Macedonian Human Rights Movement International
Ослободителни пресуди за лидерите на "Виножито"

Четворицата лидери на партијата на македонското национално малцинство во Грција "Виножито" на судскиот процес одржан вчера во Лерин, Грција се ослободени од обвиненето за делото од шести септември 1995 година, јавува Македонската Телевизија. Лидерите на "Виножито", Костас Тасопулос, Петрис Василидис, Василис Ромас и Павлос Воскопулос, одговараа пред грчкиот Суд бидејќи пред канцеларијата на нивната партија во Лерин ставиле двојазична табла на која на грчки и македонски јазик пишувало - "Виножито Лерински комитет". Иако од страна на обвинителството во Лерин таблата истиот ден била симната од пред канцеларијата, против лидерите на "Виножито" е покренато обвинение дека се огрешиле спрема грчкиот закон врз основа на членот 192, односно дека предизвикале вознемиреност, неслога и омраза меѓу граѓаните. Судскиот процес веќе еднаш беше закажан за 14 октомври минатата година, но тогаш најверојатно поради острите реакции од повеќе меѓународни организации за заштита на човекови права беше одложен. Притоа од повеќе страни до грчката влада беа упатени обвиненија дека продолжува со политиката на дискриминација што се спровдуваше изминатите години против Македонците, како и дека врши груба повреда и кршење на основните права за слободно изразување, за почитување на јазикот, како и на националниот и културниот идентитет на еден народ. Во пресрет на вчерашниот судски процес на кој по скоро десетчасовната расправа лидерите на "Виножито" добија ослободителни пресуди инаку со соопштение се огласи организацијата "Виножито" барајќи грчката држава наместо да ја санкционира употребата на македонскиот јазик, да преземе мерки за негова заштита и негување. Од страна на "Виножито" притоа е побарано да се донесе закон за слободна употреба на македонскиот јазик, одржување на настава на македонски јазик во деловите на Грција каде живеат етничките Македонци и создавање на центар на македонски јазик во рамките на факултетското образование. По повод вчерашното судење меѓу другите се огласи и организацијата "Амнести интернационал" повикувајќи ги грчките власти да ги повлечат обвиненијата против лидерите на "Виножито" бидејќи не постојат никакви индикации дека тие се залагале за насилство или потикнувале омраза. "Амнести Инетранционал" притоа оцени дека кривичното гонење против обинетите претставува кршење на членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права која и Грција ја ратификувала. По повод судењето исто така се огласи и Здружението на Македонците од егејскиот дел со седиште во Битола, апелирајќи до светската демократска јавност да ја принуди Грција да престане со монтираните судски процеси, како и безусловно да ги признае човековите права на етничките Македонци кои живеат во Грција.