Click to print

Соопштение за медиумите

ММДЧП го осудува усвојувањето на неуставниот Закон за јазици и бара реакција од претседателот Иванов

12 јануари, 2018

Македонското меѓународно движење за човекови права го осудува изгласувањето на Законот за јазиците во македонското Собрание од 11 јануари, 2018 година. Овој закон е не само неуставен, затоа што му доделува официјален статус на албанскиот јазик без потребното двотретинско мнозинство во Собранието, туку тој и сериозно ги дискриминира оние коишто го говорат досега единствениот официјален јазик, македонскиот, и оние од другите малцински јазици, како што се турскиот, ароманскиот, српскиот и ромскиот. И згора над се’, тој содржи и казнени одредби кои предвидуваат огромни казни за официјалните и други лица кои би го прекршиле. Слични казнени одредби не се содржат во Законот за употреба на македонскиот јазик. Овој закон не е создаден за да ги одбрани правата на Албанците во Македонија, како што лажно тврдат неговите поддржувачи, туку за да се унапреди една федералистичка, сепаратистичка и екстремно националистичка агенда, чија цел е да ја редефинира, а потоа и да ја подели Македонија.

ММДЧП ја осудува Тиранската платформа која го создаде Законот за јазиците, и нејзиното прифаќање од страна на бескичмените македонски политичари, со оглед на тоа што овој закон е производ на преговори во главен град на странска држава - Тирана, Албанија - и со оглед на тоа дека тој сака да ја промовира идејата дека Македонија треба да биде бинационална, двојазична, федерална држава во која етничкото албанско малцинство, кое не надминува околу 12-15% од популацијата, се претставува како конститутивен народ. Усвојувањето на ваква платформа има сериозни импликации за опстанокот на македонската држава, бидејќи Тиранската платформа експлицитно повикува на денационализација на Македонија и на промена на нашето име, идентитет, знаме, химна и грб.

Гласањето на владејачката партија, Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) за овој Закон во Собранието не е ништо друго освен бесрамна капитулација во борба за власт која ќе го дообезличи македонскиот идентитет и култура, не само во Република Македонија, туку и низ Балканот, каде на македонското малцинство му се ускратени дури и најосновните човекови права.

Во средбите со Стејт Департментот на САД, Глоубал Афеарс Канада и други, ММДЧП прашува дали истото промовирање на „двојазичност“ ќе се примени за македонското малцинство во Грција и турското малцинство во Бугарија, на сметка на грчкиот и бугарскиот карактер на тие две нации.

Прифаќањето на Тиранската платформа, под превезот на „човекови права“, од страна на западните поддржувачи на албанските екстремисти е навреда на се’ она што тврдат дека го застапуваат САД, Европската Унија и Обединетите Нации. Демократијата и владењето на правото се прегазени само за да му се дозволат на малото албанско малцинство „натчовечки права“ за сметка не само на мнозинското население, туку и на секое не-албанско малцинство во земјата. Бришењето на себе-определбата на мнозинското македонско население - ни помалку ни повеќе, туку во Република Македонија - само ја илустрира анти-македонската пристрасност на Западот, и најпосле ќе доведе до уништување на цела една земја.

ММДЧП бара членствата на сите македонски политички партии одлучно да се спротистават на усвојувањето на овој закон со сите демократски и правни средства. Го повикуваме претседателот Ѓорге Иванов да го употреби своето право на вето и да не го потпише овој закон заради неговата очигледно неинституционална природа. Го повикуваме македонскиот народ и сите македонски граѓани кои припаѓаат на помалите етнички групи, како што се Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците, на мирен начин да ги применат сите правни средства што им се на располагање за да го спречат прогласувањето на албанскиот за втор официјален јазик. И го повикуваме македонскиот народ да го употреби своето право на слободно изразување и да се соедини во одбрана на Македонија, да се собере масовно и да протестира против овој предавнички, неуставен и антимакедонски закон и да побара политичарите да застанат во одбрана на нашата земја, и нашите најосновни човекови права.

Соодветно на ова, еден политичар кој застанал во одбрана на својата земја, Министерот за трговија на Канада, Франсоа-Филип Шампањ, денес во врска со односите на Канада со САД рече: „Кога луѓето ќе видат дека имате став, ве почитуваат.“ Ова е истата порака што ММДЧП им ја повторува на македонските политичари уште од независноста во 1991. Барајте почит за Македонија и за нашиот македонски идентитет, и светот ќе ни помогне. Придружете се во кампањата на ММДЧП, „Нашето име е Македонија“ и прекинете ги расистичките, деградирачки, антимакедонски преговори за името, кои се клучното прашање кое влијае на сите аспекти од животот во Македонија и кое доведе до Законот за јазиците - и светот ќе не’ поддржи. Искористете ги Македонците кои живеат надвор од Македонија, кои одлучно ја бранат Македонија и кои знаат како размислува Западот. Бранете се себеси, па ќе ве брани и светот.


###

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година. За повеќе информации: 1-416-850-7125, info@mhrmi.org, www.mhrmi.org, twitter.com/mhrmi, facebook.com/mhrmi, mhrmi.org/OurNameIsMacedonia.