Read in English 4917 Основање на фондација "Крсте Петков Мисирков" во Грција 18 Ноември, 2009 4917 По повод 135 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков, Канцеларијата на Воденскиот комитет на Европска слободна алијанса - Виножито, политичка партија на македонското малцинство во Грција, има чест да информира за основањето на Фондација која ќе го носи името на овој великан. Целите на Фондацијата "Крсте Петков Мисирков" ќе бидат следните: •Поттикнување на свесноста на Македонците во Грција за животот и делото на Мисирков. •Организирање на дискусии, семинари и трибини во врска со животот и делото на Мисирков. •Преведување на грчки јазик и издавање на сите негови дела. •Отворање на музеј и образовен центар во чест на името на Мисирков, во регионите на Централна и Западна Македонија. •Подржување на асоцијации во Грција, кои ја развиваат македонската култура. •Подржување на напорите за одржување и развој на македонскиот јазик во Република Грција. Основањето на "Фондацијата Крсте Петков Мисирков" во Воден, на само неколку дена од отворањето на Воденската канцеларија на ЕСА -Виножито, е израз на силната волја и посветеност на Македонците од градот Воден и регионот на Централна Македонија, да се борат за своите етнички, културни и политички права во Грција. Во градот Воден живее огромен број на Македонци и луѓе кои го говорат македонскиот јазик, а тој претставува и природен економски и културен центар на повеќе градови во регионот Централна Македонија, во кои е сконценриран голем број на македонското население. ЕСА-Виножито смета дека овој актуелен развој во градот Воден и поширокиот регион на Централна Македонија е само почеток на еден поширок процес на покревање на културната, јазичната и политичката еманципација на Македонците во овој регион. Крсте Петков Мисирков беше роден на 18 Ноември 1874, во селото Постол/Пела, Отоманска империја (денешна Грција). Беше филолог, реформатор на стандардниот македонски јазик, историчар, етнолог, публицист и автор на првата книга и списание на стандардниот македонски јазик. Најпознатото дело на Мисирков е книгата ,,За македонцките работи", која беше издадена на 1903 год.