Macedonian Human Rights Movement International
Шест децении од крајот на Граѓанската војна во Грција

Шест децении од Граѓанската војна во Грција Граѓанската војна еден ден треба да заврши и за нас, а тоа ќе се случи тогаш кога грчките власти без предрасуди и дискриминаторски закони ќе им дозволат на некогашните учесници, но и протерани деца кои не се Грци по род слободно да ја посетуваат Грција. Продолжуваме и бараме дијалог во рамките на меѓународните и правните норми ова право што го оспорува Грција да биде сфатено од Европа, која конечно "мора да чуе, а не само да слуша".

Ваква порака беше упатена вчера од Академијата во Домот на армијата во Скопје, со која беа одбележани 60 години од трагичниот крај на Граѓанската војна во Грција. Илјадници Македонци од Егејска Македонија учествуваа во Граѓанската војна (1946-1949) во редовите на Демократската армија на Грција, а над 20.000 деца беа "евакуирани" пролетта 1948 година на кои денес како не Грци по род им се оспорува правото на државјанство, на имоти, па дури и слободно патување во Грција.

Архимандритот Никодим Царкњас, поборник на правото на вероисповед на македонски јазик во Грција, ги повика присутните да им се оддаде почит на загинатите за време на војната, но и на оние кои расфрлени низ светот никогаш не успеаја да се вратат во родните градови и села. "Се радуваме дека доживеавме да видиме слободна и самостојна Македонија и очекуваме во една обединета Европа сите граѓански права да ги остварат и Македонците во Грција", рече Царкњас. Партијата Виножито со писмо го поздрави собирот што го организираше Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејска Македонија и Секцијата на Првата македонско-егејска ударна бригада.

"Работите се движат во добар правец", оцени Георги Доневски од Сојузот, кој за новинарите изјави дека паралелно со барањата упатени на адреса на релевантни меѓународни институции за укинување на дискриминаторските закони во Грција, во грчките судови почнуваат процеси поврзани со имотите на протераните Македонци од Грција.

Извор: "Утрински весник"