
За првпат отворено егејското прашање

Посредникот Нимиц по средбите изјави и дека двете страни сакаат што побрзо да заврши процесот и додаде "нема да го правам ова ако не мислам дека има начин за решение". Тој не сакаше да открие за што точно се разговара на средбите, но укажа дека се разговара како за името, така и за други прашања поврзани со името. Според него, референдумот е комплицирано прашање и во неговата земја, но сепак тоа е прашање на самата земја. Нимиц потенцираше дека за да има референдум прво треба да има предлог, а потоа да се оди на референдум. "Ако веќе зборуваме за референдум, тоа ќе значи дека има голем напредок", рече Нимиц.
Коментирајќи зошто има одвоени средби, една со премиерот Груевски, на која присуствува шефот на неговиот кабинет Макртин Протуѓер и министерот за надворешни Антонио Милошоски, а друга со претседателот Црвенковски, каде присуствуваше преговарачот Никола Димитров, Нимиц вели "ако тоа е добро за нив, тогаш е и за мене".
Прашањето за името вчера освен со посредникот Нимиц беше тема и на средбите на претставниците на државниот врв со Розмари Дикарло, висок американски претставник. Се надеваме дека спорот за името ќе се реши што е можно поскоро, подобро денеска отколку утре, за да не се изгуби време и Македонија да може да оди напред, изјави Дикарло, висок претставник во администрацијата на Соединетите Држави кои земјава ја признаа под уставното име во 2004, а Македонија од нив има и голема поддршка во текот на преговорите со Грција.
- Го поддржуваме процесот на преговори под покровителство на Обединетите нации што го води преговарачот Метју Нимиц. Ги охрабруваме сите страни за да се најде брзо решение за спорот со името, бидејќи на самитот на НАТО во Букурешт беше јасно кажано дека се исполнети сите критериуми. Ние сакаме ова прашање да се реши за Македонија да добие покана за Алијансата, изјави Дикарло. Таа оцени дека разговорите продолжуваат, тие се интензивни и додаде "сакаме да видиме решавање на спорот, но мислам дека не постои причина за загриженост".
Извор: Вечер