Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
 
Интервју со членот на колективното раководство на партијата “Виножито“, Павле Филипов Воскопулос

Прифаќам префикс „етнички Македонец“

11 јануари, 2010

Read this page in English

Отпечати ја страницата

Pavlos Filipov Voskopoulos Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Димитрис Друцас, треба да објасни по кои критериуми и стандарди се прогласува за Македонец, а мене и на многу други граѓани ни го оспорува истото право, јавно прашува Павле Воскопулос, член на колективното раководство на „Виножито“, партија на Македонците во Грција. Тој смета дека изјавите како тие на Друцас претставуваат промоција на неонацизмот во таа земја, во која целосно се негира постоењето на посебен македонски етнички идентитет.

Што за Вас значи кога министерот Друцас, инаку роден на Кипар, јавно кажува дека „се родил и дека ќе умре како Македонец“?

- Ова, само на свој начин индиректно потврдува една загубена грчка позиција кога е во прашање идентитетот на граѓаните во Грција. Само „загубен“ човек аргументира за „потеклата“. Едноставно, не може во Грција да поседуваш два идентитета со иста конотација и одредување - да бидеш Грк и да бидеш Македонец. Зашто македонскиот идентитет како различен од грчкиот е реалност и факт, не само на Балканот туку и на меѓународно ниво. Грција ја присвојува македонштината како дел од грчкиот идентитет по 1912 година. Грчката идеологија, грчкиот мит, не признава друг, различен, македонски идентитет, а тоа грчкиот национализам 90 години им го сервира на грчките граѓани. Еве, ако треба да се направи разликата, бидејќи тука македонштината е поистоветена како дел од грцизмот, јас сум подготвен да добиеме и додавка на нашето име во име на некој си, демек, компромис и техничко решение, бидејќи Грција сака ексклузивитет со терминот „Македонец“. Прифаќам да бидам, на пример, „етнички Македонец“. Грција нека си го одредува грцизмот или „грчката македонштина“ како сака, само да го почитува и моето определување. Еве одличен префикс - „етнички“, бидејќи таков префикс не се користи во Грција. Дали Друцас или другите во Грција би го прифатиле и би се согласиле со ова? Околу „раѓањето“, која е аргументацијата на Друцас? Сакам да знам со кои аргументи ќе ми се одземе и мене таквото право. Ние чекаме да ни одговорат како треба да се изјасниме - според „раѓање“ ли или по нешто друго? Основен принцип и основно човеково право е дека индивидуата или колективитетот си го сфаќаат идентитетот едноставно спрема свеста, така и треба да биде почитувано.

Во првичната реакција како партија искажавте став дека станува збор за изјави од арсеналот на тоталитарни идеологии од времето на нацистичка Германија?

- Изјавите дека идентитетот се добива со раѓање, т.е. од раѓањето асоцираат токму на нацистички тоталитарни идеологии. Нацистите зборуваат за „ариевското“ потекло, дека се раѓаат како „ариевци“. Катастрофално е кога некој го определува идентитетот преку раѓањето и потеклото, и тоа го насочува кон гените. Еве апсурден пример поврзан со „генетски идентитет“. Замислете да има некое дете што е посвоено во Грција веднаш по раѓањето, откако претходно го родила една венецуелско-лапонска брачна двојка. Сега тоа дете го посвоила брачна двојка од татко-Грк и мајка-Австријка и тие живеат во Грција. Колку за информација, и мајката на Друцас е Австријка. И сега, кога ќе порасне, што ќе рече тоа дете за себе? Дека е Грк? Дека е мешан? А кој може да каже што биле неговите вистински родители и нивните предци? Каде е почетокот и каде е крајот околу потеклото, како ќе одговара на прашањето за идентитетот спрема потеклото? Смешно е, нели. Во модерно време прашањето на идентитетот се искажува преку правото на самоопределување, при што индивидуата и колективитетот си го сфаќаат идентитетот спрема свеста, при што треба да биде почитувано личното определување. Но, знаеме многу добро дека државните, националните идеологии ги „хранат“ национални идентитети со славно минато, славни потекла, има национални митови. Сепак, да се прави ексклузивитет од потеклото и да се поврзува директно идентитетот со потекло-раѓање е деструктивна идеологија.

Истото важи и за деструктивците во Република Македонија и треба да се каже дека е доста со оваа дискусија во Македонија околу, демек, славното потекло од антиката. Нема потреба бидејќи има едно многу убаво минато од хомо сапиенс до ден-денес на овие простори. На Балканот името Македонија се користи во античко време и во разни историски периоди. Но нема потреба ние како современи Македонци да се потпираме селективно на Александар или на Филип, или на Самуил, или на некои си Словени, или кој било селективно. Колку што подлабоко копаш, толку повеќе си го оспоруваш идентитетот. Бидејќи, едноставно, мојата свест ми ја одредува македонштината како посебен мој идентитет, различен од другите народи на Балканот.

Решавањето на македонско-грчкиот спор се пролонгира во наредните шест месеци. Мислите ли дека ќе се дојде до компромисот?

- Добра страна е што конечно и во Република Македонија сфатиле дека попречување на стабилизација на земјата преку спорот со името се крие во нападот на македонскиот идентитет. Зашто преку името на државата се дефинираат народот и идентитетот засекогаш во иднината. Секако, ќе дојде време и за постнационални идентитети и колективитети, но ова е тема за друг разговор. Некои во Република Македонија може да се радуваат кога им се вели дека се наследници на Александар, но во Европа само кога ќе кажеш „ама, наша историја...“ тогаш почнува да им се блуе. Исто како што им се блуеше на Европејците во изминатите петнаесетина години на грчката аргументација околу ексклузивитетот за минатото и за историјата. На грчките политичари по петнаесет години им текна да не ја споменуваат историјата за да не ја слабат грчката, веќе загубена, позиција. Република Македонија поради познатите грешки со антиквизацијата, може да настапува конструктивно со тоа што ќе дава предлози за решавање на спорот. Би се израдувале кога би виделе дека политичките струи излегле од тапкањето во место, од препукувањата еден со друг и од непродуктивно клеветење за предавства и од патриотизмот. За да ти помогне меѓународниот фактор потребно е да имаш конкретни предлози, а за тоа се одговорни сите политички структури во Република Македонија.

Морам да потенцирам нешто многу важно за нас тука. Како што е деструктивно да се предлага некаков компромис со географски префикси, така исто деструктивно е кога се зборува за антиката и за потеклото. Со историската аргументација нашата иднина со векови ќе биде конфликтна и исполнета со „присвојувањата“ на нечии славни истории. Ќе се караат и ќе се делат народите на Балканот.

Но, уште полошо е географските префикси да асоцираат на „делење“, „обединување“, „ослободување“ лесно промовирани од деструктивните елити во иднината и во Македонија и во Грција. На Европа и пошироко може аргументирано да и' се објаснува за нерелевантноста од овој „географски тип решение“. На тој начин и преку потребните реформи во државата и со трпение, успехот ќе дојде.

Бранко Ѓорѓевски - Дневник, Скопје

 
Join Us Videos Follow Us



ACT NOW and SHARE

Macedonian newspaper
in Albania

Proudly supported by MHRMI

MHRMI needs your support

Can you spare a dollar a day for Macedonian human rights?
The Macedonian human rights movement in all parts of Macedonia is stronger and showing more potential than ever, but we need your help to continue our progress. Get involved. Volunteer. Donate. Join the MHRMI Dollar a Day fund and make a difference.

You can make a difference for Macedonians struggling to achieve their human rights. Please do it today. Thank you for your support.


Click here for more info
June 2016


Search the Web
Search the MHRMI Archives
 
© 1997-2017 Macedonian Human Rights Movement International - All Rights Reserved.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting