биде организирана слично како Англиската фудбалска лига, со земји членки кои се наоѓаат во Премиер лигата, земји кандидатки кои остануваат во првенството, и земји кои не се кандидати и кои седат во Лигите 1, 2 и така натаму. Но, тука е финтата. За разлика од фудбалот, тука нема да има начин да се придвижите во погорната лига. За да имаме подобар преглед, да се потсетиме дека Турција е кандидат за членство во ЕУ од 1987 година и речиси со сигурност може да се каже дека никогаш нема да се приклучи. Македонија е кандидат од 2005 година. По прашањето за приклучување на Украина, Макрон продолжи да објаснува дека ако Украина добие кандидатски статус уште утре, знаеме дека процесот ќе потрае многу години и во реалноста ќе бидат потребни неколку децении (видете го целосниот говор на Емануел Макрон тука). Дали сето ова почнува да допира до лицата кои се уште веруваат дека Македонија ќе влезе во ЕУ?

Одеднаш, навидум од никаде, Бугарија почна да го бара својот дел од колачот - откако го виде „успехот“ на Грција со потпишувањето и спроведувањето на Договорот од Преспа. Никој не можеше да предивид дека вакво нешто ќе се случи, нели? Никој, освен САД, УК, ЕУ и секако ММДЧП. И што сакаат Бугарите? Тие сакаат Бугарите да бидат официјално признати како малцинство во македонскиот Устав, или и Бугарија ќе и стави вето на Македонија за нејзиниот влез во ЕУ, за кој веќе знаеме дека никогаш нема да се случи. Зошто го сакаат ова Бугариет? Штом ќе влезат во Устав, ќе почнат да тврдат дека Македонците се навистина Бугари, со што се затвора таканареченото „македонско прашање“. Ова не е ново, бидејќи бугарската анти-македонската реторика се засили уште откако Тодор Живков стана премиер во 1962 година. Но, тоа не е се. Тие исто така бараат Македонија да им дозволи на Бугарите да ги пишуваат текстовите од учебниците по историја за одделенската настава во Макеоднија, за овие книги да ја претставуваат бугарската историска перспектива. Со тоа ќе се бугаризираат сите македонски револуционерни дејци и ќе се спречи македонската влада во обидите да ги штити правата на етничките малцинства на Македонците во Бугарија. (види - Протокол на втората седница на Мешовитата меѓувладина комисија, изработен според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедски односи и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија на 17 јули).

Подеднакво налудничав е и нивниот обид да ги сменат фактите за нивната улога во Втората светска војна, и да се претстават како ослободители, а не како фашисти кои беа сојузници на нацистичка Германија и ја окупираа Македонија од 1941 година. Бугарите бараат училишните учебници да се сменат и во однос на ова прашање. Како да сме во 1984 на Џорџ Орвел. За оние кои не ја виделе снимката на која бугарскиот премиер Богдан Димитров Филов ги фали „големите водачите Адолф Хитлер и Бенито Мусолини“, погледнете овде. А ова е финалниот удар - нема никаков реципроцитет во односите меѓу двете змеји. Бугарија нема да биде обврзана да ги вклучи Македонците во бугарскиот Устав. Никој од САД или ЕУ не спомна ништо за ова прашање. А и зошто би спомнале? Тие го виделе Протокол и знаат дека неговата поента не е да има реципроцитет, туку да се избрише македонскиот идентитет.

За да ги зголеми шансите да ги убеди Македонците, Протоколот изработен од бугарска страна беше претставен како „француски предлог“ и во него јасно се истакнува барањето дека за да почнат преговорите со ЕУ, услов е „посветеноста на Северна Македонија да одржува добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучително и преку постигнување опипливи резултати и спроведување во добра волја на билатералните договори, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година“ (види - Преговарачка рамка, точка 5, во документот насловен Министерски состанок на меѓувладината конференција за завршување на отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија генерална позиција на ЕУ).

Во заклучоците на Советот оа се објаснува уште подетално. „Тоа ќе овозможи и зајакнување на еднаквите права на лицата кои припаѓаат на малцинствата и заедниците во Северна Македонија и со тоа ќе придонесе за усогласување со политичките критериуми од Копенхаген. Советот притоа ја поздравува и ја почитува намерата на Северна Македонија да започне и приоритетно да ги изврши соодветните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат и граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“ (види - Предлог заклучоци на Советот). И со тоа, ЕУ е на став дека Македонија треба да капитулира пред сите бугарски барања и притисоците кон таа цел продолжуваат да растат.

На крајот, Советот продолжува со став дека „Ќе ви ја претставиме преговарачката рамка основана врз Генералниот став на ЕУ за време на следниот состанок на меѓувладината конференција, која сме подготвени да ја одржиме без дополнителни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните промени како што е наведено во Заклучокот на Советот од XX/XX/2022 година, во согласност со нејзините внатрешни процедури“ (види - Политички состанок на меѓувладината конференција на прием на Северна Македонија на Европската Унија заедничка позиција на ЕУ).

Дали забележувате дека ЕУ не побарала од Бугарија да возврати со слични отстапки во ниту еден од трите документи? Тоа не е случајно. Така, го имаме Емануел Макрон кој во мај 2022 година изјави дека ќе се воспостави двостепен систем во Европа, што значи дека земјите кандидати нема да станат членки на ЕУ, а потоа во јули 2022 година излегува „францускиот предлог“, кој ги наведува сите отстапки што се бараат од Македонија само за да почнат пристапните преговори. Уште повеќе, ЕУ дури не ни гарантира дека штом ќе се направат овие отстапки, пристапните преговори ќе започнат, и не ја отфрли можноста да се појават дополнителни барања од Грција или Бугарија што ќе доведе до нови вета. Едноставно, Македонија нема никакви гаранции дека ќе влезе во ЕУ. Нема дури ниту навестување за гаранции. Во меѓувреме, заблудените македонски политичари преговараат со Бугарија за Протоколот.

Добро знаеме какви се позициите на Бугарија за Македонија и за Македонците. ЕУ мораше да изврши притисок за зборот македонски да се вметне во преговарачката рамка во однос на јазик, со цел да се обиде да им покаже на Македонците дека ЕУ всушност го признава нивниот идентитет и јазикот. На ова веднаш реагираше бугарското Министерство за надворешни работи. Бугарија соопшти дека „создавањето на 'македонскиот јазик' во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални јазични форми, со што се симулира 'природен' процес врз основа на дијалектна форма“ (види – Бугарија поднесе еднострана декларација за македонскиот јазик).

Еве неколку други изјави на бугарски претставници за Македонија:

На 30 октомври 2020 година, за време на интервју за Ројтерс, поранешната бугарска министерка за надворешни работи Екатерина Захариева изјави: „нашата загриженост произлегува од постојаните тврдења за постоење на македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени би ставило на крај на ова“ (Бугарија бара Северна Македонија да ги реши историските прашања или ќе се соочи со одложување на патот кон ЕУ од Цветелија Цолова).

На 15 декември 2021 година, бугарскиот пратеник во Европскиот Парламент Ангел Џамбазки рече: „Овој став почива на суштинскиот факт дека Македонија е Бугарија, таа е втора бугарска држава на Балканот, што ние во нашата партија постојано го посочуваме“ (види тука).

На 25 април 2022 година, бугарскиот епископ Сиониј Стефан Радев изјави: „Убеден сум дека народот на Македонија се 90 проценти Бугари. Македонија е целосно бугарска. Не сакам да исклучувам ниту еден друг народ, ниту Албанците кои ги има многу во Македонија, ниту Србите, ниту браќата Роми, ниту Турците. Никој не треба да биде исклучен од нашето братство. Но, главното население таму е бугарскиот народ, оттуѓен од своите корени, и измамен од државата“ (види тука).

На 24 јуни 2022 година, Костадин Костадинов од ултранационалистичката партија Преродба рече: „Македонија е Бугарија, Бугарија е Македонија. Македонија е Тракија. Македонија е Добруџа и ние никогаш нема да дозволиме да биде изневерен бугарскиот национален интерес, затоа што претрпевме две национални катастрофи при што нашата бугарска влада ја подари Македонија и сега сме пред трета национална катастрофа“ (види тука).

Еве неколку изјави на албански претставници за Македонија и за „Голема Албанија“:

На 6 април 2015 година албанскиот премиер Еди Рама стаед дека „Обединувањето на Албанците од Албанија и Косово... е неизбежно и несомнено... Прашањето е како тоа ќе се случи. Дали тоа ќе се случи во контекст на ЕУ како природен процес и прифатен од сите, или тоа ќе биде реакција на слепилото и мрзеливоста на ЕУ“ (види тука).

На 14 март 2017 година, поранешен пратеник од Партијата за правда, интеграција и единство во Албанија, Месила Дода, изјави дека „Сакам да зборувам за тема за која сум многу страствена. Тоа е Илирида, древната албанска провинција, чие име го заборавивме. Некој вели дека е Македонија, некој ја нарекува ФИРОМ, а ние ја нарекуваме Илирида“ (види тука).

На 20 јануари 2021 година, претседател на Алијансата за иднината на Косово и поранешен терорист на ОВК Рамуш Харадинај изјави: „Имам едно прашање до сите вас; што ќе се случи по 4-5 години ако нема напредок на Косово? Ако Косово не е пред вратите на НАТО и ако ЕУ не дозволува визна либерализација за Косово... и се уште не ја признава нашата независност,

а наместо тоа, нè вовлекува во дијалог и не блокира. Што ќе се случи ако не сме на вратите на ОН? Не треба повеќе да прифаќаме дека сме замрзнат конфликт, како што наведува Вучиќ, туку треба да бараме референдум за обединување со Албанија“ (види тука).

На 16 февруари 2021 година, во интервју за Еуроњуз, косовскиот премиер Албин Курти изјави: „Ние веруваме во зајакнувањето на државата Косово како суверена и независна република а во нашиот устав член 1.1 е во спротивност со член 1.3. Членот 1.1 вели дека Косово е суверена независна земја, а член 1.3 вели дека Косово не може да се приклучи на друга земја. Така што верувам дека целосната независност подразбира и независност од независноста. Така ние би можеле да влеземе во федерација со Албанија или во федерацијата на ЕУ. Два референдуми во иднина може да го решат ова, во Албанија и Косово, но никогаш со прекршување на нашиот Устав. Уставот ќе треба прво да се смени и само ако тоа може да се направи еден ден, на мирен и демократски начин." На прашањето како ќе гласа во таков случај, тој одговори: „Мислам дека би гласал да. Да“ (види тука).

На 10 јуни 2022 година, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го претставуваше македонскиот премиер Димитар Ковачевски на германскиот канцелар Олаф Шолц, кога албански премиер Еди Рама „на шега“ уфрли дека Ковачевски е премиер на: „Идна Западна Бугарија“ (види тука).

На 12 август 2023 година, косовскиот премиер Албин Курти го посети градот Тетово и областа Чаир во Скопје, Македонија. Курти беше пречекан од голем број етнички Албанци од Македонија. За време на неговиот говор, додека го претставуваше неговиот план да се изгради пат од Тетово до Призрен, беше истакнато знаме со мапата на „Голема Албанија“ (види тука). Спротивно на Уставот, македонската химна не беше изведена, и не беше истакнато македонското знаме. Наместо нив, беше изведена химната на Косово и се вееа знамињата на Албанија, Косово и на „Голема Албанија“, што исто така се коси со македонскиот Устав. Дополнително, Курти присуствуваше на преименувањето на улиата „2ра Македонска Ударна Бригада“ - воена единица која се борела против бугарските сили кои беа сојузници на нацистите во Втората светска војна - со ново име, на Адем Демачи, дисидент од Косово и заговорник на независноста на Косово (види тука). Демачи нема никакви врски со Македонија, и се залагаше за албанскиот сепаратизам и за идејата за „Голема Албанија“ до неговата смрт во 2018 година.

Други изјави на американски/европски претставници:

На 8 септември 2018 година, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави: „Со успешен исход на референдумот, вашата иднина може да биде како две членки на НАТО кои исто припаѓаат на семејството на државите на ЕУ“ (види тука). Забележете дека ниту таа, ниту Германија не ги прифатија резултатите на референдумот, како и дека не постоеше сериозен план за интеграција во ЕУ - што сега сите го гледаме.

На 9 јули 2022 година американскиот државен секретар Ентони Блинкен објави заедничка изјава со Високиот Претставник/Потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел. „Го поздравуваме компромисниот предлог со кој се земаат предвид интересите и ставовите како на Северна Македонија, така и на Бугарија, врз основа на меѓусебно почитување, доверба и разбирање“ (види тука). Забележете дека се користи зборот „компромис“, иако со документот се поддржуваат барањата на Бугарија, која не направи никакви отстапки од своја страна. Исто така, имајте на ум дека ова е ретка заедничка изјава што потврдува дека Америка и ЕУ имаат заеднички став за Македонија.

На 7 април 2023 година, францускиот амбасадор во Бугарија Жоел Мајер изјави: „Францускиот предлог создаде перспектива за Македонија и во интерес на сите соседи е да имаат сосед кој ги исполнува европските стандарди. Во оваа насока, Македонија треба да го смени својот Устав. Ако не го сторат тоа, правилата на играта се јасни. Договорот ги гарантира правата на Бугарите во Македонија. За историската комисија, таа има за цел да се постигне консензус за заедничката историја на двете страни и во даден момент ќе се пишуваат историски книги кои ќе ја одразуваат истата визија за историјата“ (види тука). Ништо не се споменува за промени во Уставот на Бугарија за да се вклучат и Македонците, ниту за гарантирање на правата на Македонците како малцинска група во Бугарија.

Дали некој навистина верува дека Бугарија има моќ да влијае на геополитиката во Балканот спротивно на интересите на најсилната нација во целата човечка историја? Се разбира дека нема. Од некоја причина, можеби затоа што Македонија е најслабата алка, Америка и ЕУ (особено Франција и Германија) решија дека во нивен геополитички интерес е да се уништи македонската нација, и затоа не се противат на барањата на Бугарија, ниту се противеа на грчките барања во минатото, туку ги користат нивните условувања за да ги остварат сопствени долгорочни планови во регионот.

Само како пријателско потсетување, еве ги пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) за кршење на правата на македонско малцинство во Бугарија (види - Правата на македонското малцинство во Бугарија):

СЛУЧАЈ ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН И ДРУГИ против БУГАРИЈА(бр. 2) (Апликација бр.34960/04)

СЛУЧАЈ СИНГАРТИСКИ И ДРУГИ против БУГАРИЈА (Апликација бр. 48284/07)

СЛУЧАЈ ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН И ИВАНОВ противБУГАРИЈА(бр. 2) (Апликација бр.37586/04)

СЛУЧАЈ ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН И ДРУГИ против БУГАРИЈА (бр. 3) (Апликација бр. 29496/16)

СЛУЧАЈ ИВАНОВ И ДРУГИ против БУГАРИЈА (Апликација бр. 46336/99)

СЛУЧАЈ СТАНКОВ И ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИНДЕН против БУГАРИЈА (апликација број 29225/95 и 29221/95.)

И пресудата на ЕСЧП за македонското малцинство во Грција:

Христос Сидиропулос и 5 други против Грција (Апликација бр. 26695/95.)

AFFAIREMAISON DE LA CIVILIZATION MACÉDONIENNE ET AUTRESпротив ГРЦИЈА (aпликација бр. 1295/10)

Ниту една од овие пресуди не е спроведена.

Откако го кажавме сето ова, се наметнува едно поголемо прашање. Зошто македонските политичари ги предадоа сопствената земја и сопствениот народ? Повеќе од еден век, Западот прави се за да ја уништи Македонија и Македонците. Грција и Бугарија, како големи приматели на помош на Западот, ги искористија западните институции за своите цели. Зошто Македонија не го прави тоа? Иако е точно дека ниту една друга балканска нација не била цел на таков брутален напад и уцена против нејзиното постоење како народ, се уште не може целосно да го оправда или објасни внатрешното предавство извршено од самите Македонци. Како дојде до точка каде што претставниците на Социјалдемократскиот сојуз - Зоран Заев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска - буквално ставија десетици милиони долари во џеб од незаконска промена на уставното име на Македонија? Како тоа двете најголеми македонски политички партии, СДС и ВМРО, не успеаа да останат обединети и да ја одбранат Македонија?

Што доби Македонија во овие 30 и кусур години? Ништо.

Дали некој се уште мисли дека Македонија ќе влезе во ЕУ? Малку е веројатно дека Србија, Албанија и Босна и Херцеговина ќе влезат. Грција мисли дека победи. САД и ЕУ мислат дека тие победиле, а Бугарија се надева дека ќе победи, со затворањето на таканареченото „македонско прашање“. Тие очекуваат дека македонските политичари ќе продолжат да ја распродаваат својата земја и македонското население ќе продолжи да биде помирливо и незаинтересирано за западните политики. И не би биле грешка по овие прашања, бидејќи долго време се покажа дека се во право. Но, всушност, Западот знае дека неговите „достигнувања“ се кревки и се што е потребно е да се појави нова влада, со свеж пристап, која ќе формира мнозинство во Собранието и ќе покаже храброст да ги осуди сите лаги и лажни ветувања на Западот, да ги потврди резултати од референдумот и да ги поништи незаконскиот уставен амандман за промена на името и таканаречениот Договор за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година. Нема дури ни да и треба дво-третинско мнозинство бидејќи сето ова беше направено незаконски. Едноставно Владата ќе треба да оформи став и да поднесе официјални писма до секоја нација, прво до САД, дека го враќаме на легитимното, уставно име на државата - Република Македонија.

Новата влада ќе треба да продолжи да поднесува жалби за кршење на човековите права до Европскиот Суд за Човекови Права, до Меѓународниот Суд на Правдата и до кое било друго меѓународно тело, и да ја префрли одговорноста за одлуката на Западот. САД и ЕУ ќе треба да го оправдаат досегашното и сегашното бришење на македонската нација пред сопствените граѓани и институции (што не би можеле да го направат). Македонија сега е членка на НАТО, така што САД или која било друга западна сила нема да може лесно да испровоцира војна ако дојде до внатрешни немири. Веројатно би настанал парламентарен хаос, но тоа е мала цена за зачувување на македонската нација. На крајот, Македонија всушност ја држи целата моќ. Сè што треба да направи е да почне да се залага за себеси. Тоа е здраворазумски.