Macedonian Human Rights Movement International
Genocide

Како да извршите геноцид врз една култура во 21 век? Случајот на Македонците


(од Мајк Лазаревски)

Ненси Ејприл, тинејџерка од Њуфаундленд, уживаше во сите убавини на живеењето на канадскиот север, во прекрасните пејсажи, дивиот свет, морето богато со риба. Најважно од се, таа уживаше во времето што го минуваше со семејството, нејзиното племе, во нивните вековни традиции. Но, со текот на времето, друга група луѓе почнаа да навлегуваат на земјата на нејзиното племе и им го ускратија пристапот до храна, оставајќи ги да гладуваат. Нејзиниот татко почина прв. Потоа мајка и. Па сестра и. По некое време, Ненси беше единствената преостаната од нејзиното племе. Со нејзината смрт, исчезна и племето.

Нејзиното вистинско име, пред да дојдат Британците, беше Шанавдитхит. Таа беше принудена да прифати англицизирано име во 1880-ите години. Нејзиното племе се викаше Беотхук. Нивните животи не беа единствената трагична жртва на европскиот колонијализам. Јазикот, културата и историјата на Беотхук народот исто така беа неповратно загубени. Денес, тие не се тука да ни ја објаснат нивната култура, или да ја градат својата иднина. Останати се само малубројни археолошки наоди, усни преданија за Беотуците и толкувањата за нивниот живот од Европејците од тоа време. За жал, оваа судбина не ги задесила само домородните народи на Северна Америка, туку и многу други групи низ светот, и тоа од памтивек. Ниту едно зло не може да се споредува со ваквата катастрофа. Но, во 21 век, не ви се потребни војна, поробување, принудна асимилација, контрола на ресурсите и ширење на болести за да истребите една група луѓе. Денсе, тоа може да се постигне со бавните процедури на меѓународната бирократија, која врши притисок врз држави самите да имплодираат. Тоа е случајот со Македонците и со Република Македонија.

Македонија прогласи независност од Југославија во 1991 година. По половина век социјалистичка власт како една од шесте републики кои ја сочинуваа Југославија, Македонија за прват демократски избра претседател – Киро Глигоров - во 1991 година. Но, Грција се спротистави на уставното име на Македонија, и државата беше изложена на силен меѓународен притисок и мораше да прифати привремено име – поранешната југословенска Република Македонија. Две години по прогласувањето на независноста, Македонија конечно беше примена во Обединетите Нации. Во 1995 година беше потпишана Времената Спогодба меѓу двете земји. Еден член од Спогодбата ја обврзуваше Грција да не го спречува приемот на Македонија во меѓународни организации како што се НАТО и Европската Унија, доколку се користи привременото име. Да скокнеме до 2008 година – Македонија беше на чекор од приемот во НАТО, но Грција, како членка на НАТО, реши да стави вето ан воој прием и со тоа ја прекрши Времената Спогодба. Меѓународниот суд на правдата, кој е врвниот судски орган на ОН, го потврди ова и на 5 декември 2011 година тој пресуди дека Грција ги прекршила своите обврски преземени со Времената Спогодба. Но, ништо не се смени. Грција продолжи да го блокира приемот на Македонија во ЕУ од 2008 година, како и обидите за преговори со ЕУ и влез во НАТО од 2012 година.

Зошто Грците го прават ова? Едноставно, тие сакаат да имаат целосна контрола и сопственост врз зборот Македонија и славното минато кое е поврзано со него, како што е споменот на Александар Велики. Грција исто така сака да ги прикрие своите злосторства врз Македонците што ги вршела во минатото. Во обид да го реализира тоа, Грција го преименуваше северниот дел од земјата, кој административно се викаше Северна Грција, и го подели во три посебни региони кои ги нарече – Источна Македонија и Тракија, Централна Македонија и Западна Македонија. Ова се случи во 1988 година. Насетувајќи го распадот на Југославија, грчката Влада сакаше да ги оттуѓи етничките Македонци кои живеат во овој регион (регион кој Грција го доби во 1913 година) од нивните собраќа во Република Македонија, тогаш се уште дел од Југославија. Грција не ги признава Македонците како етничка заедница и не им дозволува да уживаат основни човекови права како што е правото на само-определување. До овој момент, грчката Влада не сакаше да дозволи ништо грчко да се поврзува со зборот Македонија, и не го признаваше големото македонско малцинство кое остана во овој регион и по 1913 година. Но, одеднаш на Грците им текна злобна но брилијантна идеја. Со преименување на нивниот северен регион во Македонија, и на сите што живеат таму во Македонци, Грците и понатаму одбиваат да го признаат постоењето на етничките Македонци, кои со векови живеат на тие простори.

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди дека Македонците кои живеат во Грција имаат полно право да се самоопределуваат како Македонци и имаат право на здружување гарантирано со Повелбата на ЕУ. Но, Грција ниту ја почитува оваа пресуда, ниту претрпе некакви санкции поради тоа. Конечно, Грција тврди дека уставното име на Македонија подразбира дека земјата има територијални побарувања кон Грција. Но, како што некои познавачи на состојбата оценуваат, ова прашање е сосем ирационално ако се има предвид грчкиот воен арсенал и поддршката што ја добива од НАТО. Ова се причините зошто Грција се спротиставува на македонското усатвно име. Тие се плашат дека територијата што незаконски им беше дадена еден ден може да се приклучи кон Република Македонија. Бугарија и Албанија исто така се плашат од ова.

Кога Османлиското Царство беше поразено во Првата Балканска Војна во 1912 година, Македонија конечно се ослободи од петвековното турско ропство. Но, место да им ја вратат оваа територија на Македонците, кои беа тешко поразени во неуспешното востание во 1903 година, големите сили – Русија, Австро-Унгарија, Франција, Германија, Италија и Британија – како архитекти на Лондонскиот договор (1912) се решија да ја поделат Македонија. Договорот од Букурешт (1913) ја потврди оваа одлука и на Грција и додели 51 процент од Македонија, на Србија 39 проценти (тоа е денешната Република Македонија), а на Бугарија 10 проценти. Се разбира, поради оваа поделба денес имаме големи македонски малцинства во северна Грција и во западна Бугарија. Исто така има значително малцинство Македонци во источна Албанија поради размената на територии меѓу Албанија и Грција во 1919 година. Оттаму, Македонија во која некогаш доминираше македонското население, се соочи со драстични промени.

За да ја насели Македонија со таканаречени Грци, Грција изврши голема размена на население со Турција во почетокот на раните 1920-ти години, како резултат на договорот од Лозана (1923). Приближно 2 до 2.5 милиони православни христијани беа донесени од Турција и стратегиски населени во северна Грција, со цел да се елиминира македонскиот елемент таму. Овој процес на елинизација на Македонија беше во тек, за потоа, одеднаш, овие бегалци, кои претходно не живееле ниту еден ден во Македонија, и не се декларираа како Македонци и не беа сметани за Македонци ниту во Грција ни во Европа, за чудо преку ноќ станаа Македонци во 1988 година, и открија дека имаат директна врска со древните Македонци. А од друга страна, етничките Македонци кои живееа на овие простори со векови, кои се самоидентификуваа како Македонци, и кои беа нарекувани Македонци од страна на Грците и на другите народи, за нив сега почна да се тврди дека немаат врска со древните Македонци. Оттаму, повеќегенерациската грчка пропаганда започната во 1913 година се насочи кон тоа да ги убедува потомците на овие турски христијани дека всушност тие се вистинските Македонци. Ме следите дотука? Знам, ова звучи како извадок од 1984 на Џорџ Орвел. Грција предничеше со ширењето лажни вести 100 години пред остатокот на светот. Фактите не им значат ништо на Грците.

И еве не, 28 години подоцна, со нова Влада која е подготвена да капитулира пред сите барања на Грците наведени во Преспанскиот договор, единствено со цел, како што ни велат, да влеземе во НАТО и ЕУ. Што е Преспанскиот договор? Честопати се наведува како компромис за македонското име. За жал, за Македонците, вистината е многу помрачна.

Со договорот на Заев се менува името на Република Македонија во Република Северна Македонија, а со тоа автоматски се менува и македонскио идентитет. Но, Заев исто така прифати други форми на менување на македонскиот идентитет. Пасошите се една од овие форми. Наместо во нив нашата националност едноставно да биде наведена како „македонска“, ќе се вели дека сме македонски државјани од Република Северна Македонија. Македонците како етничка група не се спомнуваат во текстот. За „Македонци“ само се наведува дека зборот значи различни нешта во Македонија и во Грција. Се вели дека македонскиот елемент во северна Грција има елинистичка историја и елинистички културолошки корени, од атничко време па до денес. Како е тоа можно ако знаеме дека мнозинството од овие луѓе се всушност христијански бегалци од Турција? Со тоа Заев се согласи веќе да не го признаваме постоењето на Македонци кои живеат надвор од границите на Република Македонија, иако имаме милиони етнички Македонци во Грција и во други делови на светот. Дали сега треба да се преправаме дека никаде не постојат етнички малцинства? Нели има француско малцинство во Германија? Нели има германско малцинство во Франција? Нели постојат разни малцинства во Канада и во САД? Договорот е целосно апсурден.

Заев исто така се согласи да го смени македонскиот Устав, и да избрише делови од Преамбулата на Уставот кои се важни за македонската историја. Со договорот се прави обид да се избрише Илинденското востание од 1903 година, што претставуваше обид да се обединат сите Макеоднци во борба против османлиската власт. Исто така се брише АСНОМ (Антифашистичкото Собрание на Народно Ослободување на Македонија) со кое помогнавме да се победи фашизмот и нацизмот во Втората Светска Војна, и да се создаде македонска држава како круна на долгата борба на Македонците. Конечно, се брише македонската независност од Југославија во 1991 година. Македонската историја почнува од почеток, од 2019 година, без никаква историја или народ. Но, договорот не завршува со тоа.

Заев исто така се согласи да ги измени македонските историски учебници и во иднина тие ќе го претставуваат грчкото гледање на историјата. Според одредбите на овој договор, Грција ќе има право да им диктира на Македонците како да го употребуваат зборот Македонија во било која област на животот, во културата, економијата, политиката и историјата.

Во која друга демократска и суверена држава би се прифатило вакво странско мешање? Во која друга држава водачот би се согласил да капитулира пред вакви барања? Можете ли да ги замислите Емануел Макрон, Ангела Меркел или Доналд Трамп да потпишат ваков договор? Тоа никогаш нема да се случи. А сепак, западните набљудувачи го поздравија овој договор како да претставува голем успех. За жал повеќето од нив не ги прочитале деталите на договорот, а на тие што ги прочитале очигледно не им е гајле.

Владата на Заев го прекрши секој можен закон во земјата за да го избрише македонскиот идентитет. Македонскиот Устав стана тоалет хартија. Тој веќе не постои. Конечното гласање во Собранието за спроведување на Преспанскиот договор, како и на амандманите на Уставот, почна на 9 јануари 2019 година. Заев е подготвен да стори било што, било какво незаконско дејствие, за да го добие потребното двотретинско мнозинство. На барање на албанската партија БЕСА и на Алијансата на Албанците тој е подготвен да ја смени Преамбулата на Уставот од „ Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста...“ во „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ...“.

БЕСА и Алијансата на Албанците дополнително сакаат да го избришат зборото „граѓани“ од наведувањето на малцинствата во Македонија, и Заев веројатно ќе им удоволи. Ќе се избришат и зборовите „кои живеат“. Ова му ги гарантира албанските гласови во Собранието.

Понатаму, Заев се согласи да го смени Членот 49, со кој се определува дека државата се грижи за својата дијаспора. Моментално се наведува македонската дијаспора, но во иднина ќе се наведува дијаспората на малцинствата на Македонија. Косово исто така ќе биде спомнато во Уставот, како еден од петте соседи на Македонија. Да не заборавиме дека Заев планира да ја федерализира државата со воведување на албанскиот како службен јазик, што ќе ја подели земјата и ќе им даде повеќе моќ на Албанците и на другите малцинства да се отцепат од Македонија.

Со тоа, односот на малцинските заедници кон нивните идентитети се засилува, додека во исто време идентитетот на Македонците се брише. На пример, турските или ромските здруженија нема да имаат проблем да отворат театарска група која ќе се вика Турски или Ромски Театар. Но, на Македонците ова ќе им биде забрането, тие нема да можат да имаат Македонски Театар. Замислете, а Македонците се околу 70 проценти од населението. Каде на друго место во светот се случува нешто вакво?

На крај, Заев ќе им дозволи на Албанците во нивните пасоши да напишат дека се етнички Албанци од Република Северна Македонија, или само граѓани на Република Северна Македонија, наместо одредницата националност: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија како што беше предвидено со Преспанскиот договор. Зошто не пишува Албанец – граѓанин на Република Германија, туку пишува Германец? Зошто не Алжирец – граѓанин на Француската Република, туку пишува Французин? Можеби треба да стои етнички Јапонец од Канада место Канаѓанин? Или етнички Кубанец од Соединетите Американски Држави место Американец. Каква фарса.

Нема никаква гаранција дека Македонија ќе биде примена во НАТО или во ЕУ доколку овој договор биде прифатен. Грција веќе покажа дека е подготвена да ги прекрши одлуките на ОН и ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон веќе кажа дека е против проширување на ЕУ, и не е осамен во овој став. Србија и Црна Гора кои веќе преговараат со Европската Комисија за членство во ЕУ се очекува да бидат примени во 2025 година, иако познавачите на оваа материја се скептични. Македонија не ги ни отпочнала преговорите, што значи дека нема шанси да влезе во ЕУ најрано до 2030 година. Сешто може да се случи во овој период. Македонија може да престане да постои. Структурата на ЕУ може драматично да се смени. Грчкиот премиер Алексис Ципрас веројатно ќе ги загуби претстојните избори во 2019 година, а неговиот веројатен наследник Киријакос Мицотакис ќе промовира уште по анти-македонски позиции. Било кој иден грчки премиер ќе може да побара дополнителни отстапки, како што е целосното бришење на зборот Македонци од Уставот.

Според меѓународното право, „врз основа на принцопот на еднакви права и самоопределување на народите која е заштитена со Повелбата на Обединетите Нации, сите народи имаат право слободно да го определат, без мешање од надвор, својот политички статус и да го остваруваат својот економски, општествен и политички развој, како што и секоја држава има обврска да ги почитува правата во согласност со одредбите на оваа Повелба“. А сепак правото на самоопределување им се ускратува на Македонците и тоа толму од организацијата која би требало да ја гарантира заштитата на ова право. Владата на Заев и дозволи на Грција да ги диктира случувањата во македонското општество.

Во демократските општества, политичарите се избрани да ја управуваат земјата на најдобриот можен начин. Од време на време граѓаните не се согласуваат со одлуките на политичарите и нивно право е тогаш да ги кренат своите гласови и да ги сменат политиките на следните избори. Но, политичарите не се избрани да го менуваат идентитетот на народот. Ниту еден политичар нема право да му го смени идентитетот на еден народ кој постоел со генерации. Со потпишување на договорот од Преспа Зоран Заев и неговата Влада ја легитимизираа голема неправда која и се случи на Македонија во 1993 година, кога и беше негирано правото на самоопределување. Безмалку 140 држави веќе ја признаваат Македонија под уставното име, но Грција му нареди на Заев веднаш да ги извести сите овие држави дека во иднина ќе мора да ја признаваат Македонија под новото име.

Но, каде се таканаречените вистински бранители на Македонците, ВМРО-ДПМНЕ? Поранешниот лидер на паријата и премиер Никола Груевски побегна од земјата и удобно ужива во неговите милиони евра во некој резорт во Унгарија, наместо да ја отслужи својата затворска казна и да се залага за Македонија. Осумте предавници гласаа за договорот од Преспа во замена за амнестија и пари. Актуелниот лидер на партијата Христијан Мицкоски им дозволи на овие осум предавници да гласаат во Собранието. Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни за време на гласањето. Зошто беа тие таму кога се случуваше ова илегално гласање? Зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ги повикуваат граѓаните на масовни протести секој ден? Место тоа, тие мирно си седат на страна.

Конечно, претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, кој ја бранеше Македонија во дадени периоди и ги изнесе своите ставови пред Обединетите Нации во пресрет на референдумот на 30 септември, и не го потпиша законот за јазиците со кој албанскиот ќе станеше службен јазик во Македонија, но тоа ни од далеку не е доволно. Уште поважно, да погледнеме што Иванов стори во изминатите 18 месеци. Го потпиша договорот меѓу Македонија и Бугарија со кој не се признава постоењето на македонско малцинство во Бугарија. Го потпиша законот со кој им се даде амнестија на осумте предавници од ВМРО-ДПМНЕ, со што ги ослободи повторно да гласаат во Собранието.

Ова не се постапки ан вистински водачи и заштитници на Македонија и Македонците во едно од најкритичните времиња во нашата историја. Ова се постапки на опортунисти и уплашени поединци кои мислат на своите интереси. Вистинските патриоти се подготвени да се жртвуваат себеси пред куршум, спремни се да жртвуваат се, како што правеле македонските револуционери кои се бореле против османлиите, и Македонците кои се бореле против фашизмот и нацизмот.

Зошто западните институции и лидери ја напаѓаат Македонија поради нејзиниот етнички идентитет? Зошто културите, јазиците и историите на другите балкански држави, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Романија, се слават и се зачувуваат за идните поколенија, како што и треба да биде, но јазикот, културата и историјата на Македонците се негираат? По нивната голема победа на 13 јануари 2019 година, македонскиот ракометен тим гордо ја пееше песната „Бисер Балкански“. Песната ја прослави покојниот Гоце Николовски, и целата земја ја пееше за време на прогласувањето на македонската независност. Но, вчудоневидува што некои професори или новинари, блиски до СДСМ или во коалиција со оваа партија, ги критикуваа ракометарите затоа што ја пееле оваа песна и бараа тие да бидат суспендирани. Почнавме да им забрануваме на Македонци да пејат македонски песни.

Кога Шанавдитхит стана Ненси Ејприл, нејзиниот идентитет беше украден и загубен засекогаш. Интересен пресврт е што Шкотска реши конечно да ги врати во Канада посмртните останки на двајца припадници на народот Беотук, сопружниците Ноносабасут и Демасдуит, кои се чуваат во Националниот музеј на Шкотска. По игра на судбината, Демасдуит била тетка на Шанавдитхит.

Не е наше да правиме споредби меѓу Беотук народот или некоја друга домородна група низ светот, кои претрпеле многу полоши судбини и се истребени. Не сакаме исто така да ги банализираме зборовите геноцид или етничко чистење, особено имајќи ги предвид бруталните масакри кои беа извршени врз разни етнички групи во подалечното и поблиското минато, како што се Холокаустот и геноцидот во Руанда. Сакаме,сепак, да ја претставиме навидум надреалната, но многу реална стратегија со која во 21 век се бришат културата, јазикот, историјата и идентитет на цела една етничка група. Ова се прави денес. Кога ќе стане премногу очигледно дека големите сили го бришат идентитетот на цела една етничка група, тие наметнуваат политики со кои се врши притисок врз државата додека таа самата не имплодира одвнатре.

Овој процес почна пред 28 години, бавно се чекаше на вистинскиот момент, на совршената бура. Заев е совршената бура. Тој е најдобриот можен кандидат за наметнување на американските и европските интереси, и лично профитира заедно со марионетите од СДСМ и колегите од ВМРО-ДПМНЕ, а сето тоа на сметка на Македонците. Грција и Бугарија ќе ни ја пишуваат историјата. Ќе станеме Бугари од шестиот век до 1944 година. Од 1944 до 1991 година ќе бидеме сметани за комунистичка творба, создадена од Маршалот Тито. Од 1991 година до денес ќе бидеме збунети Бугари. Македонците во северна Грција? Тие нема да постојат. Турските христијани и другите народи кои живеат во регионот ќе бидат прогласени за Македонци, наместо етничките Македонци кои живееле таму со векови. Нашата историја ќе почнува во 2019 година, без корени.

Вака ќе пишува во идните енциклопедии, вака ќе се предава во идните училници, ова ќе пишува во идните книги, и во децениите што доаѓаат ние постепено ќе бледнееме во академско, етничко, културолошко, јазично и историско непостоење. 1984 од Џорџ Орвел станува реалност за нас.

Македонци, дали ќе си ја спасиме државата?

Само едно решение може да ја спречи катастрофата. Македонците кои живеат во Републиката мора масовно да протестираат, стотици илјади да излезат секој ден, да бидат подготвени да жртвуваат се, додека не ја натераат Владата да отстапи.

Ние сме Македонци, а Нашето Име Е Македонија.