
Рамсфелд - Грчки тактики на заплашување од минатиот век

Њујорк - Грција го загрозува приемот на Македонија во НАТО, а со тоа и стратешкиот интерес на целата Северноатлантската Алијанса, користејќи се со тактики на заплашување кои беа карактеристични за минатиот век.
Ова го посочи поранешниот американски државен секретар за одбрана Доналд Рамсфелд во авторски текст под наслов "Проширувањето на НАТО треба да продолжи”, објавен денеска во угледниот американски весник "Wall Street Journal", јавува Макфакс.
Рамсфелд сугерира Грција да го следи интересот на целата Северноатлантската Алијанса и да не го попречува приемот на Македонија во НАТО наметнувајќи ирелевантен "семантички спор".
"Грција се заканува со вето за влезот на Македонија, бидејќи Македонија одбива да го смени своето име. Иднината на Северноатланската алијанса и нејзиниот кредибилитет како угледен политички и воен инструмент на светските демократии, се премногу важни за да бидат спречени од неважни спорови околу семантиката или од тактики на заплашување кои беа карактеристични за минатиот век", наведува Рамсфелд.
Според него, "не постои подобар начин за НАТО да оди напред од давање покани за членство на Македонија, Албанија и Хрватска" на самитот во Букурешт.
Рамсфелд посочува дека трите балкански држави ги исполниле потребните критериуми за членство и веќе придонесуваат кон клучните мировни мисии на НАТО, повеќе отколку многу други држави членки.
"Во време кога европската посветеност кон мисијата на НАТО во Авганистан е доведена во прашање, посветеноста на Македонија, Албанија и на Хрватска е јасна. Трите балкански држави, заедно имаат повеќе од 650 војници стационирани во Авганистан, како и во мисијата во Ирак. Можеби најважното во врска со слабостите што ги покажа НАТО е дека Македонија, Албанија и Хрватска испратија свои војници во Авганистан и Ирак и презедоа тешки мисии коишто неколку сегашни членки на Алијансата не беа подготвени да ги преземат", пишува Рамсфелд.
Тој укажува дека "проширувањето на НАТО со Македонија, Албанија и Хрватска, како и градењето поблиски врски со Украина и Грузија, ќе помогне за смирување на каква и да е загриженост дека Алијансата повеќе ја нема колективната цврстина за тешките задачи што и претстојат".
"Македонија Албанија и Хрватска денес се подготвени да ги прифатат тие одговорности. Самитот во Букурешт нуди шанса за унапредување на интересите на сите 26 членки на НАТО со проширување на Алијансата. Сега не е време за сомнежи. Сега е време за американско и европско лидерство", заклучува поранешниот американски државен секретар Доналд Рамсфелд во авторски текст под наслов "Проширувањето на НАТО треба да продолжи”, илустриран со слика на државните знамиња на трите членки на Јадранската повелба.