Macedonian Human Rights Movement International
IZVEShTAJ SUDSTVOTO VO MAKEDONIJA POD KONTROLA NA SAD
Репорт

ИЗВЕШТАЈ: СУДСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА ПОД КОНТРОЛА НА САД


Сеопфатен извештај на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права содржи детали за целосната контрола што Соединетите Американски Држави ја имаат врз македонското судство. Ова доведе до сериозно страдање на дисидентите, политичките затвореници, и на македонското население во целина. Соединетите Држави драматично ја засилија својата контрола врз Македонија со инсталирањето на режимот на СДСМ во 2016/2017, направено со цел да ни се наметне крајно навредливото име „Северна Македонија“, да се избрише македонското име, идентитет и историја, да се негира постоењето на македонската нација во целина, а особено постоењето на Македонците во Егејска Македонија (анектирана од Грција во 1913 година). САД ги испланираа сите овие чекори со цел да ги задоволат барањата на Грција, која го крена своето вето за приемот на Македонија во НАТО (наложен од САД).

Детално ги претставуваме најконтроверзните случаи кои ја нарушија довербата на јавноста во македонското судство, притоа наведувајќи голем број други случаи и прекршувања на владеењето на правото:

Судењато за 27 април - Најголемото и најконтроверзно судење во Македонија беше за упадот во Собранието. Обвиненијата првично беа насочени кон номинални организатори на протестите - група која вклучуваше уметници, оперски пејач и политички коментатор, тројца пратеници кои ги отворија вратите на зградата дозволувајќи им на демонстрантите да влезат внатре, поранешниот Министер за внатрешни работи Митко Чавков и уште неколку високи полициски функционери обвинети дека не го спреличе инцидентот и осум демонстранти. Посебни обвиненија за обид за убиство беа поднесени за нападот врз лидерот на партијата Алијанса на Албанците Зијадин Села. Како резултат на тоа, седум лица добија казни од 10 до 13 години затвор, додека двајца добија пократки казни откако нивните обвиненија беа намалени од обид за убиство на насилничко однесување. Овие двајца потоа биле нападнати во Скопје, се претпоставува од членови на партијата на Села, а еден од нив беше претепан до смрт.

На почетокот на 2018 година, организаторите на протестот, пратениците од Собранието, претставниците на Министерството за внатрешни работи и група демонстранти избрани од обвинителите беа уапсени и против нив беа поднесени обвиненија. Набргу стана јасно дека целта на обвинението е заплашување на тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ – Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски. Додека на домашен терен новиот режим на СДСМ тврдепе дека главен приоритет им е борбата против корупцијата и наводната злоупотреба на безбедносните служби од страна на ВМРО-ДПМНЕ, на меѓународен план беше јасно дека нивната главна задача ќе биде да ги прифатат грчките барања за преименување на Македонија и препишување на македонската историја и националниот идентитет – што потоа би ја остварило главната цел на меѓународните поддржувачи на СДСМ во контекст на растечките тензии во Украина – повлекување на грчкото вето и внесувањето на Македонија во НАТО. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потпиша крајно едностран договор со грчкиот премиер Ципрас во летото 2018 година, со кој на Грција ѝ даде се што сакаше, но за негова имплементација секако беше потребна и промена на македонскиот Устав за да се наметне ново име (крајно навредливото име „Северна Македонија”). Беше распишан референдум и кој заврши со спектакуларен неуспех и покрај посетите на високи државници како Ангела Меркел, Тереза Меј и Џејмс Метис, кои ги повикаа Македонците да гласаат за промена на името. Одзивот на гласачите беше под 20%, иако Соединетите Држави и режимот на СДСМ тврдеа дека достигнал 35%, па дури и таа бројка беше постигната со масовно полнење на гласачките ливчиња во селата со етничко албанско мнозинство. Етничките Македонци во голема мера се одлучија да го бојкотираат референдумот наместо да гласаат „против“, со право верувајќи дека доколку се исполни прагот на одзив од 50% + 1 гласач тоа ќе заврши со фалсификување на гласовите „против“. Откако референдумот не успеа и граѓаните одбија да дадат согласност за промена на името, СДСМ и Заев сепак решија да го спроведат потпишаното и да дојдат до потребното двотретинско мнозинство во Собранието. Но, со оглед на тесниот исход на изборите во 2016 година и рамномерно поделеното Собрание, СДСМ го насочи притисокот врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои беа обвинети во судскиот процес за 27 април беа приведени, при што беше вршен притисок да се откажат од својата партија, да го игнорираат исходот на референдумското изјаснување и да гласаат за наметнатата промена на името. По месеци отворен притисок, соочени со извесни пресуди за долги затворски казни доколку одбијат да се потчинат, тројцата пратеници попуштија. Судовите јасно се координираа со режимот и со американските дипломати, кои го водеа целиот процес. Наредбите за притвор беа укинати токму кога Собранието се подготвуваше за клучното гласање.

Тројцата пратеници постигнаа поширок договор – закон кој ќе ги амнестира нив и организаторите на протестот, но останатите демонстранти сепак останаа во затвор. Не само што Мукоски, Василевски и Арнаудов беа ослободени од каква било кривична одговорност, туку беа прогласени за храбри прозападни државници од американските дипломати и добиваа разни бенефиции - градежната компанија на Мукоски доби профитабилни владини договори, додека членовите на семејството на Василевски заседнаа во удобни работни места во јавниот сектор. Ова го претвори процесот во фарса – демонстранти кои протестираа против двегодишната пропагандна операција која започна со Шарената револуција и кои искрено чувствуваа дека ја губат својата земја и националниот идентитет со отстапките кои им се даваат на Грција и албанските националисти добија долги затворски казни, додека на организаторите на протестите им беше дозволено да одат на слобода, па дури и да профитираат од целата операција.

Тројца од организаторите на протестот побараа и добија амнестија според законот што набрзина беше протуркан низ Собранието. Оперскиот пејач Игор Дурловски ја одби понудата, сметајќи дека поради неговиот висок профил и углед во јавноста Заев нема да се осмелил да го осуди. На крајот тој беше единствениот обвинет кој беше ослободен во судскиот процес. Случајот го водеа и судеа двајца отворени послушници на партијата СДСМ. Обвинителката Вилма Рускоска беше позната по критиките кон ВМРО-ДПМНЕ, а кариерата на судијката Добрила Кацарска по процсот почна вртоглаво расте, и сега таа е претседател на Уставниот суд.

По амнестијата за одбраната група обвинети и нивното гласање за преименување на Македонија и фалсификување на македонската историја во согласност со грчкиот историски наратив, судењето брзо дојде до крај. Во март 2019 година, судијката Кацарска им изрече казни од вкупно над 200 години на 16-те обвинети. Поранешниот министер за внатрешни работи Чавков е осуден на 15 години затвор, исто како и двајца полициски службеници. Група демонстранти, меѓу кои и Јане Ченто, правнук на првиот повоен претседател на Македонија Методија Андонов – Ченто, кој беше прогонуван од комунистичкиот режим, беа осудени на затворски казни од 12 до 15 години – Ченто доби 15 години за удирање клоца на Заев. Со оглед на неговиот политички активизам за време на протестите, за време на кои ја понесе мантијата на наследството на својот предок, тој моментално се смета за водач меѓу групата затворени демонстранти. Во јануари 2019 година, Ченто беше нападнат од затворските стражари и тешко претепан. Неговото издвојување меѓу стотиците демонстранти се смета за намерен потег на режимот на СДСМ, за да ја потсети јавноста на политичкиот прогон од времето на комунизмот и ликвидирањето на политичките противници. Во јуни 2023 година на Ченто му беше дозволено да помине викенд со семејството - за прв пат од неговото апсење. Тоа беше прв пат по шест години да го види својот син надвор од затворска средина.

За да се спречи претседателот Ѓорге Иванов (ВМРО-ДПМНЕ) да им даде помилување на демонстрантите, на списокот со обвиненија беше додадена точката „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ – претседател не смее да помилува обвинети за тероризам. А дури и да се обидеше, Министерството за правда доминирано од СДСМ најави дека ќе го завлечка помилувањето. На крајот, претседателот Иванов дозволи неговиот мандат да истече во 2019 година, без да даде помилување, наводно под закана од СДСМ, кои навестуваа дека ќе покренат антикорупциски истраги и против него. Дури и актуелниот претседател Стево Пендаровски, избран на листата на СДСМ како ентузијастички поддржувач на Шарената револуција и противник на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека обвинението за терористичко загрозување е претерано, но и тој не се реши да го искористи своето овластување и да им даде амнестија на осудениците. Во јавноста се смета дека држењето во затвор на преостанатите осум демонстранти, додека организаторите на протестот и пратениците добија помилувања, има за цел да ги заплаши граѓаните да не излегуват на идни протести против постојаните отстапки што ги прави владата предводена од СДСМ, сега главно во полза на Бугарија. Директната порака е – „не се правете паметни, видете што му се случи со Јане Ченто, истото може да ви се случи и вас“.

Трите гласа што владата предводена од СДСМ ги обезбеди со процесот за 27 април не беа доволни – на владата и недостасуваа вкупно осум или девет гласа, во зависност од тоа како го сметате двотретинското мнозинство за смена на Уставот. Од групата на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и од нивните помали коалициски партнери беа обезбедени уште шест гласа. Во некои случаи тоа беше направено со јасна злоупотреба на правосудниот систем и отворени уцени, а во други случаи – со поткуп. Најшокантен беше случајот на Владанка Авировиќ, избрана преку малата Социјалистичка партија на Македонија, која е сојузник на ВМРО-ДПМНЕ. Во еден од бројните кривични случаи кои СДСМ ги покрена за време на Шарената револуција против високи цели, на мета се најде и синот на Авировиќ. Тој беше вработен во рударска компанија во сопственост на лидерот на партијата СПМ, Љубисав Иванов – Ѕинго, кој е сопственик и на ТВ Сител, најголемата македонска телевизија која емитуваше доста гледани емисии против Шарената револуција. Авировиќ беше обвинет дека бил дел од обидот за добивање договор за ископ на јаглен од државната компанија ЕЛЕМ – најголемиот македонски производител на електрична енергија. Една од целите на обвиненијата очигледно беше и да се обезбеди промена на уредувачката политика на Сител ТВ (и тргнување на клучните уредници кои исто така беа обвинети и отпуштени во почетокот на владеењето на СДСМ) како и да се обезбеди мајката на Авировиќ да гласа за промена на името. Василије Авировиќ беше осуден на три години затвор. Откако неговата мајка се согласи да се приклучи на групата која гласаше за промена на името, во март 2019 година Апелациониот суд Скопје му ја намали казната на две години, дозволувајќи му подоцна таа да се претвори во условна казна. Така, една пратеничка била уценувана и принудена да го смени гласот, со апсење на нејзиниот син - сето тоа со целосна соработка на судовите.

Уште еден глас за, кој ги налути и најсилните поддржувачи на СДСМ и ја разниша дури и нивната верба во судството, беше гласот на поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска – Милевска. Нејзиното министерство беше задолжено да финансира голем број градежни проекти во центарот на Скопје – обнова на стариот театар уништен во земјотресот во 1963 година, изградба на нови музички сали, триумфална капија и украсување на градот со споменици. Таканаречениот проект Скопје 2014 требаше да го освежи комунистичкиот бруталистички стил на кој му беше даден на градот по земјотресот, и да му даде неокласичен изглед стил кој воедно ќе го одрази поширокото гледање на македонската историја и ќе се повикува на античкото минато на земјата. Ова, секако, ја разгневи Грција, која, иако тоа е смешно, ја смета целокупната античката историја на регионот за своја сопственост. Но ова ја разгневи и елитата на СДСМ, луѓе образувани во времето на Југославија каде силно се инвестираше во „јужнословенската“ теорија за потеклото на Македонците и која ја преферира историскиот наратив на Втората светска војна и сака главен херојски мит на земјата да биде партизанската борба, која е и нивен главен извор на историски легитимитет. Тие ги обвинија министерката Канчевска и премиерот Груевски, кој беше главниот двигател на овој проект, за корупција во големите градежни зафати чија цена достигна неколку стотици милиони евра. Канчевска беше обвинета за злоупотреба на службената положба, но за неочекувано мала сума – под милион евра. По нејзината одлука да им се придружи на другите осум пратеници во Парламентот, дотогашното брзо и динамично судење се претвори во бавен, долготраен процес, а датумите за нејзиното судење постојано се одложуваа од судот.

Канчевска сега се соочува со нова правна драма. Бидејќи на режимот повторно му требаат гласови од ВМРО-ДПМНЕ (повеќе подолу) се создаде нов кривичен случај. Овојпат обвинети се Груевски, Канчевска, поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски и сопственикот на еден од најголемите трговски ланци и поранешен градоначалник на општина Центар - обвинението е за спомениците што беа поставени во рамки на проектот „Скопје 2014“. Обвинителите тврдат дека имало неправилности во начинот на кој Владата и ги префрлила парите за спомениците на општината, која формално била задолжена за проектот. Ставревски е еден од ретките луѓе од потесното опкружување на Груевски кој сè уште е активен во партијата и веројатно е дека случајот е покренат сега, една деценија по поставувањето на спомениците, за да се види дали може да се искористи за притисок врз членовите на Парламентот, во надеж дека некој од нив повторно ќе смени страна. На Канчевска повторно ѝ се суди, што според некои критичари е заслужен исход за човек кој го продадал гласот за да избегне затвор – но циниците сметаат дека таа е вклучена во новиот случај како обвинета која подоцна ќе се претвори во сведок - соработник. Случајот најверојатно ќе вклучува голема доза на рекет, бидејќи, според медиумите, се врши притисок врз поранешниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ да го продаде својот голем трговски синџир Тинекс на бизнисмени блиски до режимот.

Другите гласови „за“ беа купени со награди, како што е именувањето на Зекир Рамчиловиќ, пратеник од мала бошњачка партија, за амбасадор во Црна Гора. Нола Исмајловска – Старова, пратеничка - Македонка Муслиман во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, исто така се приклучи на коалицијата предводена од СДСМ и беше именувана на неколку нејасно дефинирани владини позиции, како што се координатор за регионална соработка, за европски интеграции.. Сето ова беше здушно поздравено не само од Амбасадата на САД, туку и од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој ги повика Заев и СДСМ да ги обезбедат гласовите во Собранието, користејќи „комбинација на балкански и рационален пристап“. „Балканскиот пристап“ во македонската јавност беше јасно сфатен дека значи дозвола да се вршат уцени и апсења.

Покрај овие девет пратеници, уште половина дузина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се соочија со различни обвиненија за злоупотреба на службената положба и за корупција. Целосниот фокус на обвинителите и судството да тргнат против опозицијата доведе до тоа во еден момент Македонија да има повеќе од една десетина од нејзиниот собраниски состав под разни обвиненија - и тоа сите од нив се од ВМРО-ДПМНЕ или нејзините коалициски партнери - стапка на прогон на опозицијата што веќе долго време не е видена од оваа страна на Босфорот и Волга.

Многу сомнителни се и случаите на неколкуте високи функционери кои беа осудени на процесот за 27 април, а на кои не им беше дадена амнестија. Поранешниот министер за внатрешни работи Чавков потекнува од родниот град на Заев, Струмица, и беше клучна фигура во големата корупциска истрага против Заев – се работи за добро документиран случај за злоупотреба на службената должност од страна на Заев, кој тој беше градоначалник на Струмица, при што локален бизнисмен го сними Заев како му бара милион евра поткуп за да се дозволи продажба на земјиште во државна сопственост. Поради ова Чавков се сметаше за личен непријател на Заев и беше обвинет не затоа што бил во дослух со демонстрантите, туку затоа што не предвидел дека Собранието ќе биде нападнато токму на тој ден, по повеќе од 90 дена мирни протести, и дека немало доволно полиција подготвена да реагира. Денот на инцидентот практично го одбра СДСМ, со нивната одлука да одржат гласање за избор на нов спикер на Собранието иако седницата веќе беше прекината. СДСМ не го информираше Министерството за внатрешни работи дека ќе се обидат да организираат вакво гласање, кое секој политички писмен набљудувач во земјата знаеше дека демонстрантите ќе го сметаат за многу сериозна провокација. СДСМ не чекаше да се разотиде толпата, како што тоа вообичаено се случуваше во доцните попладневни часови, туку гласањето го организираше додека голема толпа демонстранти се уште беше пред собраниската зграда, а не ги искористија ни подземните излези за да ја напуштат зградата, туку се собраа во прес-салата, притоа загрозувајќи ги новинарите, и таму ги чекаа демонстрантите. Уште еден функционер во МВР, Митко Пешов, е осуден на 18 години затвор, иако тој не бил ни во Скопје за време на инцидентот и не бил на должност во кризниот центар формиран од МВР за следење на евентуалните нарушувања за време на протестите.

Сашо Мијалков – братучед на Никола Груевски и шеф на тајната служба ДБК речиси 10 години под Груевски. Приказната за колапсот на правната држава не може да се раскаже без него. Нашироко беше прикажан во прислушувањето за време на Шарената револуција како бизнисмен и манипулатор кој зграби сериозно богатство, а исто така, што е помалку верно на вистината, како мозокот на прислушувањето кое се вршело. Како главен безбедносен оперативец на партијата, јасно е дека Мијалков беше вклучен во организирањето на протестите кои завршија со упадот во Собранието, но бргу по инцидентот тој се раздели со ВМРО-ДПМНЕ, ја поддржа промената на името и му помогна на СДСМ да дојде до потребните 81 глас во Собранието – неколкумина од пратениците кои и свртеа грб на партијата и гласаа за промена на името беа негови луѓе. За ова Мијалков доби повластен третман од владата предводена од СДСМ, иако за време на Шарената револуција го прикажуваа како да е црн ѓавол. Во еден момент му беше дозволено да избега од земјата, но потоа под меѓународен притисок му беше наредено да се врати, а моментално престојува во „затвор“ од отворен тип крај Охридското езеро од каде го следи пропаѓањето на некои од клучните случаи против него и му помага на СДСМ да прави расколи во ВМРО-ДПМНЕ со неговото преостанато влијание таму.

Катица Јанева – Уште една клучна фигура за владеење на правото. Обвинителка од мал град која беше извлечена од анонимност за време на Шарената револуција, кога со силна меѓународна поддршка се создаде нова функција - Специјална обвинителка - со што на Јанева и се дадоа неограничени ресурси и моќ да тргне во лов на политичарите именувани во прислушуваните разговори - првенствено функционери на ВМРО-ДПМНЕ, од Груевски и Мијалков па надолу. Нејзините слики и сликите на нејзините две главни соработнички беа печатени на транспаренти и маици од страна на демонстрантите на СДСМ, а нејзините несмасни изјави и очигледниот недостаток на длабочина и неспособноста да одговори дури и на едноставни прашања беа игнорирани во јавноста за да се изгради култ околу нејзината личност. Дипломатите чекаа ред пред нејзината канцеларија, а Би-Би-Си сними документарец за неа. Со покренување обвиненија против функционери на ВМРО-ДПМНЕ Јанева успеа да ја ослабне владејачката партија и да ја донесе СДСМ на власт. Но, набргу потоа беше потврдено дека таа грубо ја злоупотребила својата функција, не само со политичкиот прогон што го вршеше, туку и за да изнудува пари од бизнисмени, користејќи мафијаш и други како нејзини послушници. Детален извештај за нејзиниот подем и спектакуларен пад е содржан тука. Таа на крајот беше сменета од друга обвинителка поврзана со СДСМ, Вилма Рускоска, која ја презеде нејзината функција пред и самата да биде сменета откако дојде премногу блиску до министерот за внатрешни работи назначен од СДСМ со истрага за неговата улога во смртоносна автобуска несреќа. Јанева во моментов издржува седумгодишна затворска казна за рекет. Вербата во судството и во можноста дури и многу високи меѓународни дипломати да го обезбедат владеење на правото во Македонија никогаш не закрепна после неа.

Зоран Заев – градоначалник на Струмица кој го искористи своето политичко влијание за да преземе голем дел од бизнисите во градот, а потоа го искористи овој финансиски тек за да ја преземе партијата СДСМ. Сметан како премногу рурален и неисшлифан од пошироката јавност, и дека не е вистински соперник за Груевски, тој сепак беше ставен во можност да ја собори владата со помош на прислушуваните разговори, на тајната служба, демонстрантите од Шарената револуција и голема помош од странство. Неговата корупција во Струмица беше добро позната - тој всушност за прв пат стана познат во јавноста кога беше уапсен во 2008 година, под сомнение дека му дал земја во сопственост на градот на бизнисмен близок до него, за да изгради голем трговски центар кој сега практично го поседува Заев. Заев беше помилуван од тогашниот претседател Бранко Црвенковски (СДСМ), кој исто така помогна да се издигне на партиското кормило – надевајќи се дека Заев ќе се сложи да се повлече откако ќе заврши мандатот на Црвенковски како претседател (што Заев привремено и го направи). На почетокот на Шарената револуција, додека Заев објавуваше прислушкувани разговори насочени кон Груевски и другите функционери на ВМРО-ДПМНЕ, лојалисти на ВМРО-ДПМНЕ во државното обвинителство објавија видео снимка од истрагата која беше во тек, на која јасно се гледа како Заев бара милион евра од локален бизнисмен за да се загарантира уште една продажба на државно земјиште, јасно давајќи инструкции да ги даде парите на неговиот брат Вице Заев. Откако Заев ја презеде власта, по упадот во Собранието, судот го затвори овој случај со образложение дека немало доволно докази против него. Кога дојдоа на власт, Заев, Вице и другите членови на семејството и нивните пријатели брзо презедоа голем број бизниси. Нашироко се претпоставува, па дури и директно се тврди од еден од обвинетите во судењето на специјалната обвинителка Катица Јанева, дека Заев бил крајната дестинација на милионите изнудени Катица Јанева од бизнисмени. Понудата од страна на овој обвинет да сведочи против Заев и да ја открие содржината на нивните телефонски пораки беше одбиена од судот. Главната дејност на Заев додека беше на власт беше да инвестира во фарми за марихуана – за што беа издадени десетици дозволи, под превезот на производство на масло од канабис. Дрогата со потекло од фармите поврзани со семејството на Заев, која би требало да се преработи во масло од канабис, наводно се шверцува во Косово, Албанија и оттаму во западноевропските земји. Иако веќе не е на власт, Заев е сè уште влијателен во неговата партија, а неговата „фондација“ и преостанатите министри лојални на него сега промовираат шема за обновување на одгледувањето афион во Македонија. Оваа култура беше искоренета во првата половина на минатиот век поради неконтролираното шверцување на неговиот сок, кој се користи за производство на хероин. Заев останува надвор од дофатот на судовите. Еден од клучните обвинети во судскиот процес за рекет против Јанева – гламурозниот пејач и сопственик на телевизија Бојан Јовановски – Боки 13 – пред судот сведочеше дека Заев и неговиот брат Вице Заев биле вистинските шефови во групата која вршела рекет – тврдење кое не звучи само веродостојно, туку и сосем очигледно дури и за малку информираните набљудувачи на македонската политика. А сепак, не само што обвинителите одбија да го прошират судскиот процес Рекет против Заев, туку судот одби да го прифати телефонот на Јовановски како доказ – иако тој тврди дека е полн со пораки разменети со Заев кои јасно ќе докажат дека парите изнудени од бизнисмени кои биле мета на специјалната обвинителка Јанева завршиле во рацете на Заев. И покрај овие јасни индиции за корупција, Заев остана миленик на западните дипломатски кругови во Скопје долго откако си замина од власт. Дури неодамна некои од нив го сменија односот – австрискиот амбасадор во Македонија излезе со гневно писмо во кое тврди дека голема австриска компанија која тргува со земјоделски производи не може да наплати долг вреден милиони од македонска компанија во сопственост на роднина на Заев, а судовите ги одолговлекуваат процедурите за ликвидација.

Односот кон пратениците кои застанаа на страната на владејачкото мнозинство СДСМ-ДУИ во наметнатата промена на името се пресликува и кај владините функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои беа гонети од специјалната обвинителка Катица Јанева. На пример, Никола Тодоров, кој беше на високи функции во времето на Груевски како министер за здравство и образование, избра да му помага на СДСМ и како резултат на тоа, случаите против него се отфрлаат од обвинителите. Тој беше соочен со особено потресно обвинување, дека, поради кратење на трошоците, намерно одбил да одобри финансирање на лекувањето на млада девојка родена со многу сериозна (најверојатно непоправлива) форма на сколиоза. Откако девојчето почина, демонстрантите на Шарената револуција носеа роденденски торти во Министерството за здравство како дел од нивните морбидни ПР-настапи, и случајот беше до толку подгреван што Тодоров за влакно преживеа обид за убиство од дедото на девојчето кој од непосредна близина пукаше од пиштол кон него на денот кога Тодоров ја напушташе функцијата министер за здравство. Сите обвиненија во овој случај, вклучително и против раководителката на Детската клиника во Скопје, беа отфрлени кога Тодоров и директорката на клиниката прејдоа на страната на СДСМ.

Од друга страна, членовите на Владата кои одбија да соработуваат со СДСМ беа избрани за казна. Груевски избега од земјава во 2018 година и доби политички азил во Унгарија. Неговиот министер за транспорт Миле Јанакиески се соочи со над дузина кривични пријави, а изминатите години ги помина што во домашен притвор, што во затвор, со толку чести прогони што, секогаш кога нешто не и оди од рака на владата на СДСМ, во јавноста се коментира дека „време е повторно да го уапсат Миле“ за да се одвлече вниманието на граѓаните. Јанакиески и поранешниот министер за образование Спиро Ристовски за време на нивното прво притворање беа ставени во затвор каде што се чува и групата албански терористи кои извршија голем напад врз градот Куманово во раните фази на Шарената револуција во 2015 година. Јанакиески и Ристовски биле испратени таму очигледно намерно, и првиот ден во затворот беа нападнати од припадниците на оваа албанска група која дојде во Македонија со декларирана цел да ја урне владата на ВМРО-ДПМНЕ и нанесе, но и претрпе сериозни загуби во судирот со македонските специјалци. Јанакиески помина четири години и осум месеци во домашен притвор, за многубројните пријави. На почетокот на јули 2023 година му беше наредено да започне со издржување на казна од три и пол години, откако казната во еден од случаите против него беше потврдена од Апелациониот суд Скопје. Иако законот јасно вели дека ако некое лице издржало куќен притвор или притвор по повеќе обвиненија, а е осудено во еден од случаите, тогаш целото отслужено време се смета во казната - бидејќи ако поинаку се постапи би значело дека тој се смета за виновен во судењата што се уште го чекаат. Тоа значи дека Јанакиески требаше да биде ослободен од оваа прва казна затвор, па дури и да му преостануваат една година и неколку месеци вишок одлежани во притов за некоја евентуална идна затворска казна. Но судот одлучи да го подели времето кое Јанакиески го поминал во куќен притвор сразмерно на различните обвиненија за кои е одреден куќен притвор, и пресмета само нешто повеќе од една година веќе одлежана за делото за кое сега издржува казна. Ова јасно прекршување на законот значи дека барањето на Јанакиески за итно ослободување по изрекувањето на пресудата е одбиено и тој сега повторно е во озлогласениот затвор Идризово.

Друг член на владата кој беше одбран да биде казнет за пример, за разлика од соработниците како Мијалков и Тодоров, е поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Таа беше обвинета во еден од најбизарните случаи – за наводна корупција при купувањето на блиндирано возило Мерцедес кое се користи за превоз на високи посетители во Македонија. Парите не биле злоупотребени, возилото било купено и се користи за транспорт на гости како Ангела Меркел, при нејзината посета на Македонија, но и Груевски и Јанкулоска беа обвинети за наводни неправилности во постапката за набавка. Јанкулоска роди дете за време на судењето, но сепак беше осудена и изминатите три години ги помина во строг затвор – многу поразличен од „одморалиштето“ во кое се наоѓа Мијалков. Дури и лутите политички противници на Јанкулоска се согласуваат дека нејзините права се прекршени, бидејќи нема право на семејни посети и право на работа надвор од затворот – што им е дозволено на машките затвореници. Поради третманот на кој е изложена, Јанкулоска стана симбол на критичарите на политичкиот прогон што се води во Македонија, а нејзиниот сопруг поднесе низа претставки до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Спротивно на тоа, малкуте функционери на Заев кои се соочија со истраги, добија многу поинаков третман од судот. Пријателот на Заев од детството, Ден Дончев, беше повикан од Австралија да раководи со огромниот јавен фонд за здравство, и покрај долгата низа на стари обвинувања за корупција кога тој беше на другата страна на политичката поделба, во владата на Љубчо Георгиевски. Голема приватна компанија која врши дијализа го обвини Дончев и уште еден од блиските луѓе од доверба на Заев, министерот за здравство Венко Филипче (чие лично богатство необјасниво се зголеми за време на неговиот мандат) дека се обиделе да организираат продажба на нивната компанија на странска компанија. Се појави и видео снимка на која се гледа како Дончев полни плико со готовина за време на состанок со компанија која дава услуги на здравствениот систем. Наместо брзо гонење, Дончев доби дозвола да побегне во Австралија.

Десната рака на Заев, Драги Рашковски, исто така тајно беше снимен, во неколку наврати, како мести големи договори за набавки и договара огромна градежба зделка во Тетово (оваа зделка продолжи да се реализира дури и објавувањето на снимката на која јасно се слуша дека Заев и Рашковски очекуваат да добијат нешто за возврат). За разлика од Дончев, Рашковски се соочи со обвиненија, но за неколку полесни кривични дела. Исто така, за разлика од највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ, чии обвиненија секогаш беа правени на начин во нив да биде вмешан и премиерот Груевски, во случајот на Рашковски, или во неколку други случаи на помали функционери на СДСМ кои се соочија со правни проблеми во судството доминирано од СДСМ, не се прават никакви обиди нивните криминали да се поврзат со Заев – дури и кога е во прашање лично шефот на кабинет на Заев, Рашковски. (Рашковски на крајот беше осуден во еден од случаите против него и доби навидум прекумерна затворска казна од осум години - за потпишување на владин договор за купување софтвер од компанија со која тој беше директно поврзан, што му донело профит од милион евра – казната дојде во време кога Амбасадата на САД гневно бараше да види резултати во борбата против корупцијата).

Други случаи за кои би било потребно премногу време да се опишат вклучуваат директна координација меѓу бизнисмени и обвинители за ограбување на јавниот буџет; издавање стотици македонски пасоши на криминалци, нарко-босови и убијци од регионот и од цела Европа и Блискиот Исток, под лажни идентитети – случај во кој обвинителите набрзина осудија неколку пониски службеници од пасошкото одделение без да се поднесат обвиненија повисоко по скалата до функционерите на Министерството за внатрешни работи кои сигурно знаеле што се случува со оглед на високиот профил на лицата кои добиле вакви пасоши; манипулирање со драматични случаи, вклучително и со исламистичкиот напад врз македонските младинци во 2012 година, кој беше злоупотребен од Заев за политички цели – како резултат на тоа на убијците им е дозволено да останат на слобода во соседно Косово; назначување партиски војници на највисоки судски позиции преку систем.

ДУИ – Демократската унија за интеграција е најголемата политичка партија која ги претставува етничките Албанци во Македонија. Создаден е од јадрото на албанското националистичко герилско движење кое ја нападна Македонија во 2001 година, а продолжува да го води воениот командант на ова движење Али Ахмети. Партијата се позиционираше како решавачки втор партнер меѓу завојуваните партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и е лојален и незаменлив лост на западните дипломати во Македонија. За ова, ДУИ е наградена со право да дејствува неказнето и покрај добро документираните обвиненија за воени злосторства од 2001 година, како и за бројните обвинувања за корупција од нивните мандати. Клучно обвинение меѓу нив е истрагата на американското Министерство за правда од 2005 година за коруптивни постаки на Дојче Телеком, сопственикот на главната македонска телекомуникациска компанија, која ги поткупуваше и СДСМ и највисоките функционери на ДУИ за да го спречи отворањето на телекомуникацискиот пазар во Македонија за поголема конкуренција. Ахмети е директно посочен во мејловите пресретнати од Македонски Телеком како дел од истрагата, но наместо кривично гонење, ова досие очигледно го користат западните дипломати за да ја обезбедат лојалноста на ДУИ. Додека СДСМ продолжува да тоне во анкетите меѓу етничките Македонци (и не може да ја надомести загубата кај другите етнички групи), ДУИ доби улога која е далеку над моќта што вообичаено ја имаат, и е многу поголема од сразмерното влијание и бројноста на албанското малцинство кое тие го претставуваат. Партијата сега држи директно, или преку нејзини посредници, половина од македонската Влада. СДСМ е во состојба да трампа поважни за помалку важни министерства, само за да може да каже дека етничките Албанци се уште не станале мнозинство од членовите на Владата. Официјално Албанците се 25 отсто од населението (вистинскиот број е многу помал поради различни причини, вклучувајќи го и масовниот егзодус на етничките Албанци во другите европски земји) и досега обично држеа четвртина од министерствата во Владата. ДУИ успеа да издејствува од СДСМ нивен функционер да биде именуван за премиер во привремена влада пред следните избори, а има можност претседателот на Собранието, кој функционер на ДУИ и поранешен терористички командант, да биде именуван за привремен претседател пред изборите во 2024 година. Тоа значи дека во еден момент ДУИ ќе ги има сите три главни функции во Македонија – претседател, премиер и претседател на Собранието, а покрај тоа веќе имаат навистина моќни владини ресори - какви што досега не држела ниту една албанска партија – на пример ресорот финансии и Министерството за надворешни работи. Оваа неодамна акумулирана моќ и овозможува на ДУИ да ја здроби албанската опозиција - главната опозициска партија, Алијансата на Албанците, изненадувачки одлучи да се приклучи на коалицијата, иако нејзината главна политичка цел беше да ја напаѓа ДУИ со обвинувања за корупција. Набргу по ова проширување на коалицијата беше откриено дека лидерот на Алијансата, Арбен Таравари, и еден негов партиски лојалист кој сега е министер за здравство, купиле скапи куќи во Скопје од пратеник во Собранието на ДУИ, чиј нафтен бизнис постојано добива профитабилни владини договори. Ова очигледно корумпирање на клучната опозициска партија доведе до тврдења дека албанското малцинство во Македонија не е демократски претставено во Собранието. Бидејќи го држи клучот за опстанокот на коалицијата (која само на харија е предводена од СДСМ), лидерот на ДУИ Али Ахмети го именуваше неговиот човек од доверба - и прв вицепремиер - Артан Груби - за задолжен за преговорите за огромен договор за изградба на автопати со озлогласено корумпираната американска градежна компанија Бехтел. Договорот првично се проценува на 1,3 милијарди евра и е изгласан со посебен закон што СДСМ и ДУИ го усвоија во Собранието – овој потег укажува дека членовите на Владата знаеле дека дека зделката е криминална според постојните закони за јавни набавки па на Груби му беше дадено овластување да го преговара договорот со помош на посебен закон - lex specialis. Груби веднаш почна да го промовира договорот како инфраструктурен проект чија цел е поврзување на „албанските земји“, бидејќи градовите избрани да се поврзат со автопатите се мнозински албански, а голем дел од работата ќе се врши во регионот на Кичево, кој е упориште на Ахмети. Почетната цена не ги вклучува трошоците за купување на земјиштето, што предизвика загриженост дека луѓе на ДУИ ќе купуваат пасишта и ниви во близина на Кичево, знаејќи каде ќе минува автопатот, а потоа ќе и ги продаваат на Владата по енормно надуени цени. Дури и медиуми блиски до Амбасадата на САД, која силно го поддржува договорот, изразија загриженост за целата афера. Во меѓувреме, токму кога беа исплатени првите транши од договорот, Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, купи 39 отсто од големиот деловен центар „Соравија“ во центарот на Скопје преку конзорциум во кој формално не инвестирал пари. Албанскиот партнер инсистира дека на Дрин Ахмети му се дал голем удел вреден милиони евра поради деловниот потенцијал и познавања на овој 24-годишник, а не затоа што е син на братот на лидерот на партијата која е на власт од 2002 година и која моментално раководи со Владата и одобрува огромни градежни договори. Братот на Груби и бизнисмен близок до него се исто така ангажирани со купување недвижен имот во центарот на Скопје и хотел на ски-центарот Попова Шапка, купен по цена на мала скијачка колипка - сето тоа јасно покажува дека партијата добива големи приливи на готовина како резултат на овој градежен договор и дека нејзините високи функционери брзаат да ги сместат тие пари некаде.

Посебно застрашувачки случај е оној на Тони Менкиноски, адвокат кој често застапува гонети функционери на ВМРО-ДПМНЕ и други политички неистомисленици. Сега и Менкиноски е пред суд како обвинет за нарушување на јавниот ред и мир, за истакнувањето на големо знаме што ја претставува ѕвездата од Кутлеш – симбол од првичното македонско знаме усвоено по независноста, кое беше сменето во 1993 година под силен притисок и со употреба на трговско ембарго од страна Грција. Менкиноски го развеа знамето во Охрид, а за ова сега му се суди, иако користењето на знамето се смета за дозволено според уставниот принцип на слобода на изразување. Земјата инаку има многу лабав однос кон употребата на други знамиња - главно сеприсутните албански знамиња.

Како резултат на настаните во изминатите 6-7 години, перцепцијата на јавноста за македонското судство премина од „имаме проблеми во системот, но тој генерално функционира“ во катастрофална, поради неговата отворена злоупотреба за политички прогон што наликува на процесите од комунистичката ера. Дури и американските дипломати кои отворено ја поддржуваат коалицијата СДСМ - ДУИ и го поздравија судењето за 27 април како средство да се постигне целта (промена на името) неодамна признаа дека имаме проблем. Една анкета покажа дека само 8 отсто од јавноста имаат доверба во судството. Друга ја процени довербата меѓу 3 и 4 проценти, при што околу 19 проценти од граѓаните изразија дека имаат одредено ниво на доверба во судството. Македонското општество е длабоко поделено околу прогонот на опозицијата и гонењето на политичките неистомисленици, а оваа поделеност се гледа и во бојкотот на процесите како што се изборите, па дури и пописот. Иселувањето исто така се интензивираше бидејќи младите ја губат довербата во системот и се чувствуваат небезбедни поради зголеменото ниво на криминал, што вклучува меѓуетнички судири и мафијашки напади. Дури и оние кои се на власт веќе неволно се согласуваат дека нешто треба да се направи, но се чини дека е малку веројатно да се откажат од контролата врз судството - свесни дека и нивните злоупотреби и примерот кој го поставија може да се искористат против нив. Македонците во голема мера се согласуваат дека добар почеток би бил ревидирањето на казните од 27 април, од долги затворски казни предвидени за терористи до, во најмала рака, казни кои би биле соодветни за учесниците од пониско ниво во испровоциран насилен инцидент. Или можеби посоодветно е да се даде целосна амнестија, особено имајќи предвид дека, меѓу многу други, лидерот на ДУИ, Али Ахмети (повеќе детали погоре) и Талат Џафери (незаконски поставен за претседател на Собранието во 2017 година и заедно со Ахмети командант на движењето на етничките Албанци ОВК/УЧК), добија амнестија за нивните терористички активности и вмешаноста во убиството на македонските војници во 2001 година.