Macedonian Human Rights Movement International
Соопштение за медиумите
ММДЧП и АМКЧП го поздравуваат барањето на градоначалникот на Овчарани за прогласување на македонскиот јазик како службен јазик во Грција

Pando Ashlakov Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и Австралиско-Македонскиот комитет за човекови права (АМКЧП) го поздравуваат барањето на градоначалникот на Овчарани за прогласување на македонскиот јазик како службен јазик во Грција и вклучување на јазикот во сите нивоа на основно и средно образование, како и барањето за враќање на оригиналните македонски топоними.

Градоначалникот на Овчарани, Пандо Ашлаков е истовремено и член на одборот на партијата Виножито, која е партнер на ММДЧП и АМКЧП во борбата за човекови права на Македонците.

Ве молиме да ја прочитате веста долу, во врска со овој многу значаен настан.

Помогнете им на Македонците низ целиот свет да се борат против кршењето на основните човекови права со кое што секојдневно се соочуваат и зачленете се во Фондот за човекови права на ММДЧП и Фондот на АМКЧП за поддршка на македонските малцинства. ММДЧП и АМКЧП се единствените организации во македонската дијаспора кои што финансираат и организираат активности поврзани со заштитата на човековите права на Македонците на Балканот. Вашите донации ќе бидат наменети за финансирање на значајни активности во борбата за обезбедување на човековите права на Македонците.


###

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година. За повеќе информации:
www.mhrmi.org, twitter.com/mhrmi, facebook, info@mhrmi.org, 1-416-850-7125.

Основан во 1984 година, Австралиско-Македонскиот Комитет за Човекови Права (АМКЧП) е невладина организација која се залага за информирање на влади, меѓународни институции и пошироката јавност / заедници за борбата против дискриминацијата и промовирање на основните човекови права. Нашиот стремеж е да се осигура дека македонските заедници како и другите исклучени групи низ целиот свет се признати, почитувани и уживат во правичен третман. За повеќе информации, посетете ја www.macedonianhr.org.au, или контактирајте со АМКЧП на info@macedonianhr.org.au или на телефон +61 3 93298960.


Македонците од Грција: Македонскиот јазик да стане официјален

http://kurir.mk/makedonija/vesti/110267-Makedoncite-od-Grcija-Makedonskiot-jazik-da-stane-oficijalen

Во сите образовни институции (основни училишта и гимназии) во општината Мелити (Овчарани) да се учи на македонски јазик. Сите топографски имиња на територијата на општината да бидат двојазични и сите официјални ознаки на јавните објекти да имаат написи на грчки и на македонски јазик.

Ова се двете главни барања на градоначалникот на општината Овчарани во Грција, Панајотис Анастасиадис, кои се испратени до градоначалникот на Лерин, надлежна општина за регионот Западна Македонија и до министерот за образование. Писмото е испратено на 26 март, а е објавено вчера на интернет страницата на весникот на Македонците во Грција "Нова зора". (
http://novazora.gr/arhivi/7655)

Во писмото, како што пренесува "мкд.мк", Панајотис Анастасиадис потсетува дека Грција како членка на ЕУ е потписник на Повелбата за основните права на ЕУ каде во член 21 се наведува дека земјите-членки се должни да ја заштитат јазичната разновидност и да спречат какви било дискриминаторски мерки против нив. Освет тоа, посочува градоначалникот на Овчарани, земјите членки на ЕУ се должни да го заштитат и да ја поттикнат употребата на малцинските јазици кои се зборуваат на нивната територија дури и тогаш кога тие не се официјално признати.
- Дозволете ми, исто така, да ве потсетам дека нашата земја е потписник, но за жал се уште не ја ратификувавме, на Рамковната конвенција на Советот на Европа за регионалните и малцинските јазици. Меѓу другото, оваа конвенција предвидува признавање на овие јазици како израз на културното богатство, почитување на географската област каде што се зборува таков јазик и, особено, олеснување и поттикнување на користење на јазикот во писмена и усна форма, како во јавниот, така и во приватниот живот", пишува во писмото Панајотис Анастасиадис (Панде Ашлаков).

Градоначалникот на Овчарани потсетува дека токму во овој дел од Грција, населението не наидува на добронамерна заштита од државата во однос на употребата на јазикот што го зборуваат.
- "Граѓаните тука се отсечени од се. Невработеноста расте, а се појавија и одредени феномени како што е Златна Зора, што сите нас, кои сме дел на поинаков јазичен и културен идентитет, не плаши кога гледаме дека Грција со голема брзина се враќа во минатото, минато кое беше полно со бегалци, забрани и страв.

Со оглед на сето ова, мислам дека е време да покажеме дека Грција со право се смета за модерна европска држава која ги почитува правата на сите граѓани, без оглед на етничкото или јазично потекло. Како претседател на локалниот совет на Мелити секојдневно добивам по стотина барања на граѓани од поширокиот регион во кои се бара непречено користење на нивниот мајчин, македонски јазик во сите аспекти на јавниот живот. Со прифаќањето на ова барање Грција ќе покаже дека не подлегнува на носталгичните сеќавања на фашизмот и дека гледа напред. Со ова ќе се создадат услови сите оние кои зборуваат на македонски јазик и конкретно со дела, да се почувствуваат дека се дел од оваа држава и нејзини рамноправни граѓани.

Со нетрпение го очекуваме вашиот позитивен одговор да се укинат овие историски, социјални и економски неправди кои, за жал, за одреден дел од граѓаните на Грција трае со децении", пишува Панајотис Анастасиадис во писмото до градоначалникот на Лерин.