Macedonian Human Rights Movement International
Ne e dovolno samo da kazhesh deka si Makedonec
Соопштение за медиумите

Не е доволно само да кажеш дека си Македонец


Мораш да преземеш акција. Во спротивно, ќе продолжи раздавањето на се што е македонско на оние кои сакаат да не искоренат. Засекогаш ќе останеме „Северномакедонци“ од „Северна Македонија“ - изрази кои се измислени специјално да се искорени нашето име, идентитет, култура, наследство, јазик и историја.

Не е доволно да кажеш дека си Македонец. Самото одење на македонски настани не е доволно. Не е доволно да се жалиш за бруталноста од изминатите неколку години, без да преземеш нешто.

Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права не стои со скрстени раце. Речиси четири децении ние ја браниме македонската кауза, со конкретни проекти за човекови права низ целата територија на распарчената Македонија и лобираме низ светот за нашето име и права.

Македонците до скоро победуваа.

И покрај интензивното лобирање од страна на Грција, Република Македонија беше призната со нејзиното вистинско име, а употребата на смешните изрази „ПЈРМ“ и „Поранешна Југословенска Република Македонија“ забрзано опаѓаше. Десетици странски влади и оддадоа признание на ММДЧП токму за овие успеси. Со огромна поддршка од ММДЧП, Македонците ширум Егејска Македонија и пркосеа на грчката влада и на тајната полиција и почнаа да одржуваат македонски фестивали на кои се изведуваа горди, патриотски македонски песни. Македонците во Пиринска Македонија, исто така со огромна поддршка од ММДЧП, го покажаа истиот пркос и се собираа во огромен број на фестивали да им изразат почит на македонските херои и да ја слават македонската култура. ММДЧП ги отвори првите училишта на македонски јазик во Мала Преспа и избра Македонци на функции во Албанија кои се залагаат за македонските права.

И тогаш Западот се вклучи и целосно ги поддржи нашите угнетувачи.

Зошто? Тие беа решени да го прошират членството во НАТО и да ја засилатсвојата контрола врз регионот. Грција категорично велеше дека ќе стави вето на членството на Македонија доколку не се смени нашето име. Политичарите во Македонија можеа исто така категорично да кажат не, нашето име е Македонија, и прашањето ќе се завршеше. Но, тие се согласија да продолжат да преговараат, и знаеме што се случи. Западот го избра патот на најмал отпор - Македонците.

За жал, истакнати и богати Македонци на Запад се помирија со ова, и велеа дека нивниот молк при присилната промена на името е пример за „дипломатија“. Да се согласиме да раздаваме се што сме, се за што се бореле нашите баби и дедовци, не е „дипломатија“. Прифаќањето на брутално ироничниот став на САД дека тие „шират демократија и човекови права“, без да ги разобличиме САД кои го предводат растурањето на нашата демократија и газењето на човековите права, само овозможува повеќе антимакедонски дејствија.

И видовме експоненцијално зголемување на нападите врз Македонците.

Македонците во Република Македонија се тепани од полициски специјалци, апсени поради несогласување со властите, изложени на брутални затворски услови и трпат закани од претставници на режимот со сериозни последици по членовите на нивните семејства. Владите на Грција и Бугарија веќе ја користат насилната промена на името како „доказ“ дека Македонците „не постојат“ и како оправдување за да ги забранат секое изразување на македонскиот идентитет, при што неонацисти и тајната полиција ги напаѓаат и им се закануваат на Македонците. Бугарија го следеше „успехот“ на Грција во наметнувањето на промената на името и постави свои барања за бришење на идентитетот и историјата на Македонците во замена за укинување на ветото на кандидатурата за членство на Македонија во ЕУ. Бугарија дури ја користи подготвеноста на македонските политичари да бидат „дипломати“ за да го негира постоењето на Македонците во Албанија, тврдејќи дека тие всушност се „вистински Бугари“. Овие тактики се проширија и низ светот, особено на Запад, каде што нашите угнетувачи ги посочуваат наметнатите договори со Грција и Бугарија како „доказ“ дека ние немаме право да го користиме сопственото име и македонскиот идентитет. Едноставниот одговор на барањата да се преговара - и да се смени - кои сме ние требаше да биде едно големо НЕ. Со тоа антимакедонските барања ќе престанеа.

Силата се почитува, и е тоа што ни беше и е потребно.

Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права ја има потребната сила. Ги осудуваме и разобличуваме оние кои ги кршат правата на Македонците. Едуцираме и апелираме на акција од сите останати. Ние сме меѓународно познати и почитувани и, соочени со експоненцијалното зголемување на антимакедонските напади, обезбедивме посериозна поддршка - од Западот и од целиот свет - отколку што можеа да замислат нашите угнетувачи. Тркалото се врти.

Дополнително, со непоколеблива поддршка од ММДЧП, и покрај огромните притисоци, Македонците ширум поделената Македонија не само што ги продолжуваат нашите заеднички активности туку и експоненцијално ги зголемуваме.

Но, потребен ни е дополнителен поттик. Придружете ни се. Вклучете се во нашите активности. Погледнете ја листата на нашите клучни активности подолу и донирајте. Помогнете ни да го вратиме нашето име, да ставиме крај на искоренувањето на се што е македонско и да ги обезбедиме нашите човекови права како тоа што отсекогаш сме - Македонци од Македонија:

  • Клучната кампања Нашето име е Македоија, со која се бара враќање на името на Македонија и укинување на сите антимакедонски договори;
  • Финансирање и отворање училишта и одделенија на македонски јазик низ Балканот, вклучително и Центарот за македонски јазик во Грција, и негово успешно бранење од повеќе тужби против него од страна на грчките националисти;
  • Меѓународни тужби насочени кон обезбедување и заштита на човековите права за Македонците, вклучително и ослободување на политичките затвореници и враќање на името на Македонија, со над десетина победи пред Европскиот суд за човекови права;
  • Финансирање на македонски културни фестивали, комеморации, протести и митинзи низ целата распарчена Македонија со цел да се залагаме за нашето македонско име, идентитет и човекови права;
  • Лобирање и средби со меѓународни шефови на држави, министри за надворешни работи, дипломати, политички партии и организации за човекови права, обезбедувајќи огромен подем на поддршката за Македонците;
  • Присуство и учество на конференции на Обединетите нации, европски и други меѓународни организации за човекови права, каде драматично ја зголемивме свеста за страдањата на Македонците;
  • Финансирање на канцеларии за човекови права и културни центри за Македонците во Егејска и Пиринска Македонија, Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, што резултираше со огромен пораст на локалните иницијативи и барања за обезбедување човекови права;
  • Финансирање на успешни изборни кампањи за Македонците во Албанија, Грција, Бугарија, Србија и Косово со цел повеќе да се застапуваат за македонските човекови права, вклучително со изборот на првиот Македонец во албанскиот парламент;
  • Поддршка за македонските активисти за човекови права и политичките затвореници кои се гонети поради застапување за македонските права;
  • Финансирање на медиуми, вклучително и телевизиски и радио станици и програми, весници, книги и публикации за Македонците низ поделената Македонија, на кои им е забранет пристапот до медиумите само затоа што се Македонци.

Донирајте на mhrmi.org/donations или преку електронски трансфер/контактирајте со нас на info@mhrmi.org.


Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година. За повеќе информации: 1-416-850-7125, info@mhrmi.org, mhrmi.org, twitter.com/mhrmi, facebook.com/mhrmi, instagram.com/MacedonianHumanRights #НашетоИмеЕМакедонија